Со воведувањето на промените во начинот на функционирање на „Њузфид“ кои се однесуваат на намалување на бројот на комерцијалните постови од компаниите за сметка на повеќе објави од пријателите и роднините, „Фејсбук“ придонесе за зајакнување на лажните вести, но и за падот на популарноста на одредени компании, известува „
Њујорк тајмс“.
Популарната социјална мрежа последните неколку дена ги тестира новите опции, а корисниците во многу земји, како Словачка, Србија, Шри Ланка, Камбоџа, Боливија и Гватемала, наводно се жалат на забрзано споделување лажни вести.
На пример, полицијата во Словачка реагирала откако голем број корисници на „Фејсбук“ споделиле лажна вест за муслиман кој наводно ја предупредил јавноста во оваа земја дека планира да изведе терористички напад. Меѓутоа, по реакцијата на полицијата и другите безбедносни органи, веста веќе не се појавувала на „Фејсбук“ во „Њузфид“.
Освен ширењето лажни вести, издавачите во земјите каде што „Фејсбук“ ги тестира новите опции велат дека опаднала посетеноста на нивните страници како резултат на промените, пишува „
Њујорк тајмс“. Од компанијата не прецизираат до кога ќе трае тестирањето.
Уредникот на порталот „Пагина сјете“ од Боливија, чија посетеност речиси половина зависи од „Фејсбук“, изјави дека вкупната посетеност им опаднала за цели 20% по промената на начинот на функционирање на „Њузфид“. Уредникот на најчитаниот портал во Камбоџа истакна дека читателите во оваа земја помислиле дека порталот се откажал од пишување на тема политика поради непојавување на такви вести на „Њузфид“.
„Фејсбук“ во изјавата за „Њујорк тајмс“ наведе дека сериозно ја сфаќа својата улога на глобална платформа за информирање.
„Имаме одговорност кон луѓето што читаат, гледаат и споделуваат вести на нашата мрежа, и секој тест го изведуваме во согласност со таа одговорност“, изјави Адам Мосери, директорот на „Њузфид“ во „Фејсбук“.
Потсетуваме, „Фејсбук“ изминатиот период трпеше критики поради влијанието на пропагандата и лажните вести во текот на претседателските избори во САД. Затоа компанијата со воведувањето на новите промени сака да ги нагласи содржините што поттикнуваат разговори меѓу членовите на семејството и пријателите, а не промоција на постови на компании, брендови и медиуми.