X
 02.09.2021 Наша тема

Луѓето едвај чекаат да гледаат претстава. Театарот не може да умре, вели актерката Зорица Панчиќ од Велешкиот театар

Mожеби ќе се смени нешто во театарот. Видовме дека луѓето едвај чекаат да дојдат во театар. Дека им се смачи од сè и дека едвај чекаат да влезат, да седат со маски на дистанца и да гледаат претстава. Театарот не може да умре

- Сценската прашина ми прави алергија, но кога сум на сцена, заборавам на тоа. Би можела да работам и друго, но колку што ми е убаво во театарот, никаде на друго место не ми е. Просто, тоа е многу мое - вели во интервјуто за Факултети.мк актерката Зорица Панчиќ која е дел од ансамблот на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, кој не престана со творештво ниту за време на пандемијата на коронавирусот.

Зорица Панчиќ е родена во 1972 година во Скопје. Дипломирала глума во 1994 година на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а настапувала во театрите во Куманово, Штип и во Велес. 


Кога и како еден актер осознава дека ќе работи глума, кога се случува оној „клик“? 

- Јас уште од мала знаев дека ќе бидам актерка. Уште како мала дома правев приредби, имитации, скечеви пред роднини. Ја имитирав Неда Украден, тоа ми беше најинтересно. Во средно училиште, во гимназијата „Јосип Броз-Тито“, Мите Грозданов водеше драмска секција, односно тоа беше соработка со Металски завод Тито и бевме собрани еден куп луѓе. Јас уште кон крајот на прва средно знаев со што ќе се занимавам. Не знаев дека ќе ме примат, но знаев дека тоа го сакам. И покрај противењето од дома, јас се запишав на глума. 

Каков студент бевте? 

- Беше мачно на почетокот, бевме тазе во работата, некако не се снаоѓавме, но потоа стануваше полесно. На Академија најмногу што научивме беше чекањето. Чекавме да дојде професор затоа што сите тие беа расфрлани некаде со ангажмани, кој претстава, кој филм снима. Да, чекање е тоа што најмногу го научивме. Главното знаење за театарот се добива во самиот театар. 


Го паметите чувството кога првпат застанавте пред публика?

- Уште додека учев средно направивме мала претстава и тоа ми беше прво впечатливо застанување на сцена, особено што го направив пред мајка ми, која дојде да ме гледа. Претставата беше за генерациски јаз. Јас имав сцена со мајка која не беше заинтересирана за своето дете и го малтретираше. Професионално почнав со Академска театарска лабораторија, која ја направивме на Драмски и настапивме за време на студиите. Потоа играв во Кумановскиот театар, во Штипскиот театар и на крај во Велешкиот. 

Што е за Вас сценската прашина, колку Ви значат тие штици?

- Конкретно, сценската прашина ми прави алергија, но кога сум на сцена, заборавам на тоа. Театарот ми е животна определба. Просто, тоа е многу мое, многу интимно, длабоко интимно. Би можела да работам и нешто друго, но колку што ми е убаво во театарот, никаде на друго место не ми е. Тоа е тоа што е вистинско, сцената е место каде што повеќе се чувствувам како да сум дома отколку кога навистина сум дома.


Се сеќавате на стариот и студен, но преполн Велешки театар? 

- Стариот велешки театар си го зеде данокот. Студот и прашината беа прекрасна комбинација, страшно студено беше таму. Колегата Младен Крстевски велеше дека ние сме единствениот театар кој е обучен да игра на отворено на Сибир. Јас немам нормален термостат, не знам да кажам дека ми е ладно. Јас треба ептен да премрзнам и да кажам дека ми е ладно. Тоа ми е последица од Велес, затоа што сме играле на минус 20 со летни фустанчиња.  

Која претстава во која сте играле го добила најголемиот аплауз?

- „Бетија“ од Велешки театар. Имаше аплаузи на секоја сцена и уште неколку пати на крај. „Бетија“ и „Руцанте“, тоа беа две претстави во продолженија и беа најгледаните претстави на Велешки театар. Исти луѓе доаѓаа секој пат. „Стрип Шекспир“ исто така предизвика големи аплаузи.

Им се радувате ли на наградите, која Ви е најдрага?

- Им се радувам. Имам три лични награди и сум играла во претстави што зеле Гран при на разни фестивали. Првата награда ми е на фестивалот „Војдан Чернодрински“ за улога на ќерката Мартирио во претставата „Во домот на Бернарда Алба“. Многу труд вложив во таа претстава и работев деноноќно. Имам добиено награда во Стоби за претставата „Птици“ на Петре Баќевски. Во 2017 година добив награда за „Театар љубов моја“ во Мала Преспа. 


Го отворивте Фестивалот на античка драма со улога во претставата „Орестија“. Што е тоа што го издвојува овој жанр од другите?

