Ако архитектот учествува во создавањето објекти, учителот учествува во создавањето на човештвото. Во еруптивните промени на начинот на образование во нашата професија, брзиот живот, трката по моќ, нашата професија е исправена пред огромен тест. Во овие времиња предизвикот е голем, а нашата мотивација, за жал, спласнува. Сепак, да се потрудиме да бидеме двигателот на убавото, позитивното и доброто кај човекот. Оти ние тој човек го градиме, истакна наставничката Душица Јакимовска од Ранковце
Ако треба некој да се постави на пиедестал во општеството, тоа се наставниците, бидејќи тие се хероите кои ја креираат судбината на државата. Ние, наставниците, денес сме исправени пред јазот меѓу минатото и иднината, но верувам во нашиот ентузијазам и дека ќе ги пребродиме сите тешкотии. Ова денеска го истакна одделенската наставничка Весна Јованова на тркалезната маса организирана од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Здружението на одделенски наставници во Битола, во пресрет на Светскиот ден на учителот. Свои излагања и обраќања во свечената сала во стариот Ректорат имаа наставници/практичари од повеќе училишта во државата. Наставниците зборуваа за проблемите со кои се соочуваат и тие и учениците.
Најтешко им е на оние што предаваат во комбинирана паралелка
Наставниците зборуваа и за комбинираната настава која се практикува во многу рурални средини во државата. Беше истакнато дека е најтешко да се работи во комбинирана паралелка во која има ученици од сите одделенија.
- Тие наставници чекаат превоз и по неколку часа за да одат и да се враќаат од работа, и даваат и по 4.000 денари месечно од своите лични примања само за превоз. Ова е болна рана која е повик до МОН платата на овие наставници да биде иста и да бидат обезбедени патни трошоци за нив. Тие имаат најтешка работа и најмногу работа, а најмалку се платени - рече одделенската наставничка Наташа Тодоровска од Здружението на одделенски наставници.
Има дечиња што не знаат шише да отворат
Практичарите го истакнаа и проблемот со деформитетите и дебелината кај учениците. Наставничката Душица Јакимовска во училиштето „Кирил и Методиј“ во Ранковце рече дека мора да профункционира тандем-наставата во основните училишта, која подразбира часовите по физичко да ги одржуваат двајца наставници, одделенскиот и оној по физичко и здравствено образование.
- Децата носат претешки ранци, не седат во правилна положба, ИТ-технологијата си го зема данокот. Сето ова покажа дека кај нас секое трето дете е со зголемена телесна тежина и со физички деформитети. Се изнајде модел кој од 2019 година се воведе во системот како тандем-настава. За жал, имаме првачиња кои не можат да се качат на ниска греда, не можат шишенце да си отворат и не знаат да скокаат. Затоа е клучно тандем-наставата да профункционира во нашите училишта. Со тоа детето ќе биде посамостојно и посигурно. Секое правилно движење е добра основа за развој на правилна моторика - истакна наставничката Јакимовска.
Учителот учествува во создавањето на човештвото
Јакимовска во своето обраќање кажа дека учителската професија во овие времиња е ставена на тест.
- Ако архитектот учествува во создавањето објекти, учителот учествува во создавањето на човештвото. Во еруптивните промени на начинот на образование во нашата професија, брзиот живот, трката по моќ, нашата професија е исправена пред огромен тест. Во овие времиња предизвикот е голем, а нашата мотивација, за жал, спласнува. Сепак, да се потрудиме да бидеме двигателот на убавото, позитивното и доброто кај човекот. Оти ние тој човек го градиме - рече таа.
Резултатите од нашата работа не се веднаш видливи
Наставничката Весна Јованова кажа дека ниту една технологија не може да ги замени наставниците.
- Јас сум педагог, едукатор, професор, наставник, учител. Ние сме овде да ја поттикнуваме креативноста, трудољубивоста, и од секој ученик да го извлечеме максимумот. Резултатите од нашата работа не се видливи веднаш. Ние трпеливо и родителски ги поттикнуваме малите души да се борат и да станат луѓе. Ние сме првите нивни учители, кои тие ќе ги помнат цел живот. Технолошкиот развој донесе промени во работата на сите луѓе, па затоа и нашите професионални компетенции мораа да се променат. Но, технологијата не може да нè замени нас, наставниците, никогаш. Не постои наставник кој знае сè , но оној што е подготвен континуирано да се надградува, ќе може лесно да се справи со предизвиците - истакна наставничката Јованова од училиштето „Страшо Пинџур“ во Неготино.
Одделенската наставничка Наташа Тодоровска од Здружението на одделенски наставници кажа дека визијата на Здружението е современо образование.
- Потребен е рамноправен однос на високообразовните институции, училиштата и наставниците како практичари на теоријата. Ние, како здружение, напишавме барања за новите реформи, предлагавме и критикувавме и дел од нашите забелешки беа земени предвид од надлежните. Наша визија е осовременето образование, како и унапредување на образовниот процес во одделенска настава, но и зајакнување на дигнитетот на наставникот - рече Тодоровска.
Марија Богатиноска, одделенска наставничка во училиштето „Никола Карев“ во Пробиштип, зборуваше за воннаставните и проектните активности со учениците.
- Сведоци сме на брзи промени во воспитно-образовниот систем. Тоа повлекува и бара и учениците и наставниците да се надградуваат и да се „апдејтираат“ за да можат да ги следат сите современи трендови. Воннаставните активности се од суштинско значење зашто се развива креативноста и на наставниците и на учениците, се зајакнува способноста за тимска работа и се поттикнува натпреварувачкиот дух - рече Богатиноска.
На настанот свои обраќања имаа и наставничките Гордана Наумовска-Трајковска, која говореше за инклузијата во образованието, Маја Буклеска за учењето на далечина, Сандра Колева за дигитализацијата, Марина Станиславова за мотивацијата и Весна Пупучовска за комбинираните паралелки. За темата за воннаставни и проектни активности удел имаа и наставничките Мануела Димова и Виолета Петковска.