Нашето здравство може да се соочи со епидемија на коронавирус освен ако епидемијата не поприми апокалиптични размери. Ние сме мала земја со ограничени ресурси. Затоа, за да не се соочиме со пречекорување на капацитетот на нашиот здравствен систем, ние мораме да сториме сè за тоа да не се случи! Оттаму, од суштествена важност е, со најголема одговорност и дисциплина, пропишаните мерки сите да ги почитуваме, вели професорот
Што може да очекуваме со коронавирусот, дали сме подготвени да се соочиме со епидемија, ќе нè спаси ли топлото време за да се намали ширењето, како да постапиме ако сме биле во контакт со заразен, кога е најзаразен инфицираниот, се само дел од прашањата на кои дава одговор епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски. Тој е и раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика.
Професорот вели дека е неблагодарно да се прогнозира под колкав ризик се нашите граѓани кога станува збор за коронавирус.
- Ризикот е пропорционален со бројот на појавени случаи. Колку станува поголем бројот, толку расте и ризикот. Но, големината на ризикот дополнително се зголемува, не знаеме колкукратно, ако претпоставиме дека, покрај регистрираните случаи на болест, сигурно ги има и оние што немаат симптоми и се движат слободно наоколу. Со тоа претставуваат подвижни извори на зараза. Затоа е многу важно да се ограничат социјалните контакти, движењето, за да се минимизираат шансите за воспоставување т.н. синџири на инфекција.
Што значи контакт со инфицирано лице? При каков контакт се пренесува вирусот?
- За близок контакт се смета: поминување повеќе од 15 минути лице в лице со инфицирано лице; живеење во ист дом со инфицирано лице.
Овој вирус (САРС-КоВ-2) се пренесува преку капков пат и преку уста, со помош на контаминирани раце, предмети (со назофарингеален секрет или измет).
Дали од инфицирано лице во идентична опасност се деца, луѓе во средна возраст и возрасни лица?
- Да, чувствителноста на овој вирус е општа. Погрешна е перцепцијата дека децата се поотпорни на инфекција. Всушност, децата еднакво се подложни на инфекција со вирусот, но кај нив или нема да има симптоми или тие ќе бидат лесни.
Дали има рецепти или терапија со кои може да се зголеми имунитетот и на децата и на возрасните за да се намали ризикот од инфекција со коронавирусот? Вакви рецепти кружат на социјалните мрежи и дел од нив се напишани од лекари?
- Никакви рецепти или терапии не помагаат за значајно јакнење на имунитетот. Природно, најсилен имунитет имаат децата од околу 10-12 години, па се одржува некое плато до средни години и потоа опаѓа. Оттаму постарите лица имаат и потешка клиничка слика, ако заболат. Секако, тука спаѓаат и лица со компромитиран имунолошки систем поради одредени заболувања или земање имуносупресивни лекови.
Што доколку сме биле во контакт со лице за кое се сомневаме дека е инфицирано или знаеме дека е инфицирано. Што конкретно да преземеме?
- Изолирајте се веднаш од други луѓе! Тоа значи, појдете во некоја посебна, добро вентилирана просторија, останете сами. Имајте со себе и телефон.
Јавете се на еден од телефоните на центрите за јавно здравје или Институтот за јавно здравје. Почекајте да дојде медицинска екипа со епидемиолог, а потоа ќе бидете замолени да останете во домашна самоизолација во тек на 14 дена.
Откако лицето ќе се зарази со коронавирус, кога е најзаразно, а кога се смета за незаразно?
- По заразувањето, во текот на инкубацискиот период, вирусот се размножува во организмот, ги зафаќа т.н. таргет-органи и во еден момент во текот на инкубацијата почнува да се лачи надвор од организмот, преку назофарингеалниот секрет и преку фецесот. Тогаш инфицираното лице станува заразно. За КоВ-2, актуелниот коронавирус, не се знае во кој момент на инкубацијата тоа се случува. Многу веројатно, тоа е во втората половина на инкубацискиот период.
Заразноста е најизразена по завршување на инкубацијата, во текот на манифестниот клинички стадиум на болеста. Заразноста е присутна и ако по инкубацијата воопшто не се појават симптоми (т.н. асимптоматски случаи).
Колку долго трае заразноста и по завршување на болеста од клинички аспект (за тоа има специфични критериуми), не се знае точно. На пример, кај неколкумина пациенти во Кина најдено е дека се позитивни на вирусот и 5 до 13 дена по исполнување на критериумите за испуштање од болница. Не се знае дали тоа значи и дека се заразни.
