Елени Декидис е бугарска продуцентка и актерка со грчко потекло. Дипломирала на Националната академија за театарска и филмска уметност, а завршила магистерски студии по филмска и ТВ-продукција. Веќе 7 години работи секаков вид аудио-визуелни проекти. Елени е вклучена во производствениот процес на неколку долгометражни бугарски филмови, меѓу кои и „Рајот на Данте“. Eлени е и дел од најпопуларната бугарска ТВ-серија „Ол инклузив“, каде што ја глуми лошата Елица Хаџикосева, сопруга на богат бизнисмен од Пловдив. Елени моментално работи на три проекти за идни филмови и е дел од актерската екипа на првиот филм на Гоце Цветановски - „Денот на жената“.
Како се роди соработката со режисерот Гоце Цветановски и снимањето филм во Македонија?
Со Гоце се сретнавме минатата година во Лил, Франција, на форумот за анимација. Таму тој спомена дека ќе го снима својот прв игран филм. На шега му реков: „Земи ме за една од улогите“, и тоа се случи.
Да се работи со Гоце е многу лесно и времето брзо поминува. Тој инсистираше да имаме зум-проби, што од една страна беше чудно, но од друга страна покажа голем професионализам и почит кон мене како актерка.
Немаше стрес или брзање на сетот, што е многу важно за крајниот резултат. Ја сакам целата екипа и многу сум среќна што можам да кажам дека од првиот ден сите ме прифатија и станав дел од нивното филмско семејство, како отсекогаш да било вака.
Кажете ни нешто повеќе за Вашата улога во филмот
Мојот лик е девојка од Источна Европа која била дел од трговија со луѓе. Никогаш не сакала да биде проститутка, но била принудена на тоа. Како и на сите девојки, и нејзиното име е Наташа. Многу силен момент во филмот е кога сфаќаме дека девојките не ги користат нивните оригинални имиња, туку сите имаат едно име - Наташа.
„Денот на жената“ се снима под ковид-протоколи и во тешки времиња. Дали Ви беше проблем да се приспособите на овие услови и дали имаше тешкотии на самото снимање?
Во вакви услови живееме половина година и бидејќи снимањето беше возможно, ова е трет голем проект од кој сум дел. Така што, некако се навикнав да правам тестови за корона и слично. И понатаму е тешко, но ако сакаме да го правиме она што го сакаме, треба да се грижиме за нашето здравје. Додека работам и како актерка и како продуцент, сфаќам колку е важно да бидете исклучително внимателни во врска со сопственото здравје, бидејќи откако проектот ќе почне, никој нема да може да ве замени.
Каква беше соработката со актерите од Македонија што играат во филмот?
Во филмот играм само со Слаѓана Вујошевиќ, а се сретнавме онлајн три месеци, пред почетокот на снимањето. Можам да кажам дека станавме пријателки уште од првиот ден. Беше љубов на прв поглед. Тешко ми е да се спријателам со актерки, но со Слаѓана би сакала да останам пријателка и да работам повторно и повторно. За жал, немав можност да работам со други актери, се сретнав само со неколку од нив. Но, можам да кажам дека кастингот е брилијантен.
Продуцентка сте на кратката играна црна комедија „Жолтиот олеандер“. Дали е тешко за една жена да влезе во машкиот свет на филмот, особено во однос на продукцијата и режијата, каде што мажите сè уште доминираат.
За „Жолтиот олеандер“ бев продуцент (line producer). Продуцент сум на еден друг филм од истата продукциска куќа, „Премиерстудио плус“., „Рајот на Данте“. Но да, тешко е или барем беше. Кога почнав да студирам имав само 22 години и беше многу невообичаено за една млада девојка, згора на тоа млада актерка да го избере овој пат. Но, сакам кога е тешко бидејќи така растеш, нели?
Моите први проекти беа со постарата генерација на бугарското кино и јазот во возраста беше проблем. Но, сега работам со помлади луѓе со кои имаме ист начин на размислување и на создавање на филмот и малку е полесно. И сега имам многу искуство. Сепак, очигледно е дека ова е машки свет. Но, кога работите професионално, тогаш нема проблем и мажите ве почитуваат.
Исто така, дел сте од екипата на ТВ-комедијата „Ол инклузив“ што оваа есен ќе ја има втората сезона. Дали бугарската публика сака да ги гледа своите филмови и серии?
Бугарската публика обожава домашни ТВ-серии и филмови. „Ол инклузив“ беше првиот потврден проект за време на корона-изолацијата. Продуцентите ми се јавија кон средината на април, кога сè уште никој не знаеше како ќе се одвиваат работите. Почнавме да снимаме на крајот од јуни и првата епизода од втората сезона се емитуваше на телевизија на 10 септември. Така што, можете да замислите колку беше сакана оваа сезона. Луѓето ја обожаваат серијата и се надевам дека ќе имаме уште многу сезони.
Што Ве чека по „Денот на жената“? Кои проекти се следни?
Работам за една грчко-бугарско-италијанско-швајцарска документарна копродукција како асистент-продуцент. И имам свои проекти како продуцент - повеќето од нив сè уште се во фаза на развој. Во Бугарија имам продукциска куќа и најмногу работам со млади режисери, бидејќи би сакала да ги развијам нивните таленти и вештини. Се надевам дека наскоро ќе имаме шанса да работиме во нормални услови.