X
 08.11.2019 Образование

Љупчо Пејов, Анита Грозданов и Димитар Пандев – научници на годината на УКИМ

Најдобрите научници беа соопштени денеска во пресрет на 10 Ноември - Светскиот ден на науката за мир и развој во светот

Докторите на науки Љупчо Пејов од Природно-математичкиот факултет, Анита Грозданов од Технолошко-металуршкиот факултет и Димитар Пандев од Филолошкиот факултет се избрани за најдобри научници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Ниеден од прогласените не беше лично присутен да го подигне признанието на свечноста која денеска се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Во нивно име признанијата ги подигнаа блиски соработници. На избраните научници еднократно ќе им бидат исплатени по 60.000 денари.

Проректорот за наука при УКИМ, проф. д-р Владимир Петрушевски рече дека сите добитници се извиниле што од оправдани причини не можеле да присуствуваат на врачувањето на признанијата. Тој ја прочита одлуката за избор на најдобaр научник/уметник на УКИМ за 2018 година.
- Со одлуката се утврдуваат најдобрите кои во изминатата година покажаа врвни резултати во нивната научноистражувачка дејност – рече Петрушевски.

Фото: Борче Поповски

Најдобрите беа соопштени денеска во пресрет на 10 Ноември - Светскиот ден на науката за мир и развој во светот.

Пред присутните се обрати и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски. Тој им честита на добитниците и потенцира дека годинашно мото на УНЕСКО е „Отворената наука не остава никого зад себе“.

- Научноистражувачката дејност на УКИМ е препознатлива. Ја покажуваме својата заложба за развој на науката, а со тоа и на целата научноистражувачка дејност – рече Јанкуловски.

По свеченоста, академик Владица Цветковиќ од Српската академија на науките и уметностите одржа предавање на тема „Финансирање на неинтегрираните универзитети – кочница на реформите на високото образование во Србија“.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование