X
 15.01.2025 Живот

Имигрантите во Норвешка што сакаат да се обединат со своето семејство ќе мора да заработуваат повеќе

Норвешките власти објавија дека почнувајќи од 1 февруари 2025 година, земјата ќе го зголеми условот за минимален годишен приход за странците што сакаат да ги донесат членовите на нивното семејство во Норвешка, според правилата за повторно обединување на семејството.

Барањето за минимален годишен приход за обединување на семејството ќе се зголеми за околу 5.540 евра (65.000 норвешки круни). Тоа значи дека штом новото правило ќе стапи во сила, на 1 февруари 2025 година, странците што аплицираат за обединување на семејството ќе треба да докажат дека имаат годишен приход од околу 34.116 евра (400.000 норвешки круни) наместо сегашните 28.572 евра (335.000 норвешки круни).

Мерката е насочена кон промовирање самодоволност и обезбедување контролирана имиграција во Норвешка. Како што објаснуваат од министерството, со зголемување на условот за приход за оние што сакаат да го доведат своето семејство во Норвешка, земјата сака да обезбеди контролирана и одржлива имиграција. Освен тоа, преку оваа мерка, норвешката влада има цел да промовира самодоволност кај имигрантските семејства и следствено да го намали финансискиот товар на јавниот сектор и да ја промовира интеграцијата во општеството.

Важна цел е семејствата што ќе живеат во Норвешка да не мора да бидат поддржани од јавниот сектор. Ова за возврат ќе обезбеди оние што ќе дојдат да имаат подобри услови за интегрирање во норвешкото општество.

Норвешката министерка за правда и јавна безбедност Емили Енгер Мехл, коментирајќи ја одлуката на Владата да го зголеми годишниот услов за апликантите за обединување на семејствата, истакнала дека оваа мерка спаѓа во најавата објавена минатата година. Според неа, ова зголемување е неопходно за да се обезбеди одржлив број на имигранти во Норвешка. Покрај тоа, министерката Мел дополнително нагласила дека ќе размисли и за дополнително заострување на условот за приход за апликантите за обединување на семејството.

Ова значи дека условот за приход може повторно да се зголеми.

Извор: schengen.news

Фото:Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот