X
 11.04.2021 Здравје

Една третина од луѓето имаат невролошки состојби по прележан Ковид-19

Ново истражување открива дека изненадувачки голем процент од лицата што прележале Ковид-19 имаат дијагноза на некаква мозочна состојба во наредните шест месеци. Околу 34% од испитаниците што прележале Ковид-19, кои биле вклучени во истражувањето, имале дијагноза на невролошка или психолошка состојба.

Истражувањето било објавено во престижното медицинско списание „Лансет“.

Најчести состојби биле анксиозност, што било случај со 17% од испитаниците, како и нарушувања поврзани со расположението, кај 14% од учесниците. Во истражувањето учествувале над 236.000 испитаници.

Претходни истражувања правеле анализа на невролошките состојби кај поранешните пациенти што имале Ковид-19, но не можеле да докажат директна врска. Меѓутоа, новото истражување, спроведено од научници и психијатри на Универзитетот „Оксфорд“, направило споредба помеѓу лицата што прележале Ковид-19 и други респираторни болести и заклучило дека бројките значително се разликуваат.


Фото: Pixabay

Максим Такет, еден од авторите на истражувањето, изјавил дека резултатите покажуваат дека мозочните болести и психијатриските нарушувања се почести по прележување Ковид-19 отколку грип или други респираторни болести, додавајќи дека треба да се направи дополнителна анализа за долгорочните последици од прележувањето на Ковид-19.

Во истражувањето се покажало и дека тешките случаи на Ковид-19 може да доведат до потешки невролошки состојби, како Паркинсонова болест или ризик за мозочен удар, додека послабите психолошки состојби биле исто така чести кај прележаните без разлика на симптомите од Ковид-19.

Автор: Ден Робитски
Извор: futurism.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје