Кашлицата деновиве предизвикува многу грижи - дали е Ковид-19, настинка, грип или нешто друго.
Можеби наскоро ќе добиете појасен одговор. Истражувачите од Институтот за технологија во Масачусетс развија вештачка интелигенција што може да препознае кашлица од луѓето со Ковид-19, дури и ако се асимптоматски. Трикот бил да се развијат голем број нервни мрежи што можат да разликуваат суптилни промени, индикативни за ефектите на новиот коронавирус.
Една нервна мрежа открива звуци поврзани со јачината на гласот. Друга ги слуша емоционалните состојби што рефлектираат невролошки пад, како што е зголемена фрустрација. Трета мрежа во меѓувреме ги мери промените во респираторните перформанси. Над сето тоа е и алгоритамот што проверува дали има мускулна деградација и дава поцелосна слика за нечие здравје.
Оваа вештачка интелигенција се покажа како многу точна во раните тестови. Откако тимот го обучил својот модел на десетици илјади примери на кашлица, технологијата препознала 98,5 отсто од кашлиците кај лица со потврден случај на Ковид-19. Исто така, вештачката интелигенција идентификувала 100 отсто од луѓето што наводно биле асимптоматски.
Постојат јасни граници. Технологијата не е наменета да дијагностицира симптоматски луѓе, бидејќи тие можат да имаат други состојби што произведуваат слично однесување. И, иако е доста способна, не би сакале да ја користите за конечна пресуда дали сте заразени или не.
Научниците сега развиваат и апликација лесна за користење што може да се употребува како алатка за прелиминарна заштита од вирусот. Единственото нешто што треба да го направите е да
кашлате во телефонот секој ден за да утврдите дали е безбедно да излезете надвор. Истражувачите дури и сугерираат дека ова може да ѝ стави крај на пандемијата ако алатката секогаш слуша во заднина, иако тоа „ако“ веројатно ќе покрене проблеми со приватноста на корисниците.
Извор:
Engaget.com
Фото: Freepik