X
 21.09.2019 Живот

Поради климатските промени, се шири опасна болест што ја пренесуваат комарците

Денга-треската што ја предизвикуваат комарците се шири низ Азија поради големите климатски промени. Досега се забележани повеќе од 1.000 смртни случаи и стотици илјади заразени.

Епидемијата во Бангладеш е најголема во земјата досега, при што само во август годинава биле заразени петпати повеќе луѓе отколку во цела 2018 година, а починале 57 лица.

Слична е ситуацијата и во другите земји од регионот, при што поголем број заразени и мртви се пријавени во Камбоџа, Лаос, Малезија, Сингапур, Шри Ланка, Тајланд и Виетнам, додека на Филипините епидемијата е прогласена на национално ниво, со 1.107 смртни случаи и повеќе од 250.000 заразени од почетокот на оваа година.

Станува збор за болест што е честа во тропските и суптропските региони во текот на сезоната на дождови. Научниците велат дека потоплото и повлажно време во овие делови создало идеални услови за размножување на комарците, што е дополнително потпомогнато од брзата урбанизација и недостигот на соодветна здравствена заштита во многу азиски земји.

komarci
Фото: ЕРА


Денга-треската е вирусна болест што ја пренесуваат комарците од видот аедес. Вообичаени симптоми на болеста се главоболка, болки во мускулите, треска и исип, иако само 25 отсто од заразените покажуваат некаква форма на симптоми. Во екстремни случаи може да дојде до крвавење, шок, слабеење на органите и на крај смрт.

Ниту една друга вирусна болест што ја пренесуваат комарците не се шири побрзо. Научниците веќе долго време предупредуваат дека глобалното затоплување овозможува услови идеални за ширење на болести што ги пренесуваат комарците, крлежите и други паразити.

Неодамна објавено истражување покажува дека бројот на заболени до 2080 година може да се зголеми дури за 1 милијарда.

Комарците што ја пренесуваат денга-треската лесно се размножуваат во урбани области и промените во животната средина влијаат врз начинот на тоа како вирусот се реплицира во нив, што ја зголемува опасноста од зараза кај луѓето.

Нестабилното време го отежнува предвидувањето на појавата на епидемии


Од почетокот на оваа година природните непогоди, како поплавите, сушите и циклоните, доведоа до раселување на повеќе од 7 милиони луѓе. Временските услови стануваат сè потешки за предвидување, што го отежнува и предвидувањето на појавата на епидемија на заразни болести како што е денга-треската.

Ел Нињо, временскиот феномен што доведува до затоплување на атмосферата, исто така значително придонесе за појава на суши во Југоисточна Азија.

Научниците тврдат дека со климатските промени што ги предизвикува глобалното затоплување на север ќе се шират болести како денга-треската и вирусот зика, заканувајќи им се на Европа, САД, Канада, Источна Азија, Источна Африка и делови од Централна Америка.

Но, климатските промени не се единствената причина за ненадејното ширење на денга-треската. Мобилноста на луѓето, која денес е поизразена отколку пред 50 години, значително придонесе за ширење на вирусот на места каде што претходно не биле пријавени случаи на оваа болест.

Светската здравствена организација ја наведува потенцијалната закана од појава на епидемија во Европа со оглед на тоа што во 2010 година биле забележани првите случаи на болеста во Хрватска и во Франција, додека во 2012 година дури 2.000 луѓе биле заразени во Мадеира, Португалија.

Експертите се согласуваат дека областите претходно имуни на тропските заболувања, како Европа и Северна Америка, во иднина ќе станат плодна почва за нивен развој.

Борба против ширењето на денга-треската


Бидејќи во моментов не постои вакцина што би се користела за спречување на инфекциите, единствен ефикасен начин за борба против болеста е да се спречи ширењето на комарците.

На пример, непрофитната организација „Ворлд москито програм“ користи бактерии што се јавуваат во природата за да се намали способноста на комарците да го пренесат вирусот. Станува збор за бактерија од видот „Wolbachia“ што се инјектира во јајцата од комарците со цел да се постигне отпорност на денга-треската, по што јајцата или возрасните комарци се пуштаат во области каде што е присутна болеста.

Научниците истражувања ја докажаа ефикасноста на овој метод во борбата против болеста бидејќи области како Квинсленд во Австралија, Виетнам и Индонезија бележат значителен пад на денга-треската. Научниците ова го објаснуваат со фактот дека „Wolbachia“ кај комарците успешно се пренесува од генерација на генерација.

Напредок е постигнат и кога станува збор за климата, бидејќи во областите каде што е присутна болеста интензивно се работи на изградба на системи што предвидуваат климатски услови во иднина.

Целта на СЗО е да ги едуцира луѓето и за болеста и на тој начин да го намали бројот на смртни случаи.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот