X
 30.06.2015 Интервјуа

Интервју со Ива Бошковска, македонска студентка во Рим

Ива Бошковска е Македонка која студира на универзитетот „John Cabot“ во Рим. Таа има учено во Љубљана, што ја поттикнало да го продолжи своето образование надвор од земјата. Како што самата покажува, таа не направила грешка бидејќи во Рим го добива она што го сака во поглед на образованието.


Факултети: Зошто се одлучи да студираш надвор од земјата?

Ива: Низ средношколските денови имав прилика да бидам дел од неколку програми за изучување јазици и доквалификација во делот на истражувачките вештини и практики со кои располага еден тинејџер, кои се реализираа во различни европски држави. Четвртата година од средното образование ја завршив во Quality Schools International (QSI) во Љубљана, Словенија. Потоа следуваше изборот на колеџ и една заокружена академска година на Универзитетот John Cabot во Рим. Самата компарација помеѓу овдешниот и тамошните образовни системи беше главниот аргумент академското поглавје да го започнам негде кадешто ќе добијам и практично, а не само теоретско знаење. Кога од другата страна од клупата ќе наидете на професор чија мисија е да ве научи, а не да ве оцени, нивото на личната одговорност кај студентот автоматски оди нагоре.

Факултети: Која е најголемата разлика меѓу студирањето овде и таму?

Ива: Хипотетички земено, ако образовната програма овде ве учи дека според начелото на инертност, телата да се спротиставуваат на промените на нивната тековна состојба, европските образовни програми ве учат КАКО тоа телата се спротиставуваат... Она што во македонските образовни институции се КАЖУВА, во проактивните образовни системи надвор се ПОКАЖУВА. Едноставно, по секое предавање се чувствувате сè поспремни да зачекорите во дејноста која сте ја зацртале како своја идна професионална определба. Самодовербата во овие години е нешто кое вреди повеќе од било која научена лекција, па нашите професори негувајќи го тој пристап, паралелно со неопходното совладување на теоријата, подеднакво го ценат и совладувањето на нашите сопствени стравови. Со тек на време, стресното усно испрашување доби ново име: презентација на наученото. Ако порано застаната пред табла сум го доживувала професорот како „истражен судија“, сегашните професори ми ставиле во глава дека тие се еден вид бизнис клиенти на кои треба да им „го продадам“ моето знаење и да склучам добра „зделка“. Е таа зделка во македонскиот образовен систем, за жал има само едно име - оцена.

Најголем доказ дека тоа навистина функционира така во пракса, е мојот личен пример - ако како ученик во скопската гимназија „Јоспи Броз Тито“ буквално се трудев по некои предмети да научам за преодна оцена, по заминувањето на страна напорите ги вложував за достигнување на многу повисоко ниво. Како резултат на тоа бев прогласена за еден од најдобрите студенти на QSI. Мислам дека сè што беше потребно претходно, е само некој да ја разбуди пасивната амбиција во мене. Тоа се случи и на Универзитетот „Колумбија". Од тој момент престанав да го перципирам образованието единствено како нешто „што се мора“. На крај на денот, колку и да ги анализираме и обвинуваме образовните програми, сфаќаме дека главен виновник е менталната матрица на професорите и на самите ученици. Кога таа ќе се промени овде, македонскиот образовен систем ќе се смени по пат на еволуција, а не на револуција.


Факултети: Најдобрата работа која си ја научила откако студираш таму?

Ива: Не оставај го за утре она што можеш да го сработиш денес. Томку овде ја наоѓам најголемата контрадикторност на моите навики пред и по запишувањето на Универзитетот во Рим. Приказната за комплетно осамостојување, во мојов пример започна со престојот во Њујорк, кога бев дел од престижниот Универзитет „Колумбија“, за време на летниот распуст помеѓу трета и четврта година средно. Процесот на сфаќање на обврските како нешто што е исклучиво под моја надлежност и одговорност продолжи за време на едногодишниот престој во Љубљана, но дефинитивно во Рим ја достигна онаа кулминативна точка. Едноставно, во еден момент сфаќате дека сте сами во еден сосема нов, дотогаш непознат свет и од вас зависи како ќе се вклопите во истиот. Оној момент кога за прв пат летото го „потрошив“ на апсолутно корисен начин, без препирање дека тоа е единствениот период од годината кога конечно можам да одморам (што беше случај пред да ми се случи Њујорк), го сметам за пресвртна точка во процесот на моето образование, па и на животните навики воопшто.

Факултети: Кои се најголемите потешкотии со кои се соочи досега?

Ива: Има моменти кога времето е побрзо од тебе. Кога роковите буквално „те газат“, единствено посакуваш едно деноноќие да трае барем 30 часа. Единствено нешто на кое си фокусиран тогаш, е прашањето: „Дали ќе стигнам?“. На почетокот тоа беа панични моменти во вистинска смисла на зборот, но мислам дека како поминуваше времето, таа паника и скептицизам полека почнаа да се претвораат во адреналин. Во еден момент ти станува јасно дека си на 1.000km оддалеченост од дома, и дека единствено од тебе зависи дали утре ќе стигнеш на предавање, и дали со прочитана, или полупрочитана книга... Е тогаш, она што вчера си го оставил за утре, ќе мораш да го сработиш денес. Се надевам дека ова е тоа што во CV-јата се брои како додадена вредност: работа под притисок и кратки рокови.


Факултети: Кое е најдоброто искуство кое го имаше?

Ива: Би се навратила уште една година наназад, кога учев во Љубљана. Тамошниот образовен систем вклучуваше и волонтерски програми на кои учениците се пријавуваат на доброволна основа. Јас се вклучив во една од акциите за помош при учење на деца со благи пречки при развојот. Со оглед на тоа што беа неколку генерации помлади од мене (таква беше самата поставеност на програмата), два пати во неделата им помагав да ги сработат домашните задачи, им читав книги, им раскажував приказни... На почетокот тоа и не го сфаќав како нешто многу значајно, но од денешна дистанца можам да кажам дека ми е едно од најдрагоцените искуства кои сум ги имала во животот.

Факултети: Каков е животот во Рим?

Ива: Ако би се барало животот во Рим да го опишам со еден збор, тогаш тоа би се решила за динамичен. Понекогаш си во трка сам со себе, но можностите кои ги нуди градот од аспект на социјален живот, се огромни. Како омилен сегмент од во тој дел би го издвоила стекнувањето нови пријатели буквално од цел свет. Од она што досега го имам искусено, во рамки на неколку летни кампови и обуки, па и од престојот во Њујорк и живеењето во Љубљана, докажува дека таквите пријателства се посилни отколку што мислиме. И траат.


Факултети: Која е твојата порака до студентите кои студираат надвор од родната земја?

Ива: Да „купуваат“ искуства и знаење на секој чекор. По завршувањето на студиите, истите можат да ги применат и во сопствената држава. Слободоумност, растеретеност од секакви предрасуди, иновативност, нова енергија... тоа е она кое ни треба за да оставиме личен придонес во креирањето на иднината. Но најважно од сè е да станеме репер за идните генерации, да оставиме пример кој тие ќе го следат при отворањето нови видици.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа