Се проценува дека еден милион Американци не можат да се хранат сами. Тие немаат друг избор освен да сметаат дека друго лице ќе им помага цело време, што може да биде непријатно и одзема многу време.
Но, истражувачи од Универзитетот во Вашингтон направија роботска рака со помош на вештачка интелигенција која може да користи виљушка за да ја принесе храната од чинијата на некое лице до неговата уста. Ова е уште еден пример како вештачката интелигенција и роботите може да им помогнат на луѓето со попреченост да живеат понезависно.
Неодамна тимот објасни како пар алгоритми ја прават раката способна да храни некого.
Првиот алгоритам, наречен „RetinaNet“, е систем за детекција на објекти. Тој ја скенира чинијата за да одреди каков тип храна има во неа, поставувајќи „рамка“ околу секој предмет.
Вториот алгоритам „SPNet“ ја анализира храната во рамката и испраќа инструкции до роботската рака кои ѝ даваат до знаење како да ја земе храната, на начин на кој на лицето би му било лесно да јаде. Алгоритамот може да му даде инструкција на роботот да набоде парче банана во центарот, на пример, но за морковот ќе даде наредба да биде набоден во близина на едниот крај.
Според истражувачите, да се направи системот да знае дека не секоја храна треба да се третира на ист начин било клучен дел од развојот на раката.
- Ако не земеме предвид колку е лесно за некое лице да касне залак, тогаш луѓето може да не се способни да го користат нашиот систем - истакнува истражувачот Сидарта Сриниваса и додава дека најголемиот предизвик за нив е да развијат стратегии кои може да се справат со сите видови храна.
Штом еднаш роботската рака, која е прицврстена на количка, добие инструкции од алгоритамот, таа се потпира на систем од сензори и камери за да го фати секое парче храна со виљушка испечатена со 3Д-технологија и да ја придвижи храната до устата на лицето, за тоа да може да јаде.
Иако Сриниваса се надева дека раката ќе им даде ново ниво на независност на луѓето што не можат сами да се хранат, тој не замислува дека системот би ја елиминирал потребата за помош од друг човек.
- Нашата цел е нашиот робот да им помага на луѓето сами да го изедат својот оброк. Но, поентата не е да се заменат негувателите. Ние сакаме да ги зајакнеме. Кога ќе имаат робот што ќе им помага, тие можат да го постават оброкот и да прават нешто друго додека лицето јаде - истакна
Сриниваса.