X
 02.12.2021 Живот

Почина актерот Славиша Кајевски

Актерот Славиша Кајевски денеска трагично го загуби животот, соопштуваат од Македонскиот народен театар, каде што беше вработен како надежен и плоден глумец. Кајевски е роден на 1 февруари 1982 г, во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Владимир Милчин, во 2005 г. Од 2010 г. е актер во Македонски народен театар – Скопје.


Кајевски ќе биде запаметен по низа театарски и филмски улоги како: Клег во „Бесачи“, Ленокс во „Макбет“, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан Штркот шанца“, Таткото во „Соларис“, Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, „Тероризам“, Агамемнон и Еврипид во „Електра“, Таткото Тил во „Сината птица“, Озрик и Цар Едип во „Аферата, Фантом во филмот „Хомо “, Енди Гомез во „Baaghi“, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремиксд“, Малиот во „Ова не е американски филм“ и низа други...

- Нè остави збунети, во болка и во неверување! Нè остави во длабока тага! Остана да замислуваме што уште можеше да направиш во животот, на театарската сцена и пред камерите! Ти секогаш ќе бидеш дел од срцето на театарот и никогаш нема да бидеш дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. За оние што те познаваат, остана празнина во душата и на сцената на МНТ поради твојата сеприсутност на сцената и како верен колега, пријател и човек. Останавме без твојата безрезервна љубов и поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги зад сцената - соопштија од МНТ.

Комеморацијата ќе биде утре во МНТ, петок, 3.12.2021 година, во 10:00 часот, а погребот е во 12:00 часот, во капелата Ѓорче Петров.

фото: ФБ-страница на Македонски народен театар

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот