X
 02.08.2023 Колумни

За летниот распуст треба нешто да се прочита

Обично пред крајот на учебната година одделенците, како и предметните наставници по македонски јазик и литература, на учениците им ги кажуваме лектирите кои ќе се обработуваат и треба да се прочитаат за следната учебна година. Тоа го правиме со цел кога ќе треба да се обработува лектирата, учениците да ја имаат подготвено и само да се потсетат на нејзината содржина. Исто така, тоа го правиме затоа што сакаме навиката за читање континуирано да продолжи, односно да се негува, а со тоа учениците да ги развиваат говорните вештини на културен и литературен јазик. На тој начин речникот на изразување да биде на повисок стил и правилен, а секако, доживувањата на нови откритија и авантури да зазема посебно место во детскиот свет. Обработуваме како домашна така и странска белетристика, според наставната програма во делот за лектира.

Колку читаме и дали имаме желба да читаме?

Секојдневно читаме, доживуваме, „лајкуваме“ итн. да, точно така, мислам на сѐ позачестениот развој на интернет-технологијата и на паметните телефони кои се користат, а овозможуваат пристап до безброј апликации и социјални мрежи. Не ми е целта да го критикувам современиот развој на напредната технологија, туку сакам да посочам каде и како се губи бесцелно, деноноќно, корисно време. Тоа стана како порок на денешницава. Знаеме, јасно е! Оттука, желбата за читање убава белетристика не мора да е само лектира, треба да читаме секакви книжевни жанрови (како помали, така и поголеми) го губи своето вистинско значење. Навистина има верни читатели на книгата. Читањето убава, интересна и поучна книга, треба да претставува задоволство, а не измачување, одбивност и досада. Така некако стојат работите со желбата (која ја нема) за читање. Па, се запрашуваме: што ќе прават децата кои не читаат кога ќе дојдат до факултет (ако воопшто размислуваат)? Проблем, кој за жал ќе остави непоправлива и ненадоместлива трага кај многу генерации ученици... Проблем, кој тргнува уште од основното образование, па продолжува и се пренесува понатаму. Значи, општа констатација е дека не листаме книги в раце, туку се занимаваме со други поважни „технолошки“ алатки од интерес. Ќе повторам, како и многупати претходно: секоја чест на ретки исклучоци на ученици, кои се одговорни и летниот распуст знаат паметно да го искористат: ќе прошетаат, ќе кампуваат, ќе другаруваат итн., но нема да заборават дека имаат нешто да читнат, да обработат за учебната година која ги очекува. Никој не им го зема распустот на учениците, ниту пак интернетот, напротив, има доволно време за сите активности успешно да се одвиваат и завршат. Одите на море, или на езеро, па во куферот ставете барем една книга, доволно е. Исто така, за време на летниот распуст има ученици кои посетуваат градска библиотека и на мир, во читалниците си читаат и уживаат во пишуваниот збор. Некои дури и целиот ден го поминуваат читајќи. Браво, и тоа е за секоја пофалба! Очекувам барем 60 % од севкупниот број ученици да ми ги прочитаат сите лектири што им ги дадов за следната учебна година. Но, тоа ќе го провериме уште на првите наставни часови во септември. Така ќе имаме попрегледна слика дали нешто се сменило или не. Волјата за читање не се учи, туку таа треба да тргнува од личната совест и свест. Затоа, да читаме, да бидеме подобри и културни луѓе! Така градиме: авторитет, принципи, однесување, комуникација итн. Така се отвораме во светот на истражувањата, сознанијата, предизвиците... Еден ден тоа навистина може да значи животна (светска) придобивка и професионална ориентација.

Волјата за читање ја поттикнува свеста

Кога завршив трето одделение, се сеќавам, со татко ми, посетивме книжарница во која се продаваа комплети лектири за секое одделение (денес, потешко може да се најдат комплети лектири во продажба, ги нема). Го купив целиот комплет за моето следно, четврто одделение, што мојата учителка ни го кажа и сум го запишал, а прва лектира уште во јуни што ја прочитав беше: „Таро од земјата на планините“. И така, од година, на година, навиката за читање, па и денес остана неизоставен дел од моето професионално секојдневие. Пред многу години навистина се читаше затоа што самата свест, односно самото време во кое живеевме го наложуваше тоа. И тогаш, како и денес, имаше: читачи и нечитачи. Тука да бидеме начисто. Не е само до технологијата која пласира готови производи, па најлесно на нашиот менталитет е да се послужи со: копи-паст, лоша услуга во секој случај. Така е впрочем и при изработка на трудови (семинарска, магистратура, докторат...) Знаете, ние не сакаме да се потрудиме, што би рекле, да се помачиме нештото да го сработиме, односно да го направиме самостојно, ами најлесно е да преземаме нешто готово, или некој да ни го подготви јадењето, а ние само да го задоволиме апетитот. Додека постои таква услужна дејност (на готово), нема да постои квалитет, а нема да има ниту книжевен ниту интелектуален развој кај помладите, па и кај повозрасните кои сѐ уште читаат и творат. 

Исклучоците се ретки, ама заслужуваат почит! Наставникот мора да изнајде начин да ја доближи содржината од лектирата или делото до ученикот и на тој начин да му даде: поттик, интерес, мотив, волја, истата да ја прочита и доживее. Никако со сила, ами со мерак. Не знам колку тоа им успева на родителите, иако не верувам дека целосно се откажале од описменувањето на нивните деца. Тамам работа! Да бидеме свесни колку само значи и вреди читањето од книга наместо од интернет (реков, не ја занемаруваме оваа технологија, корисна е), затоа што разликата е голема. Да бидеме паметни и да го практикуваме читањето како опуштање, како една слободна и радосна желба на умот и на сите сетила. Да бидеме верни на таа обврска (посебно ги нагласувам учениците затоа што тие кога сакаат, знаат да бидат искрени читатели). Со читањето, нашиот живот и пристап кон околината добива универзална димензија. Така бидува цивилизирана нација. Читаме за себе, а не за другиот! Да не се заборави: начитан човек е непобедлив, мудар човек! Читајте, со уживање! 

Ќе завршам: едно е да се биде писмен човек кој точно знае што мисли и зборува, а друго е да се биде неписмен човек, кој ништо не мисли, а можеби и поретко зборува. Изборот и патот е исклучиво индивидуален!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни