X
 12.06.2026 Наша тема

Мила Ѓорѓевска, најдобар студент на Факултетот за шумарски науки „Ханс Ем“ со просек 9,98: „Заштитата на природата и животната средина веќе не е избор, туку неопходност“

„Вистинскиот успех се заслужува кога работиме со посветеност, кога не се откажуваме од своите цели и кога она што го правиме го правиме со љубов“, вели Мила Ѓорѓевска, која беше прогласена за еден од најдобрите дипломирани студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Мила Ѓорѓевска е најдобар студент на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.

- Токму таа љубов кон знаењето и желбата да придонесам во областа на пејзажното дизајнирање ме водеа низ целото мое образование и ме мотивираат да продолжам понатаму. Успехот е резултат на години посветеност и дисциплина. За мене, учењето е начин постојано да се надградувам и да придонесам во оваа област. Особено сум горда што студиите ги завршив со просек 9,98 и овој успех го доживувам како голема чест и лична сатисфакција - вели Мила.



Нејзиниот интерес за студирање шумарски науки и пејзажна архитектура произлегол од нејзината љубов кон природата и желбата да придонесе кон создавање функционални и одржливи простори за живеење, а одлуката била резултат на нејзините лични афинитети и уверувања.

- Пејзажната архитектура игра витална улога во создавањето јавни простори кои се одржливи и функционални. Со комбинирање природни и изградени елементи и интегрирање еколошки, социјални и естетски цели, пејзажното дизајнирање помага во создавањето простори што го подобруваат квалитетот на животот, го промовираат здравјето, ја поттикнуваат интеракцијата во заедницата и го зајакнуваат урбаниот идентитет - потенцира Ѓорѓевска.

Денес, кога климатските промени, загадувањето и намалувањето на биодиверзитетот се едни од најголемите глобални предизвици, улогата на пејзажните архитекти е поважна од кога било, смета најдобрата студентка.

- Научните истражувања покажуваат дека урбаното зеленило придонесува за намалување на температурата во градовите, подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на ризикот од поплави и позитивно влијае врз физичкото и менталното здравје на луѓето. Затоа верувам дека оваа професија има огромно значење за иднината на нашето општество и токму тоа ме мотивираше да се запишам на овој смер - истакна Мила.



Како и сите студенти, и таа се соочила со различни предизвици во текот на студиите, особено кога истовремено требало да се исполнат повеќе академски обврски, но со дисциплина и посветеност ги надминала.

-Моето искуство ме научи дека кога навистина го сакаш она што го работиш, работата и учењето стануваат извор на инспирација, а не обврска, а предизвиците стануваат можности за раст. Сите предмети ми беа еднакво важни бидејќи задача на пејзажните архитекти е да ги земаат предвид сите фактори, од урбанизмот, дендрологијата, хидрологијата, управувањето со земјиштето, фитоценологијата, растителната морфологија, условите во животната средина и еколошките фактори. Како што вели Роберто Маркс, една од највлијателните фигури во областа на пејзажната архитектура: „Дизајнирањето градина е како компонирање симфонија, каде што секој елемент игра своја улога во создавањето хармонична целина - споделува Ѓорѓевска.

Мила е особено благодарна на посветеноста на професорите и поддршката во текот на студиите.

- Професорите играат значајна улога на академскиот пат преку пренесување на знаењето и придонесување за унапредување на образованието. Тие не се само носители на знаење, туку и клучни фигури во развојот на науката и истражувањето и во обуката на следната генерација стручни лица од областа. Сметам дека токму добрата комуникација меѓу студентите и професорите е еден од клучните фактори за квалитетно образование и академски успех - додава таа.
Ѓорѓевска во моментов работи на проекти во областа на пејзажната архитектура и одржливото планирање и е фокусирана на професионален развој и стекнување практично искуство.

- Верувам дека вистинското учење продолжува и по завршувањето на факултетот преку работа на реални проекти и постојано надградување. Планирам да продолжам со магистерски студии бидејќи науката и истражувањето отсекогаш ме привлекувале, а магистерските студии ги гледам како можност за понатамошно продлабочување на знаењето и придонес кон развојот на струката - истакна таа.



Овој сектор во Македонија е релативно нов и недоволно развиен и тешко е да се дефинира дали е само професија или сепак се работи за уметност и креативност. Но, Мила има своја интересна дефиниција за пејзажната архитектура.

- Пејзажната архитектура не е само професија, туку спој од наука, уметност и општествена одговорност. Успешниот пејзажен архитект мора да ги разбере природните процеси, екологијата и инженерските аспекти, но истовремено да има визија и чувство за простор со цел обликување на урбаните средини за да функционираат подобро за луѓето и заедницата.

Моментално во Македонија овој сектор не е доволно развиен, но сметам дека има уште многу простор за негово унапредување - вели Мила и додава дека на глобално ниво пејзажната архитектура има огромен, брзорастечки потенцијал.

- Водена од глобалната урбанизација и климатските промени, професијата се шири надвор од традиционалниот дизајн кон отпорност на климатски промени, урбана екологија и зелена инфраструктура. Токму затоа кај нас потребно е поголемо препознавање на значењето на зелената инфраструктура, одржливото урбано планирање и улогата на пејзажните архитекти во процесот на креирање современи и отпорни градови. Сметам дека во блиска иднина ќе произлезат поголеми можности за оваа професија бидејќи заштитата на природата и животната средина веќе не е избор, туку неопходност. Нашата задача е да создадеме простори кои ќе бидат функционални и убави денес, но и одржливи за генерациите што доаѓаат - смета Мила.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема