Правилата за облекување на авиокомпанијата „Норвиџан ер“, чиј правилник содржи дури 22 страници, привлекоа големо внимание откако беше објавена информација дека стјуардесите се принудени да носат високи потпетици додека се на работното место. Единствениот начин да се ослободат од нив е да имаат здравствено оправдување, односно потврда од лекар во која е образложена причината за препораката за ослободување од оваа обврска.
Покрај фактот дека Норвешка е една од земјите што предничат во однос на родовата рамноправност, има многу ставки во правилникот кои се однесуваат само на женскиот дел од екипажот, како што се правилата за задолжителното носење потпетици и за шминкањето.
Ингрид Ходнебо, членка на норвешката социјалистичка левица, истакнува дека правилата се речиси комични, додека Анет Третебергштуен, членка на женската федерација на Лабуристичката партија, за овие правила вели дека се застарени.
Задолжителната шминка вклучува подлога, крем во боја или пудра, додека вештачките трепки се дозволени сè додека не изгледаат чудно. Мажите се ограничени кога станува збор за ова правило - пудрата е дозволена само ако се употребува за покривање на лузни или мозолчиња. Исто така, машкиот дел од екипажот мора да има уредно исечени нокти, уредно потстрижена коса и не смеат да носат обетки.
Во компанијата веруваат дека нивните правила не се разликуваат многу од правилата на другите авиопревозници. Тие исто така наведуваат дека при составувањето на правилникот се земени предвид советите на кабинскиот екипаж и пилотите и дека тој наишол на добар прием од екипажот.
Од друга страна, некои авиокомпании имаат поопуштени правила за кабинскиот екипаж, па од „Вирџин ерлајнс“ истакнаа дека жените веќе нема да мора да бидат нашминкани и дека ќе им биде дозволено да носат панталони наместо сукњи. Овој пример почнаа да го следат и други
компании.