Дали со зголемување на надворешните температури може да очекуваме намалување на ширењето на коронавирусот?
- Можно е. Постојат одредени студии кои покажуваат дека вирусот ја губи својата виталност на температури над 30 степени. Чувствителни на високи температури беа и другите два члена на семејството коронавируси, САРС-КоВ-1, предизвикувачот на САРС (тежок акутен респираторен синдром) и предизвикувачот на МЕРС (респираторен синдром на Средниот Исток), како и вирусот на инфлуенцата. Ако ја погледнете мапата на светот, ќе видите дека во Африка има многу мал број случаи на Ковид-19 и тоа кај лица што патувале во загрозени подрачја. Но, воспоставување синџири на инфекција нема. Барем засега...
Што мислите, кога на светско ниво ќе се намали ширењето на овој вирус?
- Под претпоставка да не се најде специфичен лек и/или специфична профилакса – вакцина, мерките што сега се преземаат можат само, помалку или повеќе, да го забават ширењето на вирусот низ светот, но не и да го сопрат! Во такви услови, кога-тогаш вирусот ќе инфицира меѓу 50 и 70 проценти од светската популација, чиј проценет број во 2019 година бил 7,7 милијарди. Кога ќе се достигне таков опфат на населението, густината на чувствителни лица ќе биде толку намалена, што веќе нема да може ефикасно да се воспоставуваат синџири на инфекција. Како последица на тоа, епидемијата ќе стивне.
Дали носењето маски и ракавици штити од вирусот? Доколку штити, кои треба да се избираат?
- За маските јасно е наведено во упатствата на СЗО дека, пред сè, се наменети за болни лица да не го расејуваат вирусот наоколу. Носењето маски од страна на здрав човек може да биде индицирано само ако се најде среде група на луѓе во која има некој што кашла, кива во затворен простор. Но, ако се работи за обични хируршки маски, заштитата е многу слаба. Дури носењето маска може понекогаш да биде и контрапродуктивно зашто секогаш има простори меѓу лицето и маската, а дополнително, човек има илузија дека е заштитен и постојано си го допира лицето, проверувајќи дали маската му е добро наместена. Со тоа го зголемува ризикот да си го внесе вирусот по контактен пат. Најдобри се маските со респиратор, т.н. Н95, кои задржуваат и вируси со ефикасност од 95%.
Дали сметате дека нашето здравство може да се справи со епидемија на коронавирус?
- Може, освен ако епидемијата не поприми апокалиптични размери. Ние сме мала земја со ограничени ресурси. Затоа, за да не се соочиме со пречекорување на капацитетот на нашиот здравствен систем, ние мораме да сториме сè за тоа да не се случи! Оттаму, од суштествена важност е, со најголема одговорност и дисциплина, пропишаните мерки сите да ги почитуваме. Тука морам да ги потенцирам учениците и студентите. Училиштата и факултетите не се затворија за тие да се преселат по цел ден во кафулињата и игротеките! Се затворија за тие да останат дома! Тука огромна улога треба да одиграат нивните родители и воопшто семејствата.
Само со стриктно почитување на мерките можеме да сметаме дека ќе го забавиме неизбежното понатамошно појавување на нови случаи. По секоја цена мораме да „купиме“ време, да издржиме додека не станат достапни лек и вакцина, за околу 12-16 месеци...
Дали можевме да преземеме превентивни мерки порано со кои ќе се избегнеше сегашната состојба со бројот на заболени и луѓе во инкубација?
- Целата „приказна“ со вирусот се одвиваше со молскавична брзина на планетарно ниво. Кога сè уште беше ограничена болеста само во Кина, остатокот од светот мислеше дека таму и ќе остане. Никој не се загрижи и кога се појавија првите случаи во Европа зашто можеа да се избројат на прстите на една рака... Кога почна експлозивно да се шири и кога за два месеца практично ја опфати цела планета, јасно стана дека имаме работа со моќен освојувач, кој ги соединил во себе особините на вирусот на САРС да предизвикува тешко заболување, ама сепак десет пати помалку смртоносно од САРС, и високата инфективност на вирусот на грипот. Така снабден, стана незапирлив, за Светската здравствена организација да прогласи пандемија – со сите реперкусии што ќе произлезат од тој чин...
Така што, не верувам дека можевме што било значајно превентивно да преземеме. Порано или подоцна, вирусот ќе ни тропнеше на врата...