X
 09.05.2023 Образование

Методот со кој Финска го елиминира врсничкото насилство во училиштата

Не е тајна дека финските училишта се пример за целиот свет. Меѓу другото, тие се пионери во борбата против врсничкото насилство благодарение на програмата „Ки-Ва“. Програмата била составена од финското Министерство за образование, а нејзиното име претставува скратена верзија од „Kiusaamista Vastaan“, што на фински значи „против малтретирање“.

Програмата била воведена во 2007 година и веќе во првата година ги намалила случаите на врсничко насилство за 40 отсто. Досега ја примениле над 90 отсто од финските училишта и со тоа ги елиминирале случаите на малтретирање и насилство во училниците. Целта на програмата е учениците да ја препознаат опасноста од врсничкото насилство и да ги бранат оние што се жртви на малтретирање. Децата престануваат да бидат пасивни сведоци и знаат дека ако сите заедно се соочат со насилникот (наместо само да набљудуваат), тој веќе нема да малтретира ниту едно дете.

Програмата функционира благодарение на неколку нејзини елементи.
Учениците користат виртуелно поштенско сандаче каде што анонимно ги пријавуваат случаите на малтретирање. Освен тоа, учениците имаат наставници на кои може да им веруваат, а за време на одморот наставниците го следат однесувањето на учениците.

Учениците учат да ја поддржуваат жртвата, а во случај на врсничко насилство, три наставници ја смируваат жртвата и водат дијалог со насилникот додека проблемот не се реши. Децата учат како да ги идентификуваат емоциите на своите врсници и работат на тоа да имаат емпатија и почит кон другите.


Фото: Pixabay

Учениците што учествуваат во програмата следат часови за препознавање и соочување со врсничко насилство во текот на неколку различни години од своето образование. На часовите, тие учат за емпатија преку игри и симулации. Во различните сценарија што им се дадени, тие треба да изберат какви активности да преземат и какви би можеле да бидат последиците од тие дејства. На пример, во една игра, децата ги контролираат аватарите на цртаните филмови. Во играта, тие можат да бидат сведоци на малтретирање на срамежлив ученик. Тие треба да одлучат дали и како ќе го бранат тој ученик. Има последици во зависност од тоа што ќе изберат да направат, што ја прави оваа игра авантуристичка.

Учениците, исто така, учат како да им пристапат на жртвите на малтретирање и да се уверат дека се во ред. Игрите им овозможуваат да „вежбаат“ да бидат учтиви и што да му кажат на некој што се чувствува исклучен или непожелен во групата. Ова ги подобрува способностите на учениците да бидат сочувствителни и да ги поддржуваат жртвите.

Земји што го спроведуваат овој метод во практика

Поради својот успех, овој метод се применува и во други земји. Во 2015 година првата фаза од спроведувањето на програмата против насилство беше прифатена во Аргентина, Колумбија, Шпанија, Мексико и во Чиле. Во тоа време содржината на програмата била достапна само на англиски јазик, па почна да се користи во двојазичните училишта.

Холандија, Обединетото Кралство, Германија, Белгија, Италија, Луксембург, Естонија, Шведска, Нов Зеланд и Унгарија исто така почнале да го користат овој метод во некои училишта.

Што треба да направите ако вашето дете е жртва на насилство?

Ако вашето дете ви каже дека е малтретирано, се препорачува да следите одредени упатства кои ќе ви помогнат. Покажете му дека може да ви верува. Ова е најдобриот начин да се создаде атмосфера на дијалог и разбирање. Објаснете му на вашето дете дека ќе бидете тука за него без разлика на сè.

Известете ги наставниците на вашето дете за проблемот. Тие треба да бидат свесни за тоа што се случува во нивната училница и да најдат начин да го елиминираат тоа. Покрај вашата поддршка, понекогаш се препорачува вашето дете да добие психолошка помош. Ова ќе му помогне подобро да се справи со ситуацијата.

Извор: Lola magazin
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование