Македонскиот народен театар денеска одбележува 77 години од неговото основање. Театарот е основан на 31 јануари 1945 година, со одлука на Президиумот на АСНОМ (со решението бр. 581/45).
Прв директор на МНТ бил Димитар Ќостаров, а Илија Милчин бил секретар-драматург. Театарската завеса официјално за публиката првпат била крената на 3 април 1945 година, со премиерата на драмата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, во превод на Блаже Конески. Актерката Вера Вучкова Жежељ ја изговорила првата реплика на сцената: „Сонцето, колку е блиску сонцето.“
- Тоа е денот кога желбата на актерите, режисерите, авторите, сценографите, костимографите, сценските работници и публиката за театар на македонски јазик стана реалност. Тоа е денот кога сонот на група актери и уметници прерасна во јадро на театарска дејност, кога е основан нашиот дом, домот на сите некогашни и сегашни вработени на Македонскиот народен театар, на сите љубители на театарот. Нека е честит денот - соопштија од МНТ.