Навреди, потсмев, омаловажување, но и физичко насилство од страна на соучениците секојдневно доживуваат многу деца во училштата во Македонија. Овој сериозен и голем проблем е присутен и кај нас, а потврда за тоа беа многубројните искуства кои родители ги споделија на нашата онлајн анкета.
Психологот и гешталт психотерапевт М-р Ивана Хаџиванова за Факултети мк. вели дека врсничкото насилство е сериозен и чест проблем во училиштата и предизвикува долготрајни негативни последици на детето кое е изложено на ваков тип на насилно однесување од своите соученици со кои се гледа секојдневно. Таа, врсничкото насилство или т.н булинг го дефинира како форма на агресивно однесување кое е намерно и постојано изразено кон друга личност со цел предизвикување физичка или психолошка повреда и дискомфорт. Тој може да биде изразен со директен и постојан физички напад и малтретирање или пак употреба на навредливи зборови и психолошко повредување.
- Станува збор за една злоупотреба на моќ во релациите која може да биде индивидуално или групно изразена. Детето кое е изложено на врсничко насилство има проблем да се одбрани себеси и најчесто не дава повод или провокација за изразување на било каков тип на агресивно однесување врз него. Врсничкото малтретирање се манифестира на различни начини, но особено загрижувачки факт кој треба да се има на ум е дека децата се вешти во криењето на тој голем проблем - вели Хаџиванова.
Препознавање на знаците е најважен и прв чекор во превземање акција против врсничкото насилство. Хаџиванова истакнува дека ова е особено важно бидејќи често децата кои се изложени на вакво малтретирање не бараат помош, се срамат и го кријат насилството.
- Родителот треба да внимава на промени во однесувањето на детето. Најчести знаци кои може да се индикатор на врсничко насилство се: модринки и повреди по телото, уништена облека или книги, губење на предмети, чести главоболки, болки во стомакот и гадење, промена во навиките за јадење, промени во спиењето и кошмарни соништа, намалување на оценките и училишниот успех, отпор кон училиштето и губење на интересот и желбата да се посетува наставата, загуба на пријатели и избегнување на социјални собири, намалена самодоверба, чувство на беспомошност и тн. Во потешки случаи се забележува депресивност, себе-повредувачко однесување и злоупотреба на психоактивни супстанци - објаснува таа.
Кога кај родителот ќе се јави сомнеж дека неговото дете било изложено на врсничко насилство, првиот чекор треба да биде разговор со него. Здрав контакт, однос со доверба, љубов и безусловна подршка без осуда ќе го ослободи детето да ги изрази своите емоции и отворено да ги раскаже негативните случувања, смета Хаџиванова.
- Родителот не смее во ниеден момент да покаже нетрпеливост, несигурност и дополителна осуда на детето или пак да бара дел вина и во него. Родителот е главната поддршка и заштитник на детето во периодот на булинг, и тој што е најмногу потребно да работи со детето на враќање на самодовербата и сигурноста во себе. Втор чекор е известување на класниот раководител, училишниот психолог и други одговорни лица во училиштето, за лицето кое го врши насилството. Пристапот треба да е тимски со цел превземање на мерки за корекција на однесувањето на детето кое го вршело малтретирањето. Известување на родителите на детето кое го врши насилството и нивно активно учество во справување со ситуацијата е задолжително. Нивната активност и соработка се круцијален дел.
Покрај овие чекори, за детето најважно е и советување со психолог. Родителите треба да побараат помош од училишниот психолог или друго стручно лице. Тој најдобро ќе ја процени сосотојбата на детето последиците од малтретирањето.. Истовремено, тој би работел во насока на зајакнување на сите делови од личноста на детето и создавање одбрамбени механизми кои би го заштитувале во иднина, а со тоа и елиминирање на симптоматологијата и промената во однесувањето која се развила како резултат на врсничкото насилство.
- Детето жртва е најчесто сензитивно, фрагилно, социјално повлечено и тивко по природа, анксиозно и несигурно. Тоа е пасивно и не застанува цврсто за себе туку дозволува другите да имаат целосна моќ и контрола врз него. Најчесто станува збор за деца од машки пол. Децата пак кои вршат булинг најчесто биле изложени или биле сведоци на физичка или вербална агресивност во домот. Тие имаат позитивен поглед врз таквото однесување, го научиле по пат на имитација и затоа се однесуваат агресивно спрема другите луѓе. Тие се физички силни, не се многу популарни меѓу врсниците, имаат проблем да ги почитуваат правилата, покажуваат мала емпатија, имаат високо мислење за себе и очекуваат останатите да се однесуваат по нивна желба - објаснува Хаџиванова.
Децата не се малтретирани од страна на другите соученици само на училиште, агонијата продолжува и на социјалните мрежи. Со помош на новите технологии врсничкото насилство добива поинаква форма, но последиците се исти.
- Таканаречениот сајбербулинг е насилство кое се врши со употреба на технологијата, преку разни комуникациски алатки меѓу кои се и социјалните мрежи. Апсолутно може да се користат во негативни цели и да станат опасни, но треба да се знае дека независно дали булингот е во училиште или е преку технологијата, ефектите се исти. Негативните специфики на сајбер булингот се: достапнoста 24/7, можноста да се објавуваат анонимни постови од скриени профили, да се споделуваат дискредитирачки слики, видеа и информации за многу кратко време до огромен број на луѓе, да се испраќаат вознемирувачки пораки итн. Децата кои се изложени на врсничко насилство во училиште најчесто се изложени и на сајбербулинг, а тој пак е форма на булинг која децата малку потешко ја избегнуваат - вели Хаџиванова.
Линк до фејсбук страната на психолог Хаџиванова