X
 02.09.2021 Живот

Нафтена дамка со големина колку Њујорк се шири низ Медитеранот

Сириските власти минатата недела соопштиле дека на 23 август резервоар со 15.000 тони гориво протече од термоелектрана во сирискиот крајбрежен град Банијас.

Анализата на сателитските снимки направени од „Орбитал ЕОС“ покажува дека истекувањето на нафтата било поголемо отколку што првично се мислело и се протега на површина со иста големина како и Њујорк. Компанијата изјавила дека нафтената дамка била на околу 7 километри од кипарскиот брег.

Фотографиите што се појавија на социјалните мрежи пред една недела покажуваат нафтена дамка по должината на крајбрежните области на Сирија, а локалните жители предупредија на потенцијална закана за морскиот живот. Жител на Банија вели дека голем дел од брегот е загаден.

- На луѓето не им требаше ова, веќе е тешко да живееме тука, и тоа сигурно ќе влијае врз животот на многу семејства - изјави тој.

- Владата испрати тимови со сунѓери и црева за вода, тие немаат капацитет да се справат со вакво нешто... не можете да го исчистите морето со сунѓери - додаде тој.

Турција, која има граница и крајбрежје со Сирија, исто така е вклучена во акцијата.

- Ги преземаме неопходните мерки со мобилизирање на нашите ресурси за да спречиме каква било можност излевањето да се претвори во еколошка катастрофа -  изјави турскиот потпретседател Фуат Октај.

Ова е второ големо излевање нафта во источниот Медитеран оваа година. Во февруари, излевањето нафта кај израелскиот брег ги уништи плажите и остави наслојки од катран низ либанскиот брег.

Извор: CNN
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот