Русија и Србија ќе градат Центар за нуклеарна наука, технологија и иновации во Винча. Таму ќе биде изграден истражувачки реактор кој ќе произведува радиоактивни изотопи за медицина и различни истражувања, но нема да се гради нуклеарна електрана, ниту пак реакторот што ќе се гради ќе биде со толкава сила да може да произведува електрична енергија. Реакторот ќе чини околу 300 милиони евра, додека изградбата на нуклеарната електрана ќе чини 4-5 милијарди евра.
- Сепак, изградбата на нуклеарната електрана ќе мора во некој момент да дојде на ред поради сè помалите резерви на фосилни горива. Но, и ако еден ден одлучиме да произведуваме струја во нуклеарни реактори, ќе бидат потребни 10 до 15 години за да се реализира проектот. Најлогичната локација би била некаде покрај Дунав - објаснува еден од српските нуклеарни физичари.
Меѓутоа, за тоа е потребно да се променат законите. Според постојните прописи, во Србија е забранета изградбата на нуклеарни постројки. Мораториумот на изградбата, донесен во 1989 година, по чернобилската катастрофа, истече по 25 години, кога е усвоен закон за забрана на изградба на нуклеарни
електрани.
Забраната за изградба го маргинализира и школувањето на кадар за нуклеарна енергија, но експертите сметаат дека би било добро да се биде во тек со истражувањата во тој домен за технолошки да бидат потковани ако земјата за 10 или 20 години одлучи да отвори нуклеарка.
Ако Србија прави таква постројка, ќе добие поддршка од Русија, пишуваат српските медиуми. Високиот претставник на руската влада, Сергеј Прихотко, неодамна истакна дека Русија е подготвена да ѝ биде партнер на Србија и во изградбата на нуклеарна електрана, ако таа одлучи да започне нуклеарна енергетска програма.
Алексеј Лихачов и Ненад Поповиќ
Фото: Novosti
Инаку, договорот за изградбата на научниот центар во Винча го потпишаа министерот за иновации на Србија, Ненад Поповиќ, и генералниот директор на руската државна корпорација, Алексеј Лихачов.
Како што соопштија од „Росатом“, центарот ќе има повеќенаменски реактор за истражувања полн со вода под притисок, со сите придружни системи, опрема и лаборатории.
- Центарот за нуклеарна наука, технологија и иновации, кој заеднички ќе го изградиме во Србија, претставува иновативен проект заснован на најнапредните нуклеарни технологии. Проектот е резултат на нашата долгорочна соработка во оваа област и традиционалните врски меѓу руските и српските нуклеарни истражувачи - истакна Лихачов и додаде дека двете страни се решени овој проект да го спроведат што е можно поскоро.
Миодраг Крмар, професор на Катедрата за нуклеарна физика на ПМФ во Нови САД, вели дека договорот е многу важен за двете земји затоа што тој центар, според него, ќе биде најмодерен центар за нуклеарни истражувања во Европа, каде што ќе се обучува кадар од целиот свет.
- Ќе ја имаме најмодерната руска технологија за примена на нуклеарната енергија во миротворни цели, пред сè во областа на медицината, земјоделството и индустријата. Тоа ќе придонесе во Србија да создадеме нова генерација нуклеарни научници и да спроведуваме истражувања какви што денес постојат во Америка, Франција, Кина, Русија и други економски развиени земји - истакна Крмар.
Фото: Novosti
Првиот истражувачки реактор во Институтот „Винча“ е купен од Руси, заедно со ураниумско гориво во 1955 година. Проектот е започнат во 1959 година и работел до 1984, кога бил запрен поради реконструкција, но никогаш не бил рестартиран. Ураниумските шипки тешки 2.500 килограми од реакторот А во „Винча“ се испратени во Русија во 2010 година. Оттогаш Србија веќе нема атомско гориво, туку само нуклеарен отпад (делови од реактори и други озрачени елементи, медицински радионуклеиди...). Покрај тоа, во Винча имало и мал, таканаречен школски реактор, кој служел за научни цели, но ни тој не работи.