X
 22.04.2019 Култура

Сценаристот на „Игра на троновите“ објаснува што значи мистериозниот симбол на Ноќниот крал

Започна осмата и последна сезона на „Игра на троновите“, а многу прашања останаа неодговорени. Освен што фановите се обидуваат да погодат кој на крајот ќе седне на Железниот престол и ќе владее со Вестерос, останува да дознаеме нешто повеќе за војската на мртвите и нивниот мистериозен лидер - Ноќниот крал.

Дознавме дека бил создаден од Децата на шумата, а на интернет кружат многу теории за неговиот вистински идентитет, меѓутоа, за фановите исто така мистериозен е симболот што војската на мртвите го остава зад себе, кој се има појавено уште во првата епизода од новата сезона. Во една од најстрашните сцени досега припадниците на Ноќната стража и војската на дивјаците пронаоѓаат момче заковано на ѕидот, опкружено од спирален симбол создаден од делови од телото.

- Ова е порака од Ноќниот крал - заклучија дивјаците и Ноќната стража.

Некои фанови овој симбол го поврзуваат со грбот на Таргариен, па така велат дека Ноќниот крал би можел да биде потомок на ова семејство, особено со оглед на тоа дека во една од претходните епизоди јаваше змеј (а познато е дека само Таргариен може да јаваат змејови).

Потеклото на симболот го објасни сценаристот Дејв Хил во разговор со „Њујорк пост“.

- Како што дознавме од Брен и Триокиот гавран, спиралниот симбол бил свет за Децата на шумата кои го создале Ноќниот крал жртвувајќи го човекот кој го заробиле. Потоа Ноќниот крал го присвои симболот како еден вид светост. Исто како што сатаната се поврзува со крст свртен наопаку - открива тој.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура