X
 03.01.2019 Наша тема

Сонува да биде првиот Македонец што настапил на три олимпијади

Пливачот Марко Блажевски неодамна постави нов апсолутен рекорд на Македонија во пливачката дисциплина 100 метри градно на 50-метарски базени. Долго време живее и работи во Соединетите Американски Држави, но се натпреварува под нашето знаме

Голема желба, многу работа и верба во себе се најважните состојки за да постигнете успех, вели Марко Блажевски, нашиот пливач кој неодамна постави нов апсолутен рекорд на Македонија во пливачката дисциплина 100 метри градно на 50-метарски базени. Долго време живее и работи во Соединетите Американски Држави, но се натпреварува под нашето знаме. Негова желба е да биде првиот Македонец што се натпреварувал на три олимпијади и напорно тренира да ја одржи својата кондиција и да го оствари својот сон.

Марко Блажевски: „Многу сум среќен со новиот рекорд“

На прашањето како се чувствува по постигнувањето на новиот рекорд, Марко вели:
- Чувството беше одлично. Многу добро се чувствував цела недела пред натпреварот и знаев дека ќе постигнам добар резултат. Како поминуваат годините, лични рекорди и државни рекорди сè потешко се остваруваат, така што многу сум среќен со новиот рекорд.

Почнал да тренира на 7 години

Базенот отсекогаш му бил секојдневие на Марко. Уште како дете го придружувал татко си кога одел на работа - Боро Блажевски, тренер по пливање во ПК Вардар. Вели дека татко му е најголемиот „виновник“ што тој професионално се занимава со пливање.
- Тој е и најголемиот „виновник“ за мојот успех. Покрај него почнав и јас да одам на тренинзи кога имав 7 години. Се вљубив во пливањето по освојувањето на првиот медал. Имав 8 години, а натпреварот беше во Бугарија - вели Марко.

За да се настапи на олимпијада, мора вредно да се работи

Од година на година ги подобрувал своите резултати. Се запишал во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ зашто освен пливањето, математиката му била голема љубов. По завршувањето на првата година заедно со родителите решиле да замине во САД и таму да продолжи со школување и тренирање во подобри услови.
- Американските пливачи редовно, на секоја олимпијада и светско првенство имаат најголем број медали и знаев дека за да продолжам да напредувам, треба да тренирам во САД. Живеев со американско семејство, учев во Monterey High School во Калифорнија, тренирав со пливачкиот клуб Monteray Bay. Од една страна, беше многу убаво - отворен базен за тренинг, тимска работа, добра клима, можност да ги осознаам американските семејни односи и погледи кон животот и образованието, но од друга страна, беше доста напорно - станување во 4:45 наутро речиси секој ден за на тренинг, каде што доаѓав со велосипед, имав искусен и амбициозен тренер по пливање кој беше копија на мојот татко-тренер, па веднаш потоа во школо. Но, знаев дека за да се настапи на олимпијада, мора вредно да се работи. И тоа ми стана рутина - раскажува нашиот пливач.

Привилегиите на студенти-спортисти во САД

Пред да замине во САД, Марко веќе бил повеќекратен државен првак и рекордер во младите категории, освојувач на први места не само во базенот, туку и на полето на државните училишни натпревари по математика. Најголем успех постигнал на настапот на Младинскиот европски фестивал (EYOF) каде што првпат настапил за Македонија на еден континентален шампионат.
Во 2010 година добил целосна стипендија за да студира на Wingate University во Шарлот, Северна Каролина. Таму продолжил да тренира и да настапува за универзитетот. Финансии отсекогаш му оделе лесно и знаел дека со диплома за финансии, откако ќе дипломира, нема да му биде тешко да најде работа.

- Како студенти-спортисти имавме доста привилегии на универзитетот и големо разбирање од професорите за нашите спортски активности - вели Марко.
Неговото секојдневие како студент било многу поразлично од тоа на другите студенти што не се занимавале со спорт, а тоа било причина повеќе за да се биде успешен. Но, Марко вели дека кога денот ќе стане рутина, ништо не е тешко.
- Голема желба, вредна работа и верба во себе се најважните состојки за успех - вели тој.

Најголеми успеси постигнал на 200 и 400 м мешано

Првиот македонски сениорски апсолутен рекорд го постигнал во 2011 година на 800 м слободно, со што се квалификувал за Светското првенство во Шангај, Кина, истата година. Тоа бил неговиот прв светски настап на сениорско ниво и одлична подготовка за Олимпијадата во Лондон следната година, каде што го носеше македонското знаме на отворањето на ОИ. На прашањето која дисциплина најмногу му лежи, Марко вели дека секоја година е различна.
- Низ целата кариера ги имам тренирано сите техники, но најголемите успеси ми се на 200 и 400 м мешано. Моментално, со новиот начин на тренирање, со намалена километража во вода и засилена работа надвор од вода, верувам дека можам да постигнам уште поголеми успеси и во спринтерските трки, што се докажа со последниот државен рекорд на 100 м градно - вели нашиот пливач.

Тренирал со најдобрите во светот

Во клубот Swimmac-team elite, каде што тренирал за Олимпијадата во Рио де Жанеиро, Блажевски тренирал заедно со Рајан Лохте, Тајлер Клери, Кирсти Ковентри и многу други светски рекордери и олимписки шампиони, пливачи од светска класа.
Сепак, Марко се натпреварува под знамето на Република Македонија. На прашањето кои се најголемите разлики во третманот на пливањето во САД и во Македонија, Марко вели:
- Повеќепати имам изјавено дека главната разлика е атмосферата за работа. Исто така, расположението и соработката со тренерот се многу битни. И секако - базенот треба да работи во текот на цела година. Американските пливачи што се дел од репрезентацијата имаат големи привилегии - месечна плата, здравствено осигурување, тимски доктор и психолог, покриено учество на големи натпревари и многу слични работи потребни за висок успех. Кога тренирав со нив, во тимот и за време на тренинзите сите бевме рамноправно третирани.

Во тимот на најдобрите пливачи во светот

Блажевски во 2016 година се соочи со низа непријатности кога требаше да ја претставува Македонија на Олимписките игри во Рио де Жанеиро. Сите ја паметиме фотографијата на која колеги-пливачи од САД со транспарент апелираа да се реши ситуацијата за Марко да може да замине. Од денешен аспект, тој не сака да ги коментира случувањата пред неговиот настап на Олимпијадата во Рио.

- Среќен сум што разумот преовлада на крајот и успеав да отпатувам и испливам државен рекорд во мојата трка и покрај сите препреки и стресови. Минатото нека остане во минатото. Во иднина сакам да бидам првиот македонски спортист што настапил на три олимпијади и верувам дека можам да испливам мој најдобар резултат, што исто така би бил македонски државен рекорд во Токио во 2020. Но, Македонскиот олимписки комитет е повторно главна институција одговорна за настап на олимпијада и не знам дали ќе ми дозволат, иако веќе 9 години по ред, секоја година имам највреден резултат на 50-метарски базен во Македонија - вели Марко.

Македонија има добри пливачи, но рано се откажуваат

На прашањето каква би била иднината на нашите спортисти-пливачи кога државните институции би им дале поддршка на талентите, Марко вели дека во Македонија проблемот е системски.
- Стручни лица што студирале спортски менаџмент треба да седнат и да направат план за развој на пливањето за следната година, следните четири години и понатаму. Македонија има пливачи со добри резултати во младите категории, но кога тие почнуваат средно училиште, тогаш почнуваат да се откажуваат. Ако некој може да најде начин да ги задржи, да ги мотивира, да ги натера  овие пливачи да продолжат да тренираат барем уште четири години, само така ќе има напредок во пливањето - вели Блажевски.

Најмногу му недостига семејството, заедничките муабети

Најраните спомени од детството на Марко се врзани со татко му Боро, кој и денес е негов тренер. Се сеќава како со сестра му Вера одеа на базен, каде што татко им ги научил на упорност и напорна работа. Мајка му Нарциса, пак, била одговорна за сите негови активности надвор од пливањето - академскиот успех, готвењето, домашните обврски, да се прифати одговорноста како дел од животот.
- Овој баланс од двајцата родители ми помогна да се изградам во целосна личност и да ги постигнам досегашните успеси. Моментално живеам во Шарлот, Северна Каролина, и работам во банката Wells Fargo како финансиски консултант во оддел против перење пари - вели Марко.

Додека бил на факултет, во Македонија доаѓал секое лето. Но, во тоа време сè било многу поедноставно.
- Сега со работата и комбинирањето со пливање и тренинзи е многу потешко. Не сум се вратил речиси три години - вели нашиот најдобар пливач.

Најмногу му недостигаат семејството, заедничките муабети, семејниот ручек со македонска храна. Тој им порачува на младите надежни спортисти во Македонија, доколку имаат цел, да веруваат во себе и вредно да работат.
- Соништата може да ви станат реалност. За резултат од светски ранг, според мене, во Македонија нема услови и поддршка, но имаме пливачи кои имаат солидни резултати во младите категории и се надевам дека ќе продолжат да напредуваат, без разлика каде тренираат - вели Марко.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема