Налетав пред некое време на едно истражување во чии рамки се собрани податоци од младата популација во поглед на тоа како го разбираат насилството и дали препознаваат кога навистина се загрозени како индивидуи, затоа што не ја добиваат почитта од оние со кои по различни основи се блиски – родител, партнер, дечко. Она што изненадува и е директен повод за моево писание е токму прилично големиот број одговори што одат во правец на правдање на различните форми на насилство, особено кога е во прашање некој со кого моментално се во врска и тоа преку дефинирање на насилството на многу индикативен начин - како љубов. Таа се детектира како позитивен аспект на однесување поради кој и шлаканицата не е страшна, а контролата и следењето по сите основи се нормални, што само по себе отвора многу прашања. Зошто се премолчува насилството?
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Зошто се мултиплицира? Зошто се доживува како љубов наместо како терор?
Со оглед на тоа дека три децении работам со деца и за мене мојата професија, како што секогаш милувам да кажам, е начин на живот, како и сите мои колеги кои го делат учебниот простор со децата не само научувајќи ги, туку и сфаќајќи што им се случува, многу прецизно можам да дефинирам кога младото битие има проблем поврзан со насилството дома или, пак, она што му се случува во врската во која во моментот се наоѓа. Сепак, она што е сигурно, современото време на брзото живеење и етаблирањето на искривоколчени вредности многу лесно умее и може да му го редефинира светогледот на младиот човек. Истовремено, и да му сервира перцепција за она што му се случува како нешто нормално и завиткано во привидна фолија на исправност, бидејќи ете, така сите прават. Ме сака, што има врска што ме навредува. И татко ми така прави со мајка ми, значи во ред е.
Токму затоа, на учителот му станува многу тешко приближувањето на детето на начин на кој ќе го доживее како некој кој може, треба и сака да му помогне – од дома носи усвоени модели на однесување кои во семејствата во кои насилството - вербалното или физичкото - е секојдневие, вистински воспитен предизвик е да се победи таа затвореност и мирењето со судбината, зад кои се крие немоќ и страв. Ова дотолку повеќе што многу често децата и младите од ваквите семејства се формираат како личности кои таквото однесување го реплицираат во своите животи понатаму и не се во состојба да препознаат дека заслужувале повеќе и подобро, па избираат и прифаќаат да живеат со истите профили на личности како оние што ги малтретирале. Исто така, многу често се случува и да им го ускратуваат почитувањето на оние со кои делат живот понатаму, себеставени во улога на новите малтретирачи затоа што им е компромитирана способноста за емпатија и тоа за нив е сосема нормално.
Низ годините зад катедрата имав можност да ги „живеам животите“ на моите ученици, од чие однесување можеше да се види болката што ја носат. Повлечени, тивки, затворени деца. Агресивни, бучни, дрски деца. Навидум различни, а сите фатени во прангите на секојдневието и сите со однесување кое значи едно исто: очаен повик за помош. Денес, овој ужасен феномен е уште поприсутен, уште посилен. За жал, со сиот ризик да прозвучам како учителски носталгичар, ќе речам дека порано беше полесно да се пробие таа лушпа на недоверба, на несфаќање, на недоживување како пријател. Многу поуспешни како учители бевме и повеќе од родители, затоа што имавме и педагошки такт и сила да му покажеме на детето дека за нас не е само ученик и дека сме тука за него секогаш. Да разговараме и со родителот, ако таа болка е она што погрешното родителство го продуцира, тој да не разбере сосема правилно и да ни стане партнер во интерес на детето. Да разговараме отворено и за тоа како младиот човек да се позиционира во врската, како да бара почит и како да се брани ако не ја добива. Со самото тоа што нѐ доживуваа како такви, децата ни наши прекрасни и учеа, сакајќи на тој начин да ни вратат со почит за сета безрезервна поддршка. Целиот воспитно-образовен амбиент едноставно беше поинаков. Денес, современието си го прави своето: семејното насилство е за „по дома“, се молчи за фактот дека секоја трета жена е жртва на семејно насилство, дека многу деца се изложени на малтретирање во семејството, дека младите не се во состојба да сфатат дека шлаканицата не е љубов. Одамна веќе училиштата не се амбиент во кој живее довербата на релација ученик – учител и сѐ помалку, би рекла, и можеме и сакаме да допреме до детето онака како што маката која го дефинира заслужува. Не дека не умееме. Учители сме. Но прангите во кои таа прекрасна младост е фатена за нас стануваат невозможни за тргање од нивните нозе, умови, душа. Склони сме повлечените деца да ги дефинираме како мирни и тивки и како такви да ги пофалиме, еднакво како што гласните ги детектираме како безобразни и дрски и како такви да ги осудиме. Немаме време за децата онолку колку што им должиме.