- Стоби е волшебно место, особено амфитеатарот. Згора на тоа, се работи стих, кој го обожавам. Сè помалку се работи стихот, сите се по авангардни, модерни, лесни или мрачни текстови. Стихот како сите да го избегнуваат, но јас сум воодушевена кога ќе работам античка претстава затоа што ќе работам стих. Потешко е, но ми е интересно. Самата античка драма која е напишана пред многу векови покажува колку ништо се нема сменето и по 2000 години во светот. 

Има ли магија во тоа да се настапува во амфитеатар под отворено небо?

- Интересно е, поинакво е да се игра под отворено небо, има магија. Помагично е затоа што се случува на друго место. Публиката е седната на камења наместо во удобни фотелји. Сакаме да бидеме надвор, на воздух.

Работите на синхронизација на турски серии и цртани филмови. Многумина не го признаваат тоа за актерство, туку за тезга. Зошто, па нели и позајмувањето гласови е уметност, нели е тоа играње ликови?

- Исто е, сосема. Порано им се замеруваше на мои колеги, како Гоце Тодоровски, Ѓорѓи Колозов, Ванчо Петрушевски, дека имале тезги и оделе да играат комедии по некои градови. Мислам дека нешто е тезга ако не му се пристапи чесно. Нахсинхронизацијата е професионална актерска работа. Во САД за цртани филмови се викаат познати холивудски актери кои добивале награди за нивното читање на ликот. Кај нас тоа е чудно. Но, јас си работам турски серии. И тоа го работам многу чесно, давам сè од себе за тој некој што ме слуша од дома точно да знае каква е психичката состојба на ликот што го читам. Во театар или на филм можеби е полесно да се одигра тоа оти имаме помош од телото, преку мимики и гестикулации. Тука е потешко затоа што го имам само гласот, кој треба да пренесе дали се збогувам со некој, дали плачам или се радувам. 


Што значеше пандемијата за Вас како актер?

- За мене значеше повеќе снимање турски серии. Не се одморив, имав доста работа со нахсинхронизацијата, единствено што ми фалеше беше театарот. Некои се жалеа „умревме за работа“, а јас умрев од работа. 

Единствениот театар кој не ги прекина проектите во пандемијата беше Велешкиот. Успеавте да направите проекти од дома. Каков е процесот на работа во такви услови, како се создава лик во домашни услови?

- Кога бевме затворени по дома лани, работевме онлајн. Но, и во такви услови некој мора мобилниот телефон да го држи. Се договоривме кој со кого ќе снима, кои парчиња како и каде да ги снимиме, па се договаравме со режисерот за сцените, каде да гледаме... Беше интересно да се проба. Продолживме со работа и потоа. Имавме доста премиери во театарот иако се играа пред ограничен број луѓе. 

Ако ситуацијата со пандемијата повторно се влоши и се задржи подолго, која е иднината на театарот?

- Можеби ќе се смени нешто во театарот. Видовме дека луѓето едвај чекаат да дојдат во театар. Дека им се смачи од сè и дека едвај чекаат да влезат и по цена, да седат со маски на дистанца и да гледаат претстава. Театарот не може да умре, тој е човечка потреба и насушна потреба, не е измислен со сила. 


Како е да се работи во Велешкиот театар, кој е една од најпродуктивните уметнички институции во Македонија во последните десет и можеби повеќе години?

- Во последните десетина години е најпродуктивна институција. Просто е многу убаво да се работи во нашиот театар затоа што сме фина екипа, колектив. Што и да имаме меѓу себе, ако има нешто, што ретко се случува, тоа брзо се средува. Зборувам за различни мислења. Сите сме за тоа на крајот да имаме добра претстава. Тоа што се сакаме и почитуваме е само бонус во приказнава. 

Каде е најдобрата публика?

- Публиката во Велес е најдобрата. Знае и разбира театар. Знае да награди моменти кои друга публика можеби не би ги забележала. Колешка од Скопје со некоја приватна претстава гостуваше во Велешкиот театар и ми рече дека добила аплауз за ситница која ја правела насекаде, но никој не ја забележал. Велешани сакаат претстави, уживаат во театар, ги сакаат глумците. Во Велес публиката не е надмена, со цела душа седи и ужива во претставата. 

Која Ви е омилена актерка?

- Од Македонија ги обожавам  Милица Стојанова и Лилјана Велјанова. Тие ми се ептен омилени.  Секогаш сум уживала кога сум ја гледала Милица. Од странските, сакам да ги гледам Мерил Стрип, Одри Хепберн и Кејт Бланшет. 

Дали би прифатиле да играте лик во телевизиска серија? 

- Да, би прифатила. Ме интересира и ТВ и филм. Јас имам снимено серија која одеше на Канал 5. Се викаше „Четврто, па машко“. Не беше рекламирана, а беше пристојна серија како за наши услови. Но помина невидливо. Би сакала и да играм во ТВ-филм. Не сум снимала, за жал, многу, но би сакала да играм и во турска серија.

Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема