X
 02.12.2022 Живот

Синдикатот на УКИМ најави потпишување на колективниот договор до 29 декември

Конечниот колективен договор ќе биде потпишан најдоцна до 29 декември, а ќе претходи уште една средба, на 9 декември, со министерот за финансии за исполнување на нашето барање за 25-процентно покачување на платите на вработените во наредните четири години, изјави проф. д-р Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по денешниот состанок со Талат Џафери, претседател на Собранието, кое е основач на УКИМ.

За медиумите тој рече дека денеска имале конструктивна и плодна срeдба со претседателот на Собранието, заедно со адвокатката Мимоза Салтирова во својство на помирувач, врз основа на барањето на Синдикатот на Скопскиот универзитет за мирно решавање колективен спор со нејзино посредство согласно со Законот за мирно решавање на работните спорови.

-Ова е голема вест, радосна вест за вработените на најстариот и најголем универзитет и можеме слободно да кажеме дека по две години борба низ институциите, правна борба, не со штрајкови и со блокади како што гледаме секој ден по улиците узурпирајќи го правото на граѓаните слободно да се движат, успеавме да дојдеме до ветување дека конечниот договор ќе биде потпишан најдоцна до 29 декември, со тоа што на 9 декември ќе имаме средба со министерот за финансии да видиме како стои нивното размислување и просторот во однос на нашите барања за 25-процентно покачување во наредните четири години. Доколку не наидеме на разбирање, тогаш Собранието, како највисок законодавен орган претставувано од неговиот претседател, ќе го потпише нашиот колективен договор - изјави Ристов по средбата што се одржа во Ректоратот на УКИМ.

Колективниот договор што треба да биде потпишан ги застапува интересите на 2.400 вработени, поголем дел се наставен кадар, односно професори, но и ненаставен кадар кои се повеќе од илјада. Ристов нагласи дека нивната двегодишна синдикална борба повеќе се однесувала на ненаставниот кадар затоа што тие не биле опфатени со, како што рече, минималното покачување предвидено со потпишаниот гранков колективен договор.

-Имајќи предвид дека инфлацијата е галопирачка и тешки се условите за живот, особено за нив, ова е знак на надеж дека конечно државата се свртува кон високото образование, кое е и иднината на државата, кон младите студенти. Се надеваме дека ќе дојдат подобри денови за УКИМ за подобрување на стандардот на вработените – и на наставниот и на ненаставниот кадар, но секако и за зголемување на квалитетот на знаење за студентите на УКИМ - додаде Ристов.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот