Хит-серијата на Ејч-би-о, „Игра на троновите“, заврши во 2019 година со две скратени сезони, со што вкупниот број достигна 8 сезони и 73 епизоди. Но, Џорџ Р. Р. Мартин, оригиналниот креатор на приказната, се трудел серијата да има 10 сезони, откриено е во новата книга „Тиндербокс: Безмилосната потера по нови граници на Ејч-би-о“ од новинарот Џејмс Ендру Милер.
Милер направил 757 интервјуа за целите на книгата, разговарал со Мартин, со агентот на Мартин, Пол Хас и Ричард Плеплер, поранешниот извршен директор на Ејч-би-о.
- Џорџ одлета во Њујорк на состанок со Плеплер да го моли да направи 10 сезони со по 10 епизоди бидејќи има доволно материјал за тоа и да му каже дека тоа ќе биде позадоволувачко и позабавно искуство - му рекол Хас на Милер.
Во минатото Мартин рече дека верува дека „Игра на троновите“ може да продолжи уште неколку години. Во 2018 година Мартин за „Варајети“ изјави дека не знаел зошто серијата завршува со осма сезона бидејќи има доволно материјал да се продолжи до 13. сезона.
- Ден и Дејв, режисерите на серијата, беа уморни, и со право. Завршија, сакаа да продолжат понатаму, па ја скратија серијата и потоа почнаа преговорите затоа што Ејч-би-о сакаше уште - раскажува Хас за книгата на Милер.
- Џорџ ги сака Ден и Дејв, но во петтата сезона тој почна да се грижи за патот по кој одеше серијата бидејќи сакаше да знае каде ќе се движи приказната. Почна да им вели: „Не го следите мојот шаблон“ - додава Хас.
Серијата книги на која е базирана „Игра на троновите“, „Песна за мразот и огнот“, сè уште не е целосна. Мартин ги објави само првите пет од седум планирани романи. Тој работи на шестата книга „Ветровите на зимата“ речиси цела деценија.
Серијата на Ејч-би-о почна да се разликува од приказната на Мартин кон крајот на четвртата сезона. Крајот на серијата веројатно не го „расипа“ планираниот крај на Мартин.
Милер разговарал и со Кејси Блојс, главен за содржината во Ејч-би-о. Блојс во интервјуто рече дека ги разбира критиките што обожавателите ги имаа за свртувањето на Денерис Таргариен кон воен злосторник што се случи во последните епизоди.
- Ако имаше уште една или две епизоди, ќе беше корисно. Јас би прифатил уште две сезони - вели Блојс.
За време на едно од интервјуата со Милер, Џорџ Р. Р. Мартин му рече дека „Игра на троновите“ му го промени животот најмногу на добро, но на некој начин и на лошо.
- Посакувам серијата да траеше 10 години. Мислам дека ќе ни дадеше време за да ја завршиме во подоцнежните сезони - рекол Мартин.
Извор:
Insider.com
Фото:
Instagram