Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, по повод Меѓународниот ден на науката, ги прогласи најдобрите и најистакнати научници во академската 2022/23 во три категории.
Во втората категорија - најплоден научник на УКЛО критериум за селекција беше бројот на објавени трудови во Scopus базата на податоци во академската 2022/2023.
Во оваа категорија пофалница доби проф. д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет – Кичево за објавени 2 труда во Scopus базата на податоци.
Како гледате на иницијативата на УКЛО за избор на најдобри научници на Универзитетот?
Сметам дека беше време УКЛО да се вброи во големиот број универзитети кои преку вакви иницијативи ја ставаат науката во центарот на академското постоење. Да, студентите се еден сегмент во функционирањето на професорот, но науката е другиот. Истражувањата и објавувањето во престижни меѓународни списанија и кај престижни издавачи претставува предизвик за секој професор и истражувач, уште повеќе кога доаѓа од мала земја како нашата, која скоро и да не инвестира во наука, што понекогаш знае да биде обесхрабрувачки. Затоа признанијата што доаѓаат од сопствената alma mater се најдраги и честопати се поттик за уште поголеми достигнувања.
Кое е Вашето најголемо достигнување во полето на науката? Кој е Вашиот следен предизвик?
Во моите девет години како универзитетски професор би ги посочила како најдраги Фулбрајт постдокторскиот престој на Универзитетот во Мизури-Сент Луис, САД, во 2021 година, Чивнинг стипендијата на Кренфилд универзитетот во Обединетото Кралство од која се вратив пред една седмица, како и наградата за Млад криминолог од Канцеларијата за дрога и криминал и Меѓународното здружение за криминологија од 2019 година. Она што можеби ми ја одбележа оваа 2023 година на научен план е едитираната публикација која се однесува на криминалот на жените во земјите на поранешна Југославија во издание на Спрингер.
Што би било следен предизвик? Истражувајќи во научна област како што е криминологијата, како истражувач имам многу планови за уште анализи на криминалот на жените и тестирање на некои криминолошки теории во македонски услови. Се разбира, следуваат и нови публикации кои повторно ќе ги понудам на престижни издавачи кои во последните години се сѐ повеќе заинтересирани за криминолошките истражувања во земјите на Западниот Балкан.
Што значи да се биде научник и што, според Вас, треба да се направи за да се овозможат попродуктивни процеси на научно инвестирање?
За мене, да се биде научник значи да се биде постојано љубопитен, затоа што истражувањата се всушност љубопитност која е формализирана. Секогаш кога одбираме тема, таа е поврзана со нашето знаење и научниот интерес, но и со желбата да се биде подобар од вчера, со повеќе знаење од претходно и со достигнувања кои нема да се поврзани само со сопствената сатисфикација.
Науката е клучна во процесот на општествените промени, па за една држава да ги преземе чекорите кои би ѝ донеле најдобри резултати во развојот, мора да ги слуша истражувачите и да ги зема предвид нивните заклучоци и препораки. Република Северна Македонија не смее да си дозволи да е на опашката на инвестициите во науката во регионот, со процент од БДП кој секоја година се намалува, без фондови за научни истражувања. Штета што од осамостојувањето до денес, како држава не научивме дека без наука не постои напредок и дека без финансиска поддршка нема научни резултати кои може да се носат со тие на другите земји.
Поддршката во науката е поддршка на развојот на општеството. Во таа смисла, што ќе им порачате на Вашите колеги, пријатели и на студентите на УКЛО?
УКЛО е нашиот дом, местото каде што го градиме професионалното јас, па затоа би требало да се грижиме за него. А, како подобро до тоа ако не преку наука. Само така ќе можеме да изградиме и подобра општествена заедница и подобар УКЛО, кој ќе може да се носи со предизвиците да се биде скалило погоре на рангирањата.
Може ли да ни откриете што Ве прави среќни?
Како професорка, ме прави среќна тоа можам да работам со млади луѓе и што науката ми овозможи преку признанија и светски познати стипендии да бидам еднаква меѓу успешните. А на личен план ме прават среќна малите нешта, кафето со пријателите, насмевката на саканите, истрчана трка, прочитана книга, предењето на Кара (мојата мачка) и оние мали нешта што се суштината на сопственото постоење.
Дали имате идеја водилка, мото што Ви дава силна инспирација?
- Не постојат граници, тоа се само контури на нови хоризонти со нови можности.
(Комерцијална објава)