X
 23.12.2024 Живот

За врсничкото насилство одговорни се сите, а може да се намали со едукација и развивање емпатија кај учениците, вели психологот Соња Угриновска

Од почетокот на оваа учебна година, за само три месеци имало 15 пријави за насилство во училиштата, а меѓу најновите случаи е тој во Основното училиште „Блаже Конески“ во Велес кога седмоодделенец физички нападна свој соученик кој заврши со тешка повреда на черепот.

Институциите го расчистија случајот, поднесени се соодветни пријави, во целиот процес се вклучени психолози, педагози, социјални работници, обвинител и родителите, но јавноста остана потресена од инцидентот. Истовремено се вклучи алармот кај сите дека не се прави доволно за да се заштитат децата од булинг во училиштата.

Јавна тајна е дека најголемиот проблем училиштата го имаат со родителите од моментот кога ќе се утврди булингот, без разлика дали е тоа тепачка, навредување. Родителите најчесто не сакаат да соработуваат или, пак, сакаат случајот да се заборави без да има казни и педагошки мерки.
Обемот на насилство во училиштата е преголем, а полициските билтени ги содржат само сериозните инциденти.

Соња Угриновска, психолог и семеен и системски советник, за „Факултети.мк“ се обиде да ги објасни причините и факторите што придонесуваат за ваквата зголемена тенденција на насилство и булинг.

- Повеќе фактори се во прашање кога зборуваме за пораст на насилство во рамките на училишната средина. Почнувајќи од системски и општествено-социјални фактори, во кои динамиката и предизвиците на средината и пошироко влијаат врз вредносно-етичките прашања, индиректно тоа се пренесува во рамките на домот и семејната средина.
Воспитувањето е само една алка на семејната динамика, кога во поддржувачка средина треба да биде многу сензитивна за детето, препознавајќи ја можноста нивното дете да стане учесник во тој однос на насилник – жртва и навремено да се ангажира или да побара соодветен чекор за превенција или излез од такви ситуации. Однесувањето со насилство кога е долготрајно и континуирано, присутно во нашата средина, е потсетување дека можеби не е само недоволната комуникација родители – наставници фактор, туку може да се заклучи дека и семејните или психолошките фактори се значајни во утврдување на причините, но и пошироко социјалните фактори како социо-вредносни норми и посложените социјални влијанија како моделот кој служи за пример, начинот на организирање здрав живот за младите, одговор на системот за навремено препознавање на насилничкото однесување и можност да се предвидуваат нови предизвици од тој аспект - вели Угриновска.



Истражување на народниот правобранител покажа дека, всушност, основците се најпогодени и речиси половина од нив рекле дека биле жртви на некој вид насилство во училиштата. Училиштата имаат одговорност да бидат безбедна средина за учениците, но првиот чекор во создавање вредносен систем кај децата сепак се родителите и семејството.

- Училиштата имаат голема одговорност да бидат безбедна средина за учениците бидејќи таму децата поминуваат најмногу време. Во некои ситуации можеби ќе се најдат некои слабости кога нема присутен надзор во критични моменти, како одмори, но и ако не се спроведуваат програмите за превенција од насилство, за едукација на наставниците и на децата. Сепак, семејството и родителите се првиот чекор и основен фактор во создавање на вредносниот систем кај децата. Родителите се тие што го учат детето на социјални вештини и позитивно однесување. Динамиката во секојдневните промени и предизвици ги предизвика и стручните лица како психолозите во изнаоѓање најдобар третман за децата жртви на училишно насилство - образложи психологот.

Но, како да се детектира вина во системот, односно кај кого: кај родителите, кај Министерството за образование и наука, наставничкиот кадар или, пак, вината треба да се препише на технологијата, односно интернетот, кој стана ново поле за врсничко и нефизичко насилство.

- Промените што се случуваат повлекуваат заедничка одговорност и не би било соодветно да се повикува на единствена вина. Како може да се поттикне промена? Истрајност во спроведувањето едукација за ненасилно решавање конфликти и развивање позитивни социјални вештини и емпатија кај децата. Влијание имаат и медиумите, социјалните мрежи, па дури и културата на едно општество - порача Угриновска.

Според постојните упатства и правилници, училиштата имаат на располагање низа педагошки мерки и помош може да побараат од многу институции, од МВР и од невладините организации, сѐ до центрите за социјална работа. Посебно е упатството за основно образование, донесено во 2020 година, каде што на 50-ина страници детално се појаснуваат постапките. Но, практиката покажува дека упатството тешко се применува.

- Важно е да се слушнат сите стручни соработници во давање нови идеи за контрола на ризично однесување. Важна е соработката со родителите во вид на психолошка поддршка и советување. Важен е, исто така, планот за активности од страна на институциите за младите за тоа како покорисно да го трошат своето време, а и каде што би нашле како да ја канализираат енергијата во нешто корисно за нивното ментално здравје и каде што би развивале почит, емпатија, чувство за заедништво, алтруизам итн. - дополни психологот Соња Угриновска.

Кога родителот е незаинтересиран или одбива соработка, тогаш на помош се вклучува Педагошката служба при МОН, која учествува во советувањата на родителите, изготвува стручни мислења, предлага мерки за надминување на ситуацијата, но и прекршочни пријави.
До Педагошката служба на МОН стигнуваат и анонимните пријави за насилство од е-адресите на МОН (prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk), кои беа отворени лани во мај, откако во основно училиште во Србија ученик застрела десет лица.



- Најважни активности за борба против врсничкото насилство се превентивните. Училиштата се должни во своите годишни програми да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слично.

Во тој контекст и МОН уште на почетокот на учебната година до училиштата достави допис со насоки да се организираат што повеќе наставни и воннаставни активности за учениците за подигнување на свеста за градење мирна и хармонична училишна средина во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување.
Местото на наставникот е клучно во сите активности насочени кон спречување и заштита од дискриминација и насилство. Затоа што тој низ воспитно-образовниот процес ја всадува кај децата и младите свеста дека никој не смее да биде жртва на насилство, а доколку се случи, за насилството не треба да се молчи. Наставниците минуваат многу обуки за нивна професионална надградба, меѓу кои и за превенирање на насилството. Втората инстанција е стручната служба во училиштето, а понатаму може да се вклучи и Педагошката служба при Министерството, одговорија од МОН охрабрувајќи ги сите ученици и ученички да пријават насилство во каква било форма на електронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk, директно во Педагошката служба или во Државниот просветен инспекторат.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот