Во средно образование почнав многу повеќе да се интересирам за џез-пристапот и креативната музика, а целата игра се смени на факултет каде што ги осознав техниките на аранжирање и проширениот тоналитет од професор Живоин Глишиќ, кој ми отвори видици во сите полиња на творење, свирење, вели Петровски, кој неодамна беше прогласен за најдобар млад џез-уметник на Скопскиот џез-фестивал
Со закитувањето на епитетот најдобар млад џез-уметник Иван Петровски го крена стандардот за идните добитници на наградата „Златен орикс“ што секоја година ја доделува Скопскиот џез-фестивал. Станува збор за талентиран инструменталист и композитор, кој иако има само 27 години, има долг музички опус како изведувач и автор.
Ако ги следите вечерните клупски свирки, тогаш сигурно го знаете како извонреден гитарист кој има свирено со повеќе скопски бендови, но тоа е само дел од неговата музичка биографија. Иван е еднакво успешен како композитор на класични дела и на џез и поп-рок нумери. Експерименталната музика и спонтаноста во музицирањето се тоа што најмногу го привлекува, за што доволно говори разнобојноста на проектите во кои има вмешано прсти.
Луѓето Ве знаат како гитарист и композитор. Како повеќе се доживувате, како инструменталист или како композитор?
- Искрено, не би можел да одберам. Еднакво се доживувам и во двете сфери. Кога сте на бина пред голема публика или, пак, во некој мал клуб пред помалку луѓе, чувството е уникатно и потешко за опишување. Истовремено се прави искрена размена на енергија помеѓу бендот и публиката и таа магија на емоции се случува само тогаш и само таму.
При компонирањето сте сам со себе, одвоени од светот и имате порив да откривате нови музички идеи. Желба за креирање на нешто што првпат се создава во тој момент.
Единствено и непроценливо...
Неодамна добивте награда за најдобар млад џез-музичар кај нас. Од кога трае Вашата врска со џезот и на кој начин навлеговте во овој правец, од аспект на тоа како научивте да го свирите, а подоцна и да компонирате џез-нумери?
- Уште од мал, од тие стари касети бев љубопитен да најдам одговор што е тоа што е толку конфузно и со таа доза на хармонско мелодиска комплексност, а истовремено да звучи толку точно и како само така да треба да биде. На почеток во средно образование почнав многу повеќе да се интересирам за џез-пристапот и општо креативна музика, а целата игра се смени на факултет каде што ги осознав техниките на аранжирање и проширениот тоналитет од мојот драг професор Живоин Глишиќ, кој ми отвори видици во сите полиња на творење, свирење, пишување и сето тоа проследено со активно слушање и анализа на разноразна музика.
Кога првпат покажавте интерес за музика. Дали некој Ве упати во тој правец?
- Се сеќавам на деновите како мал кога татко ми ми пушташе касети од Би Би Кинг, гитарското трио со Пако де Лусија, Ал ди Меола и Џон Меклафлин, Стиви Реј Вон, групата „Леб и сол“ и многу други. Паметам колку бев фасциниран од звукот и љубопитно посакував и јас да знам да свирам на некој инструмент. Некако ненамерно, но воопшто неслучајно се појави желбата за гитара.
Вие сте самоук гитарист. Дали гитарата е прв инструмент на кој почнавте да свирите? Од аспект на музичкото образование, пак, сте школуван музичар и изучувавте тромбон...
- Да, гитарата ми е прв инструмент и од преголемата желба да научам да свирам почнав сам да си ги осознавам основите на почеток. Како самоук гитарист, подоцна си дадов задача сѐ што ми се допаѓа да го „симнам“ на гитара и да го отсвирам. „Леб и сол“ и солата на Влатко Стефановски ми беа предизвик и сè додека не ги отсвирев најточно во темпо - не си легнував.
Завршив средно музичко образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, отсек тромбон во класата на проф. Ташко Тодоров. Бидејќи немам основно музичко образование, а имав голема желба да изучувам музика, по некоја случајност мојот главен инструмент беше тромбонот. Среќен сум што го направив тој избор. Високото музичко образование го завршив на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек аранжирање во класата на професорот Живоин Глишиќ.
Дали сметате дека музичкото образование е пресудно да се биде успешен, пред сè, како композитор или тоа може да го усоврши и некој што нема претходно формално музичко образование?
- Сметам дека теоретското познавање може само да помогне во музичкото патешествие, но не и дека е пресудно. Има толку многу музичари од светски размери што немаат познавање од музичка теорија. Секој што има желба и музичка цел да постигне нешто што зацртал, со многу работа, посветеност и верба ќе го постигне. Верувам во естетика во музиката бидејки тоа е тоа што луѓето прво го забележуваат. Дури и да не се музички едуцирани, едногласно се сложуваме за општото убаво, така што естетика е на прво место!
Членувате во голем број состави. Кој правец најмногу Ве привлекува, пред сè, за изведување во живо и зошто?
- Најмногу ме привлекува секаква фузија на повеќе, би рекол, човечки карактери претопени во експериментална музика. Со браќа по оружје кои веруваат во музика, во еден момент се спојуваат коцките и почнуваат забавните лудории!
Член сум во бендовите: 3ject, D.S.H., MusaiQ и Higher Ground и зад себе имам официјално шест албумски објави, меѓу кои четири како дел од соработка и две со авторските бендови D.S.H. „Intermission” и 3ject „Homeverse”.
Што е потешко, да се компонира класично дело, џез-композиција или поп-рок песна?
- Сите три вида имаат заеднички убавини, а се толку многу различни. Ќе се потрудам накратко да одговорам. Класичното дело бара конкретност, совршено гласоводење и точност. Џез-композицијата бара отвореност, ширина, хармонска комплексност и импровизација. Поп-рок песна бара убава мелодија, конкретни аранжмански решенија, текст и добра вокална интерпретација. Сево ова звучи како рецепт за колач, но во исто време секој стил е тежок и комплициран затоа што секој си има свои карактеристични одлики.
Што попрво би одбрале - студиска работа или свирење во живо?
- Ова е најтешкото прашање досега... Бидејќи мора да одберам, би рекол свирење во живо.
Фото: Стефан Рајхл
Како го користите периодов на суша на настапи во живо поради пандемијава?
- Периодов додека нема настапи го користам времето да снимам, креирам, компонирам, аранжирам и тоа е една позитивна работа во целава ситуација со пандемијава.
За крај неколку гитарски прашања. Омилена гитара? Колку време на ден посветувате на инструментот и како изгледа Вашето вежбање?
- Искрено, морам да признаам дека сум мрзлив вежбач. Посветувам многу време, но си најдов метод што досега се покажа како најдобар. Во моментите кога немам желба за вежбање, почнувам да компонирам, си поставувам високи цели за гитарските делници што треба да ги снимам и сè додека не дојдам до совршенство - не се откажувам. Ескивирам од вежбање, но методот барем засега функционира. Омилени гитари „гибсон лес пол“ и „фендер стратокастер“. Класика...
Фото: Иван Петровски