Што во основа, треба да се стори?
Пред сѐ, би рекла дека онаа автономија на учителот, оној интегритет кој подразбира сериозна воспитно-образовна работа со децата, а кој е високо над стегите во кои учителот денес е фатен како во стапица, мора повторно да биде етаблиран како единствен императив, како фундамент на кој почива образованието. Сепак, предолго време сме оптоварени со апсурден административен баласт кој нѐ оддалечува од децата и ни создава само привид на работата со нив во онаа изворна, вистински воспитна смисла, без да ни остави простор за размена и инјектирање на емоција која во овие мачни времиња толку многу им недостига. Затоа сѐ повеќе сведочиме на тажниот факт дека не се со нас ниту заради себе ниту заради нас – отседуваат во клупите секој со својот товар и ги испраќаме во живот и недоволно научени и недоволно воспитани. Затоа не прават разлика меѓу знаење и сфаќање. Затоа не прават разлика помеѓу силен и насилен. Затоа не сфаќаат дека да сакаат ги прави луѓе. Да заштитат друг е човечки. Затоа снимаат насилие со мобилен и снимката ја прават вирален хит. Затоа не сфаќаат дека да се одбранат себеси од малтретирање е прашање на човечко достоинство и дека секое однесување кое ги загрозува е аларм за барање излез, а не форма на љубов. На тоа треба да ги научиме, освен што инсистираме на лекциите кои веќе не им се предизвик. Затоа што, сепак, конечен резултат на образованието е карактерот.
Понатаму, поддршката на училиштето како институција е многу важна. Излегувањето на педагошко-психолошките служби од стегите на бескрајното испраќање ваму и таму и онаму, по различни инстанции, на просто непоимлива маса извештаи, табели и програми убави за на хартија, треба исто така да биде императив. Службите екипирани со педагог, дефектолог, психолог и социолог, кои постојат речиси во секое училиште, мора да бидат адреса на доверба, сигурност и безбедност на секое дете и таму треба да сака да отиде тогаш кога нема каде. Негова безбедна зона. Таму ќе најде професионалци. Оние на кои треба да им се отстапи вистински простор за работа со деца и млади на кои им е потребна помош, наместо да бидат доживувани како локација каде што се оди по казна. За жал, праксата покажува дека канцеларијата дефинирана како Служба навистина е само место каде што се дискутира за последиците, а не за причините и тоа така што оној што е повикан (а не дојден самостојно) тој тајминг го доживува како време за гледање во прозорецот, во сликите на ѕидот или во сопствените нокти, додека Службата не каже што има да каже и да го врати во училницата. Не дека Службата не умее. Но и таа е сведена на административно тело кое има повеќе работа со евиденции наместо со децата кои ги евидентира. Тоа се бара од неа, тоа и го дава.
Можам да пишувам до бескрај за толку многу потребната спрега меѓу сите институции што постојат заради децата. Оние што сите заложби во интерес на децата треба да ги трансформираат од декларативни во суштински – училиштата, полицијата, социјалните служби. Сметам дека тоа би значело дека, пред сѐ, училиштата треба да развијат и да негуваат посебна училишна култура која гради просоцијални вештини и им обезбедува поддршка на децата кои живеат во насилен амбиент, што ќе значи дека внимателно реагираат и нудат помош. Тоа, пак, би значело дека блиската соработка со Центарот за социјални работи – службата за деца и млади, како и со надлежните безбедносни институции, мора да има и системски и систематски карактер. Без тоа, децата ќе растат и зреат во атмосфера во која да доживуваат или да создаваат насилство е нормална форма на живот, не по своја вина. Затоа што секогаш и без исклучок, децата се последица. Причините живеат на друга адреса.