X
 02.07.2020 Образование

Одбиени сите пет приговори на кандидатите за ректор Атанасов, Димитриевски и Живковиќ

Пет приговори доставија тројца кандидати за ректор на УКИМ кои Универзитетската изборна комисија ги прогласи за неосновани. Приговорите ги доставија редовните професори: Петар Атанасов, Драги Димитриевски и Вујица Живковиќ. Сите членови на комисијата се потпишани на решенијата за одбивање приговори што ги изгласаа вчера. Таму стои „комисијата не е надлежна да одлучува за ваков вид приговори“ и дава правна поука против решенијата да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

На 29 јуни е избрана нова УИК зашто мандатот ѝ траеше до 26 јуни. На решенијата се потпишани: проф. д-р Рина Киркова-Танеска, претседател, проф. д-р Лазе Трајковски, проф. д-р Родна Живковска, проф. д-р Румена Петковска, проф. д-р Минас Бакалчев, проф. д-р Климе Белески и Тихо Наумоски, претставник на студентите.

За ректор на УКИМ беше повторно избран проф. д-р Никола Јанкуловски

Решенијата за приговорите се доставени до сите седум кандидати за ректор. На што реагираа професорите? 

Тие бараа да се поништи постапката од 15 јуни наваму, согласно Државната комисија за спречување на корупција која на 21 јуни укажа дека по завршувањето на вонредната состојба, веднаш почнуваат забраните предвидени во член 8а од Изборниот законик и во член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите со кои се забранува започнување постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни или јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен за итни и неодложни работи.

 

Приговор беше упатен и за непочитувањето на мислењето на Државниот просветен инспекторат, кој констатираше дека и покрај распишаните избори и прогласената вонредна состојба, активностите за избор на ректор не се прекинати и не се во согласност со донесената уредба од 5 јуни.

Исто така, кандидатите за ректор реагираат и дека биографиите на кандидатите не биле испратени до единиците на УКИМ, што било пропишано, а и дека УИК не воспоставила достоинствени и академски услови и постапки, како и реален роковник и затоа бараат да се поништи изборот од 26 јуни.

Петтиот приговор е за тоа дека постапката за избор на ректор се одвиваше без огласување во два дневни весници на петтиот ден на конкурсот, кој не беше даден по стопирањето на постапката по четвртиот ден поради вонредната состојба, а според критериумите, огласот на ректорската управа е 5 дена.


Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование