Секоја година при уписите на првачињата се прават притисоци врз директорите и наставниците кое дете во која паралелка да влезе и кај кој наставник да се падне. Директорите велат дека се обидуваат на секој начин да го испочитуваат системот
Секоја година родителите прават сѐ поголеми притисоци врз вработените во училиштата при уписите за првачињата. Се одбира паралелка, училиште, па дури и со кои другарчиња да падне нивното дете, а работата оди дотаму што се одбира и наставничка. „Оваа наставничка не е добра за моето дете“, „Овој наставник не сакам да ми го учи детето“, „Оваа наставничка ми го учеше првото, па сакам и второто дете“... се само дел од коментарите што ги добиваат директорите на основните училишта.
И покрај притисоците, се почитува системот
Според една одделенска наставничка, која долги години е во образовниот систем, се надминува секоја граница во правењето тензија и притисок при упис во училиште.
- Се фаќаат врски од сите страни, се јавуваат од општина, од министерство... Притисокот најмногу го чувствуваат директорите. Јас лично немам притисок, ама она што го гледам ги поминува сите граници. Нѐ одбираат нас, наставничките, како да сме лубеници на пазар, тоа е неблагодарно. Ние сме во служба на родителите и децата, ама мислам дека заслужуваме малку почит и да се почитува системот. Моментот со фаќањето врски веќе сериозно ескалира - вели учителка од едно основно училиште.
Директорката на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Катерина Атанасова, ни изјави дека си постапува согласно законот и дека нема притисок при упис на ученици.
- Согласно законот, приоритет имаат учениците од реонот, а потоа ги прифаќаме и сите деца од другите реони доколку има простор. Ние однапред утврдуваме паралелки согласно наставниот кадар и можам да кажам дека има голем интерес за упис во нашето училиште затоа што сепак е во Центар и има добар рејтинг, важи за почитувано училиште. Постапувам согласно законот и слободно можам да кажам дека немам никаков притисок при уписите на првачињата и учениците ниту од Општината ниту од Министерството за образование и наука. Што се однесува до родителите, може да имам некоја молба, барање, меѓутоа, доколку нема простор, не можам ништо да направам, доколку има простор, го примаме детето. Евентуално доколку се ослободи простор, секогаш сме отворени за сите што аплицираат - вели директорката Атанасова.
За едно дете врски од неколку страни
И Никола Стојковски, директор на Основното училиште „Страшо Пинџур“ во Општина Ѓорче Петров, ни сподели дека постојано има притисоци од родителите, иако не
од многу родители, затоа што уште при уписите училиштето има практика да им дозволи на родителите да одбираат учителка и потоа доколку сѐ е во ред, желбите им се исполнуваат и ретко кој е незадоволен.
- Притисоци има секоја година, се оди дотаму што се јавуваат по неколку луѓе, од неколку страни се фаќаат врски за едно дете. Годинава за едно дете среќа имав огромни притисоци и секако не дозволив да не го испочитувам првично мислењето на наставникот и колегиумот. Воопшто не е коректен ваквиот однос од страна на родителите, но тие продолжуваат да пробуваат да си ги исполнат своите желби на секој можен начин. Инаку, како училиште имаме практика уште при уписите да им дадеме можност на родителите да напишат кај која учителка сакаат или слично, и на крај, доколку има баланс, да им ги оствариме желбите. Секако, повеќето родители се свесни за своите деца и најчесто одбираат наставник кој сметаат дека е посоодветен за нивното дете, од практични причини - споделува Стојковски.