X
 02.07.2018 Економија

Кои се најголемите финансиски победници и губитници на Светското првенство во Русија?

По завршувањето на првата половина на Светското првенство во Русија веќе може да се прогласат најголемите (не спортски) финансиски и морални победници и губитници. Меѓународната фудбалска организација - ФИФА води на листата на победници и е веќе убедлив финансиски победник. ФИФА ќе заработи повеќе од 6 милијарди долари, што е за 25 отсто повеќе од Светското првенство во Бразил во 2014 година кога остварила приход од 4,8 милијарди долари.

Од телевизиските права, ФИФА тогаш заработила 2,43 милијарди долари, додека спонзорите ѝ донеле дополнителни 1,6 милијарда долари. Од продажбата на влезници заработила 527 милиони долари. Со оглед на тоа што Светското фудбалско првенство е глобален и медиумски феномен што им го привлекува вниманието на сите луѓе, се очекува оваа година 64 натпревари преку телевизиските екрани да ги следат над 3,2 милијарди луѓе низ светот. Само од ова ФИФА ќе заработи околу 3 милијарди долари.

putin
Фото: AFP


Путин е најголемиот победник на фудбалското првенство

Уште сега може да се прогласи и најголемиот нематеријален победник на првенството: рускиот претседател Владимир Путин. Тој потврди колку добро ја разбира и ја признава важноста на спортот и големите спортски случувања за промоција на својата земја. Фудбалското првенство целосно ќе го промени негативниот тренд што некое време го има Русија, велат експертите за односи со јавноста.

Со денови весниците и телевизиските новинари се натпреваруваат за тоа кој ќе подели повеќе комплименти за успешната организација на првенството, со која Путин ја демонстрира целата моќ и сила на Русија, но и топлината и гостопримството на домаќините. Во исто време, стотици илјади туристи од целиот свет се преполни со позитивни искуства и впечатоци.

Од туристите, Русија ќе заработи меѓу 2,5 и 4 милијарда долари


Се проценува дека до крајот на првенството Русија ќе ја посетат помеѓу 1,5 и 2 милиона навивачи. Повеќето од нив ќе потрошат просечно помеѓу 5.000 и 8.000 долари за храна, сместување, сувенири, забава, со што се очекува заработка меѓу 2,5 и 4 милијарди долари. Истовремено, потрошувачката ќе придонесе за зголемување на рубљата.

Владимир Ројанковски, инвестициски аналитичар во московскиот финансиски центар, смета дека се случува процес што бил виден пред 27 години по падот на СССР. Тогаш западните туристи почнале да ја посетуваат Русија и да ги откриваат нејзините природни убавини и културно богатство. Денес се случува нешто слично.

- Многу угледни весници и ТВ-канали почнаа да ја претставуваат Русија како пријателска земја, што несомнено ќе влијае како магнет за туристите.

За изградба на стадиони, помошни спортски објекти, инфраструктура, подобри транспортни врски и организирање културни настани, организаторите потрошиле 13,2 милијарди американски долари.

Околу 8,9 милијарди долари се потрошени за подобрување на јавниот транспорт и изградба на спортски објекти, додека 4,1 милијарди биле инвестирани за изградба на модерни и скапи стадиони. Парите не биле фрлени залудно, бидејќи Русија за возврат доби неверојатна промоција.

Најголем финансиски губитник е германската економија


Најголем губитник не само што е репрезентацијата на Германија, туку и германската економија. Поради неуспехот на германската репрезентација, илјадници ресторани, простори на отворено, пивници, тераси и кафулиња што во Германија беа подготвени за колективно гледање на преносите од Светското првенство останаа празни.

Посебен проблем претставуваат рекламите на телевизија, во дневните весници и на интернет-порталите. Кој ќе сака да гледа реклами со Томас Милер?

Светското првенство на крајот ќе значи сериозна загуба и за германскиот фудбалски сојуз. Според сегашните процени, загубата би можела да изнесува околу 1,7 милиони евра. Целата мисија за одбрана на круната чинела 11 милиони евра. Парите би можеле да се вратат само ако Германија се пласираше во полуфиналето.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија