25.03.2024
Образование
Лани 1.828 лица магистрирале и специјализирале во Македонија, 139 од нив се странци
Звањето магистер на науки и специјалист во 2023 година го стекнале вкупно 1.828 лица, од кои 1.624 или 89% се магистри и 204 или 11% се специјалисти, објави Државниот завод за статистика.
Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2023 година, е намален за 2,9%.
Учеството на жените магистри, во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки, во 2023 година е 59,8%.
Податоците на ДЗС покажуваат дека минатата година најголем број од магистерските трудови, 624 или 38,4%, се од областа на бизнисот, администрацијата и правото, 21,6% се од областа на инженерството, производството и градежништвото, по што следуваат општествените науки со 11,9%, а останатиот дел од областите се со помал процент на застапеност.
Ако се погледнат вкупните бројки на издадени дипломи за завршени постдипломски студии, лесно се доаѓа до заклучок дека приватните факултети солидно им парираат на државните.
Но, најголем број магистратури биле одбранети на најголемиот и најстар универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. На УКИМ лани магистрирале 715 лица, најмногу на Правен (196) и на Градежен факултет (133).
Второто место го зазема ЈИЕ Универзитет - Тетово со 224 одбранети магистратури, најмногу на Факултет за јазици, култура и комуникации (77).
Следен е Универзитетот во Тетово со 143 нови магистри, најмногу на Природно-математичкиот факултет (50), каде што доминираат магистрите по математика (24).
На Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје лани магистрирале 105 лица, додека на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ - Свети Николе, со звањето магистер се стекнале 80 лица.
Од Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола лани излегле 68 магистри, од кои најголем дел тезата ја одбраниле на Правниот факултет во Кичево (26).
Ист број лица (68) лани магистрирале на Универзитетот Американ колеџ во Скопје, а следен на листата е „АУЕ - ФОН“ со 53 магистри.
Меѓународниот балкански универзитет во Скопје имал 26 одбранети магистратури, а Европскиот универзитет 25.
На Економскиот институт магистрирале 18 лица.
Еден помалку, односно 17, магистрирале на МИТ-Менаџмент и информациски технологии.
На Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје магистрирале 12 лица, на Меѓународниот универзитет „Визион“ во Гостивар 9, на Универзитетот за ИТ Охрид 7, исто толку и на Екола Прима - Интернационален Универзитет, 6 на ПВОУ за бизнис-економија „Еуро колеџ“ и едно лице на „Мајка Тереза“.
Од вкупно 204 специјалисти, најголем број (65) лани излегле од Универзитетот „АУЕ-ФОН“. По него следува УКЛО со 49, од кои 46 се од Високата медицинска школа, а третото место го зазема УКИМ со 45 нови специјализанти, најмногу од Медицинскиот факултет (28).
Од ПВОУ за бизнис-економија „Еуро колеџ“ - Куманово излегле 12 специјалисти, од Бизнис-академија „Смилевски“ 10 и од останатите институции по едноцифрен број: 7 од УГД, 6 од УТ, 5 од Американ колеџ, 4 од Екола Прима, 1 од Славјански.
И можеби најинтересниот момент од целата статистика е што од 1.624 нови магистри, за 687 не се наведени податоци каде работат, а 133 се странски државјани. Меѓу специјалистите 6 се странски државјани.