X
 02.12.2018 Живот

Најнеобичните затвори во светот

Затворите обично се градат за казна и рехабилитација на некои лица. За жал, тоа не е секогаш така. Во корумпираните земји, само сиромашните затвореници се казнети на крајот. Побогатите си плаќаат и живеат во целосно опремени ќелии со клими, телевизори, мобилни телефони, микробранови, џакузи и проститутки.

Претежно, тие криминалци можат да си ги раководат бизнисите и од затвор. Или, пак, можат и да произведуваат кокаин во затворот. Како и да е, додека некои затвори намерно се направени неконвенционални за да промовираат рехабилитација, некои всушност промовираат криминал и ги прават затворениците уште посилни отколку што биле кога биле затворени.

„Сан Педро“ - Боливија

Затворот „Сан Педро“ во Ла Паз, Боливија, е познат како една од најчудните казнено-поправни установи и не е ни тешко да се сфати зошто. Затворот го раководат затворениите. Тие оперираат со рестораните, продавниците, па дури и со бордел и фабрика за кокаин кои се наоѓаат внатре во затворот.


Фото: Pixabay

Новите затвореници треба да платат за нивниот простор во ќелијата. Инаку, ќе спијат надвор од ќелиите, што е исто толку опасно како спиење на улиците. Побогатите затвореници плаќаат за цела ќелија и можат дури и да си ги донесат фамилиите да живеат со нив. Ќелиите се оценуваат со три, четири или пет ѕвезди, во зависност од карактеристиките. Една ќелија чини околу 1.100 долари. Затворениците треба да платат и „затворски додаток“ во износ од 270 долари.

Чуварите во затворот се многу корумпирани и често им дозволуваат на затворениците да прошверцуваат кокаин од надвор во замена за мито. Корумпираните чувари порано им дозволуваа на туристи да ги посетуваат затворите додека владата да ги забрани турите.

„Сан Педро Сула“ - Хондурас

Овој затвор и затворот од Боливија имаат многу повеќе заеднички нешта од името. Двата се пренатрупани, опасни и раководени од затворениците. Во „Сан Педро Сула“ затворениците имаат продавници каде продаваат сѐ, од овошје, до облека, алкохол, Кока-Кола и ајфони. И во овој затвор има бордел. Некои затвореници живеат во затворот со нивните фамилии, а некои си чуваат и добиток.

Затворениците плаќаат за ќелиите. Обична чини 41 долар, додека најскапата, онаа со пет ѕвездички, чини 615 долари. Затворениците имаат клучеви од повеќето нивни ќелии и хебли за да излезат без клучеви. Како и да е, тие имаат намера да ги искористат само за да избегаат во случај на пожар.


Чуварите обично не се мешаат во работите на затворениците и обратно. Има и „линија на смртта“ - жолта линија која ја одделува областа на чуварите од онаа на затворениците. Чуварите не поминуваат во делот на затворениците и обратно. Слични договори има и во други казнено-поправни установи во Хондурас.

Тепачките во затворот се чести и насилни. Во еден судир, Марио Енрикез, лидерот на затворот и 13 негови поручници беа убиени. Енрикез бил обвинет дека е премногу суров со затворениците. Тепачката избила откако Енрикез ги зголемил затворските давачки и цените на стоките. Чуварите повторно ја презеле контролата над затворот во свои раце по три недели.

„Ла Меса“ - Мексико

Ова бил еден од најозлогласените затвори во Мексико пред да биде срушен од страна на претседателот Винсенте Фокс. Лоциран во Тихуана, затворот бил своевиден град. Во еден период луѓето не можеле да направат разлика меѓу затворот и Тихуана. Затоа затворот бил наречен „Ел Пуеблито“. Трговијата која се вршела таму достигнувала 1,3 милиони фунти годишно. 

Како и во сличните затвори раководени од бандите, така и во овој имало ресторани, бордели и дрога. Затворениците плаќале за ќелиите. Некои давале и 16.000 фунти за да имаат нова, добро опремена ќелија направена само за нив. Бањите на тие ќелии имале џакузи. Затворениците имале мобилни телефони, микробранови, компјутери и клими.

Чуварите биле слаби и држани настрана со закани и поткуп. Побогатите затвореници обично се вселувале со фамилиите, слугинките и готвачите. Некои си носеле и телохранители. Сепак, сите 6.700 затвореници биле преместени во други затвори откако овој бил срушен.

„Бастој“ - Норвешка

Ова е еден од најрелаксираните затвори во светот. Таму затворениците не живеат во ќелии, туку во куќи. Секој затвореник си има соба, иако често ги делат кујните. Затворениците секој месец добиваат надоместок од 90 долари и можат да заработат уште пари ако работат во затворот. 

Сите добиваат по еден оброк дневно, а ако сакаат повеќе оброци за тоа мора да платат или да си зготват. Само петмина чувари остануваат да ги чуваат затворениците во текот на ноќта, иако меѓу затворениците има и убијци и силувачи. Само 16 отсто од затворениците кои го напуштаат овој затвор се враќаат на криминалот.

Асоцијација за заштита и помош на осуденици (АПАЦ) - Бразил

Ова е една од најнеобичните казнено-поправни установи во Бразил. Обичните затвори во оваа земја се раководени од банди и често криминалците од нив излегуваат како полоши личности отколку што биле кога влегле. Но, АПАЦ е фокусиран на рехабилитација на затворениците. Затоа во овој затвор нема чувари.


Затворениците носат обична облека, имаат клучеви од ќелиите, па дури и од затворот и се именуваат по име, а не по број. На некои дури и им е дозволено да го напуштат затворот на еден ден во неделата за да си ги посетат фамилиите.

Во замена за подобрениот животен стандард, од затворениците се бара да рабоотат, учат и добро да се однесуваат. Во спротивно, тие ќе бидат вратени во обичните затвори.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот