X
 02.10.2018 Образование

„Играчка – плачка“, а не тепачка се случила во „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродором

Неумесна игра, а не врсничко насилство е причина за повредата на 14 годишното девојче од Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ од скопската населба Аеродором, кога нејзини соученици во петокот ја фрлиле од прозорец на приземје, вели класниот раководител на деветтоодделенците, Марјан Јовановски. За Факултети. мк тој изјави дека не ги оправдува учениците, но објаснува дека не станува збор за врсничко насилство.

- Буквално се случило „од играчка - плачка“. Станува збор за одделение од 31 ученик со одличен успех и примерно поведение. Класот е прекрасен и сите се дружат. Децата веќе две недели ја играле оваа игра. Носеле ученик до прозорец и тој сам скокал преку рамката во дворот. Овојпат, играта тргнала на лошо- девојчето не успеало да се задржи на нозе. Има снимки, ги видовме, учениците се смеат додека ја играат играта. Никој насилно не фрлил никого од прозорец – вели тој.



Наставникот нагласува дека станува збор за неубава игра, која учениците не смееле да ја играат. Дека се случило не сакајќи, но за жал со последици.
- Утрово имавме Наставнички совет, шест ученици ќе добијат соодветна казна според Правилникот, ние како училиште презедовме сѐ што беше во наша надлежност. Децата се смирени, попладнево ќе имаме и родителска средба за да ги известиме родителите. Секако не смееле да ја играат играта и да молчат две недели дека се случува тоа – вели Јовановски.

Тој додава дека на родителите на децата останува да решат каков епилог ќе има случајот. Неофицијачно, девојчето има повреди на грбот.
Подготвил: М.А.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование