X
 28.05.2021 Образование

Педагошкиот факултет од УКЛО одржа литературно читање за Конески

Во организација на Педагошкиот факултет – Битола и Македонското научно друштво од Битола, во Амфитеатарот на Педагошки факултет се одржа Литературно читање „Конески“,  за одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на академик Блаже Конески. Овој настан, кој беше дел од низата настани организирани на Педагошкиот факултет, го отворија деканот на Педагошкиот факултет – Битола, проф. д-р Добри Петровски, и претседателката на Македонското научно друштво од Битола, доц. д-р Невена Груевска.

Професор д-р Силвана Нешковска ги претстави учесниците во овој настан, односно професорите кои имаа свои кратки излагања за некои од монументалните поетски творби на Конески и студентите кои ги рецитираа избраните песни.

Имено, професор д-р Златко Жоглев и студентките Ангела Најдовска и Николина Ѓуровска се претставија со својот осврт и рецитал на одбрани стихови од циклусот песни што Конески ги посветил на Крали Марко.

1

Професор д-р Гордана Стојаноска, заедно со студентките Ангела Спировска, Наташа Зулумовска и Јасна Талевска, ги долови ритамот и звуците на „Тешкото“ за да нè потсетат кои сме, од каде доаѓаме и кон што треба да се стремиме.

Професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска понуди свое толкување на безвремената „Стерна“, а студентките Марија Менчева, Јана Пашовска и Софија Трампеска, со својот рецитал, ѝ дозволија на „Стерната“ да забучи повторно од подземјето, да избие на површината и да се разлее во ширината.

Професор д-р Милена Касапоска-Чадловска, со студентките Димитра Десановска и Дијана Нешковска, ја повика „Везилката“ од која Конески барал совет за тоа како се ткае стихот на една совршена „проста и строга македонска песна“.

2

Професор д-р Билјана Граматковски, со студентите Христијан Тунески и Ангела Димитриовска, имаше задача да потсети на волшебните љубовни стихови на Конески, кои имаат моќ да го разнежнат и стоплат сечие срце.

На крај, професор д-р Милена Пејчиновска потсети на аманетот што Блаже Конески ни го остави: -„Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование