X
 02.07.2019 Живот

Поларна лисица преминала пат од Норвешка до Канада за 76 дена

Млада поларна лисица преминала пат од норвешкиот остров Свалбард до Северна Канада, долг 3,506 километри, во траење од 76 дена.

- Патот на лисицата ги остави научниците без текст - објавија локалните медиуми од Гренланд.

Истражувачите од Норвешкиот поларен институт во март минатата година ставиле ГПС-уред на лисицата и ја пуштиле на слобода.

Во тоа време лисицата била помала од една година. Таа тргнала во потрага по храна, а за само 21 ден пристигнала на Гренланд. Растојанието од островот Свалбард до Гренланд изнесува 1.512 километри.

Од Гренланд тргнала понатаму и преминала околу 2.000 км до островот Елзмер во Канада.

Тоа бил 76. ден откако лисицата заминала од Свалбард.

Истражувачите беа воодушевени, не толку со поминатите километри колку со брзината на движење на лисицата. Тоа се просечно 46 километри на ден.

- Не можевме да поверуваме во тоа што го гледаме, мислевме дека можеби умрела или се качила на брод, но во тоа подрачје нема бродови. Бевме шокирани - рече Ева Фугли од Поларниот институт во Норвешка.

Досега не е познат случај на лисица што поминала толкав пат толку брзо. Поларниот институт соопшти дека лисицата направила две паузи во текот на патот преку Гренланд.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот