Расте меѓународната загриженост поради ескалацијата на превирањата во Јужен Кавказ како што продолжува да расте конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан, заканувајќи се дека ќе ги привлече регионалните сили и ќе ја дестабилизира областа што служи како важен коридор за енергија за глобалните пазари.
Понеделникот беше втор ден на судири меѓу Ерменија и Азербејџан, две поранешни советски републики вовлечени во конфликтот околу спорната територија на Нагорно-Карабах речиси три децении.
Зошто сега се борат Ерменија и Азербејџан?
И двете страни се обвинуваат за избувнувањето на конфликтот, кој почна во неделата.
Во Азербејџан државните медиуми соопштија дека при гранатирањето од страна на ерменските вооружени сили биле ранети и убиени цивили, без да го прецизираат бројот на жртвите. Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека војниците вратиле стратешка висока точка претходно контролирана од Ерменија. Националното собрание на Ерменија одговори дека Азербејџан е одговорен за голем вооружен напад, вклучувајќи таргетирање мирни населби со оружје од голем калибар, неселективни напади врз цивили и цивилни инфраструктури.
Проерменските власти во Нагорно-Карабах објавија дека 27 војници биле убиени во понеделникот, покрај 15-те во неделата.
- Многу е тешко, многу е опасно, но практично секоја година имаме нешто слично - вели Алексеј Малашенко, главен истражувач од Институтот „Дијалог на цивилизации“, германски тинк-тенк со седиште во Москва.
Зошто Нагорно-Карабах е точка на расправија?
Во 1988 година пораснаа тензиите во планинската енклава која сè уште беше дел од Советскиот Сојуз. Ерменците, кои се доминантна етничка група во областа што се наоѓа до границите на Азербејџан, се кренаа да бараат обединување со Ерменија. Ереван го презеде регионот за време на шестгодишната војна, која однесе околу 30.000 животи и расели стотици илјади луѓе.
Насилството заврши со прекин на огнот во 1994 година, што го замрзна конфликтот по должината на границата, позната како линија на контакт, меѓу двете страни. Никогаш не бил потпишан мировен договор. Азербејџан долго време се закануваше дека ќе го врати регионот со кој сега управуваат етнички Ерменци.
Нестабилната провинција беше зафатена со судири во јули, при што загинаа најмалку 16 лица.
За што станува збор?
По падот на Советскиот Сојуз, Азербејџан се обиде да ги извезува својата нафта и гас без да се потпира на руската гасоводна мрежа. Привлече западни инвеститори, поставувајќи низа нафтоводи и гасоводи што ѝ овозможуваат да ја пренесе својата енергија од Каспиското Море на меѓународните пазари.
Гасоводот завршен во ноември минатата година поминува близу фронтот на конфликтот и се протега низ цела Турција, а има цел да помогне во олеснувањето на зависноста на Европа од увоз на руски гас.
Но, аналитичарите велат дека е малку веројатно некоја од страните да ризикува оштетување на енергетската транспортна инфраструктура.
- Ризиците од физичко уништување за време на овие борбени дејства се јавуваат само ако почне целосна војна меѓу Азербејџан и Ерменија по целата должина на нивните граници - вели Игор Јушков, виш аналитичар на рускиот Национален фонд за енергетска безбедност, кој го проучува влијанието на политичките фактори врз енергетската индустрија.
- Сè додека борбените дејствија се одвиваат само на територијата на Нагорно-Карабах, гасоводите и нафтоводите веројатно нема да бидат оштетени.
Фото: Screenshot/YouTube
Кои се регионалните играчи?
Турција, која може да се пофали со втората по големина армија на Северноатлантскиот договор по САД, покажа дека може брзо да ги проектира воените сили со неодамнешните интервенции во Сирија и Либија.
Друга регионална сила е Иран - кој има односи и со Ереван и со Баку - и повика на прекин на огнот и почеток на преговорите.
Русија е далеку подоминантна воена сила на Кавказ. Воената моќ на Москва се виде минатата недела со организација на мултинационална вежба наречена „Кавказ 2020“, во која учествуваа трупи од Кина, Иран и Ерменија, со вежби кои се протегаа од Црното Море до Каспиското Море.
Каков е одговорот на Кремљ?
Русија, која има блиски врски и со Ерменија и со Азербејџан, а поранешните советски републики ги смета за свој двор, понуди да посредува.
- Русија секогаш заземаше балансирана позиција и токму оваа позиција ѝ дава можност да го искористи своето влијание и традиционално добрите односи со двете земји - и со Азербејџан и со Ерменија - изјави во понеделникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Но, руските врски со двете нации ја ставаат Москва во ранлива позиција, велат аналитичарите.
- Секој руски чекор може да се смета како непријателски и ова е прилично тешка ситуација за руската надворешна политика. Затоа Русија се обидува да ги стави двете страни на маса за да почне нова рунда преговори - вели Станислав Притчин, виш научен соработник во Центарот за постсоветски студии при Националниот истражувачки институт за светска економија и меѓународни односи во Москва.
Како реагираше Турција?
Турција, која ја затвори границата со Ерменија во раните 90-ти години во знак на солидарност со Азербејџан, вети дека ќе застане покрај Баку.
- Ерменија уште еднаш докажа дека е најголема закана за мирот и спокојството во регионот. Како и секогаш, турската нација стои со своите браќа Азербејџанци со сите свои средства - изјави во неделата турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Турција го смета азербејџанскиот народ како роднина, дел од турското братство кое се протега од Балканот до Централна Азија. По јулските препукувања меѓу Баку и Ереван, Турција организира двенеделни копнени и воздушни воени вежби во Азербејџан.
Кои се воените сили на теренот?
По речиси три децении смирувања и конфликти, регионот е силно милитаризиран. Ерменија има договор за одбрана со Русија, која обезбедува најголем дел од својата воена опрема и одржува две бази во земјата. Азербејџан, исто така, во голема мера се потпира на руската опрема, но ги менуваше своите добавувачи, особено при купувањето беспилотни летала за надзор и напад од Израел.
Ерменија го обвини Азербејџан за регрутирање странски борци од Сирија. Според Сириската опсерваторија за човекови права, мониторинг-група со седиште во Лондон, Турција превезувала околу 300 борци од териториите што ги контролира во Северна Сирија до Азербејџан. Турските власти не одговорија на ова прашање.
Извор:
Wall Street Journal
Фото: Screenshot/YouTube