02.05.2019
Образование
Во Флорида наставниците ќе можат да носат оружје во училница
Законодавната власт на Флорида одобри закон кој им дозволува на наставниците да носат пиштол во училниците, како мерка за спречување ситуации како што беше смртоносниот оружен напад во средно училиште во Паркленд минатата година.
Парламентот на Флорида, кој го предводат републиканците, гласал со 65 гласа „за“, а 47 се изјасниле „против“.
Новата мерка ќе им овозможи на училиштата да учествуваат во волонтерската програма „Гардијан“, преку која ќе им се овозможи носење оружје на оние наставници што ќе поминат 144 часа обука и доколку тоа го одобрат нивните локални училишни одбори. Наставниците што сакаат да носат оружје ќе мора да поминат обука со полиција и психолошка процена.
Поранешен ученик на 14 февруари 2018 година влегол во средното училиште „Марџори Стонмен Даглас“ во Паркленд, вооружен со полуавтоматска пушка, и убил 17 лица, додека други 17 биле повредени.
Извор: МИА