X
 26.09.2018 Култура

Нина Николиќ, режисерка: Провокативно, а воедно и потресно е тоа што „Буре барут“ е 100 отсто актуелен и денес

Mораме да ги отвораме вратите кон земјите каде што се зборуваат јазици кои луѓето ги разбираат, да работиме заедно, да создаваме и со секој нов ден да стануваме сѐ посвесни дека ние сме еден организам кој функционира врз слични принципи и има слични афинитети

Претставата „Буре барут“ ѝ е прва претстава што ја режира надвор од Македонија. Утревечер во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар ќе гостува Босанското народно позориште од Зеница, каде што Нина Николиќ пред една недела имаше премиера на култното дело на Дејан Дуковски. Претставата е копродукција со „Скопје филм студио“ од Скопје и фестивалот Млад отворен театар.
Со Николиќ, која е режисер на МНТ, разговараме за идејата да му се наврати на ова дело.

Како се случи креативниот спој на Македонија и Босна во проектот „Буре барут“?

- Директорот на театарот од Зеница, Хазим Бегагиќ, го запознав на едно заедничко патување во Кина. Како што вели тој: „Фала ѝ на кинеската влада што нѐ запозна“. Уште тогаш зборувавме дека би било убаво да направиме некој проект заедно и по долги анализи сфативме дека „Буре барут“ е нешто што нѐ интересира обајцата. Од оваа гледна точка, покрај тоа што направивме соработка која е важна за сите нас поединечно, важно е и да напоменам дека со ова покажавме дека копродукциите се исклучително важни и дека тие се иднината на театарот на овие простори. Ми се чини дека мораме да ги отвораме вратите кон земјите каде што се зборуваат јазици кои меѓусебно се разбираат (Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Словенија), да работиме заедно, да создаваме и со секој нов ден да стануваме сѐ посвесни дека ние сме еден организам кој функционира на слични принципи и кој има слични афинитети.

Претстава за љубов, а не за насилство

Ова е текст-лектира за 90-тите години не само на нашата театарска сцена, ами и пошироко. Што ви беше најпровокативно за да се зафатите со култното дело на Дуковски?

- Провокативно, а воедно и жално и потресно е тоа што текстот е 100% актуелен и денес. Потсетува на тоа дека луѓето не се менуваат и дека она што било актуелно тогаш е актуелно и сега. Станува збор за текст со универзални вредности кој се однесува на сите луѓе, на сите места. Направивме претстава за љубов, а не за насилство. Претстава која потсетува дека силните емоции можат да убијат, задушат и да болат до коска, зашто се толку моќни што човек не може да ги контролира. Неспособноста да се контролираат чувствата не е негативна особина, туку сила која турка напред и која му дава смисла на животот, дури и кога тој изгледа несовршен. Нешто на што и најсилниот не е отпорен и нешто што не секогаш има несреќен крај. На крај, испаѓа дека сите сме во право зашто сите ние имаме мотиви за нашето однесување.

Сцена од „Буре барут“

Сигурно не е лесно да се работи многу познато драмско дело, чии постановки сте ги виделе сигурно барем пет-шест. Како еден уметник да го оттргне таквото влијание во новото дело?

- Факт е дека текстот наметнува одговорност. Станува збор за дело врз чија база е направена една од најзначајните македонски претстави во последните 20 години. За среќа, овој „Буре барут“ е наша приказна, моја и на глумците. Чудно е, но немавме никакво влијание од претставите/филмот кои се претходно направени. Дел затоа што сме ги заборавиле со текот на времето, со оглед на тоа што поминале многу години оттогаш, а дел затоа што текстот е толку инспиративен што овозможува целосна слобода во работата.

Премиерата беше пред една недела. Како бевте прифатени од босанските актери и какви беа реакциите на публиката?

- „Буре барут“ е моја прва претстава во Зеница и воопшто надвор од Македонија. Она што ќе ми остави „трајна последица“ од овој проект е начинот на кој ме прифати целата екипа, а особено глумците. Ретко се случува човек да има среќа да се чувствува дома во друга држава. Имав чест да работам со исклучително талентирани луѓе кои покрај тоа што се големи професионалци, се и верни другари и луѓе кои го третираат проектот како нешто свето, посебно и многу важно. Процесот на подготовка е клучен за претставата, а во случајов ги имавме сите услови за тоа. Кога луѓето ќе се препознаат професионално и приватно, се создаваат нераскинливи врски. Се надевам дека ќе имам повторно шанса да работам со оваа екипа, можеби на некое друго место и во некое друго време. Публиката, пак, ги препозна хуморот и тежината на приказните во „Буре барут“, со што уште еднаш се потврдува универзалноста на текстот.

Нина Николиќ (фото: Петар Кочишки)

Не ми е важно да провоцирам, сакам да раскажувам приказни

Вие сте режисерка која сака да се занимава со теми што провоцираат. Режисерка сте во МНТ, но не ја одбивате и алтернативната сцена. Имаме ли храбра алтернативна сцена, сцена без влакна на јазикот?

- Во моментов, кога светот се распаѓа и кога човечкиот живот е бескрајно неважен, мислам дека е бесмислено да зборуваме за храбри претстави. Има ли поголема храброст и поголема неправда од тоа деца со ранци на грбовите да бегаат од своите домови за да не бидат жртви на војни? Што се однесува до мене како режисер, можеби се занимавам со теми што провоцираат, иако немам намера да провоцирам, сакам само да раскажувам приказни на начинот на кои јас ги гледам. Моите проекти не ги делам на алтернативни и институционални, работам таму каде што сум сигурна дека рамо до рамо со мене стојат добри глумци спремни да го третираат и доживуваат проектот како свој и да дадат сѐ што имаат на располагање во дадениот момент.

Кога станува збор за алтернативната сцена, добро е што воопшто постои. Не сум сигурна дали е доволно храбра, но не сум сигурна ни дали има потреба да биде посебно храбра и зошто. Храбро е што е алтернативна сама по себе зашто знам колку труд, љубов, ангажман и верба се потребни за да се роди нешто што може да се покаже пред публика. Во таа смисла, целата моја поддршка им ја давам на моите другари од „Артопиа“ и на оние од претставата „Чао пријатно“ кои гордо и достоинствено нѐ претставуваат надвор од Македонија, каде што освојуваа многубројни награди. Мислам дека секој успех на македонска претстава, во и надвор од Македонија, е и мој успех. Сите ние сме должни да работиме за една заедничка и единствена цел и со среќа да го прифаќаме успехот на колегите.


Што следува по „Буре барут“?


- Мој следен проект е претставата „Галеб“ во МНТ каде што имаме среќа да работиме со директор каков што е Симона Угриновска, која несебично, искрено и професионално дава сѐ од себе кога станува збор за благосостојбата на претставата. Проект кој налага огромна одговорност, но и проект во кој соработувам со глумци кои бескрајно ги ценам и почитувам. Пробите се веќе во тек, а премиерата е во декември. Работиме во атмосфера каква што секој режисер може само да посака. Сигурна сум дека периодот што следува ќе донесе нови „трауми“ што ќе остават „трајни последици“ на секој од нас посебно. Секако, последниот збор го има публиката.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура