X
 02.09.2022 Наша тема

Македонија е меѓу земјите со најскапи патарини во регионот, но не и со најквалитетни патишта

Двете нови патарини на автопатот Скопје – Штип - Скопје, кои беа пуштени во средината на јули и кои ќе ги чинат граѓаните дополнителни 240 денари, ја направија македонската автопатска мрежа една од најскапите во регионот, но не и со најдобрите делници.

Во сезона на патувања на годишни одмори и зачестена фреквенција по автопатите, најчести корисници на делниците и најчести плаќачи на македонските патарини се српските граѓани кои транзитираат кон Грција.
Оние граѓани што патуваат со автомобил од граничниот премин Табановце, па сѐ до граничниот премин Богородица ќе платат 760 денари во двата правци за 350 километри автопат, или 2,17 денара по километар, што е многу поскапо во споредба со патарината во нивната земја.

За споредба, во соседна Србија, која наплаќа патарина по истиот принцип на поминати километри, се плаќа малку поевтина такса за користење на автопатот. Од граничниот премин Табановце - Прешево до граничниот премин Хоргош кон Унгарија возењето по 600 километри автопат во еден, или 1.200 километри во двата правци чини 37 евра, или 1,75 денари по километар за патнички автомобил.



Во Македонија, жител на Гостивар ако оди на одмор во Грција и го користи автопатот до Гевгелија ќе плати 1.000 денари за вкупно 460 километри во два правци. Но, тоа е само ако се патува еднаш и ако се патува со автомобил. Другите категории возила плаќаат и многу поскапо.

Високите цени на патарините се најголем проблем за граѓаните од Велес, Штип, Куманово, Тетово и Гостивар кои работат во престолнината, како и оние од Скопје кои секојдневно возат до внатрешноста по овие автопатски делници затоа што издвојуваат енормно високи суми за патарини на годишно ниво.

- Патувам од Велес кон Скопје секој работен во текот на цела година. Месечно мене и сограѓаните што патуваат кон Скопје патарините нѐ чинат 85 евра, а годишно 1.030 евра. Тоа се три и пол минимални плати. Прескапи се патарините, а возиме по лоши автопати без добро осветлување и делници кои немаат ниту трета лента за принудно застанување. Во Бугарија можам да возам цел месец за 900 денари, во Романија цела недела возам за 180 денари, во Словенија една недела ме чини 15 евра, а во Австрија треба да платам десет евра за десет дена. На делницата Велес - Скопје со оваа сума од 10 евра можам да возам само два дена. Со картичките со надополнување средства постои попуст, но морам да внесам огромна сума на пари за цела година, а тоа не го прави никој освен фирмите што вршат транспорт на стока и на патници со камиони, односно автобуси – изјави патник од Велес кој секојдневно доаѓа на работа во Скопје.
Возилата што секојдневно ги користат автопатите, како што се камионите, автобусите и автомобилите, добиваат релативно мал попуст ако надополнат големи суми на електронските картички М-кард од Јавното претпријатие за државни патишта.



Вредноста на бесконтактните картички изнесува 100 денари и минималниот износ на надополнување е 300 денари. Првиот попуст од 2% или максимални 200 денари се добива ако се надополнат 10.000 денари, за надополнување од 10.001 до 50.000 денари се добива попуст од 1.000 денари, 5 отсто попуст или 15.000 денари се добиваат ако се надополни сума од 50.001 до 300.000 денари, а за надополнета сума над 300.001 денар или над 5.000 евра максималниот попуст е 7% или 350 евра.

Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) велат дека цените на патарините, односно висината и начинот на наплата на надоместок за употреба на пат ги одредува Владата со Одлука која ја регулира оваа давачка.

- Износот на надоместокот за извозено растојание од еден километар (надоместок за поминат километар) за возилата од прва категорија Б (основна категорија), изнесува 2,5784 денари/километар по возило. Вкупното извозено растојание за кое се наплаќа патарина се пресметува со множење на надоместокот за поминат километар со должината на делницата за која се врши наплата на патарина - стои во владината уредба.

Врз основа на оваа владина одлука, ЈПДП остварило 46,4 милиони евра годишен приход од патарини, што е за 2,8 милиона евра повеќе во споредба со 2019 и за 12 милиони повеќе од пандемската 2020 година. Повеќе од една четвртина од овие приходи се остварени преку електронска наплата на Коридорот 10.

Процените се дека годинава само од патарини ЈПДП ќе генерира приходи од над 50 милиони евра. Преостанатите приходи ЈПДП ги обезбедува од акцизата за гориво (околу 58 милиони евра за 2021 година) и од надоместокот за јавни патишта при регистрација на возила (нешто над 28 милиони евра за 2021 година).

Според законот за патишта, патарина се плаќа за користење „дел од пат, односно надоместок за употреба на јавен пат, негов дел или објект на патот (автопат), а надоместок за јавни патишта за моторни возила (патна такса) се плаќа за користење на сите патишта“.



Ова значи дека државата двапати им наплаќа на граѓаните за користење делови од автопатот, еднаш на наплатна станица и еднаш при регистрација на возилото.

Овие приходи треба да се користат за реконструкција на патиштата и одржување на инфраструктурата и патната сигнализација, но ситуацијата на терен не е таква.
Реконструкцијата на делниците оди бавно, а последната од нив на потегот Катланово - Петровец наместо да заврши до декември 2021 година, поради промена на изведувачот, ќе биде завршена за една и пол година.
Најголем дел од знаците не се поставени на едно место, хоризонталната сигнализација на некои места може да го збуни возачот, дрвјата околу коловозот не се искастрени, малите камења од одроните најчесто возачите сами ги чистат, а оградите на автопатите или се украдени или се уништени. За горенаведеното треба да се грижи Јавното претпријатие „Македонијапат“.

- Редовното одржување, во кое спаѓа и заштитната ограда, е во надлежност на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта (Македонијапат) кое има обврска да постапува и континуирано да ја заменува оштетената и најчесто нелегално отстранета оградна мрежа на автопатиштата.
Што се однесува до кражбата на патна опрема, сметаме дека нелегалното отстранување на патната опрема треба да е третирано исто како и секоја друга нелегална активност од страна на релевантните институции - рекоа од ЈПДП.

Инспекциски надзор на спроведувањето на Законот за јавни патишта и прописите донесени врз основа на овој закон, согласно член 68, врши Државниот инспекторат за транспорт.

Фото: Орце Костов
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема