X
 03.01.2021 Живот

Зошто понекогаш не можеме да се сетиме на нечие име?

Дали некогаш ви е тешко да се сетите на нечие име? Проблемот со наоѓање соодветен збор или сеќавање на нечие име ги мачи многу возрасни и постари луѓе, а според научниците, најпроблематични се имињата на луѓето и имињата на предметите. Се чини дека зборот или името што го барате ви е на врвот од јазикот. Зошто се случува ова?

Научниците што работеле на оваа тема велат дека сите луѓе некогаш го имаат ова искуство, но не може да предвидат точно кога. Преку истражување во кое учесниците запишувале секогаш кога ќе го доживеат ова искуство истражувачите успеале да проценат колку често се јавува.

Резултатите покажале дека студентите имаат вакво искуство еднаш или двапати неделно, додека кај луѓето во 60-тите и раните 70-ти години тоа се случува почесто. Лицата во 80-тите години го имаат ова искуство речиси двојно почесто од студентите. Резултатите покажуваат и дека на луѓето подоцна им текнува на името или зборот што го заборавиле во над 90% од случаите.


Фото: Pixabay

Во друго истражување на испитаниците им биле прочитани дефиниции на зборови кои ретко се користат, а учесниците требало да се сетат на зборовите. Учесниците често можеле да се сетат на зборовите што се барале, а кога не можеле да се сетат на нив, иако го знаеле значењето, истражувачите им поставувале дополнителни прашања.

Испитаниците најчесто точно погодувале која е првата буква на зборот што го бараат или колку слогови има тој. Кога правеле грешки, најчесто кажувале зборови со слично значење или сличен звук.

Според психологот Дона Далгрен, проблемот со заборавањето на зборовите не е поврзан со возраста, туку со знаењето. Доколку постарите лица имаат повеќе информации во долготрајната меморија, тогаш тие почесто ќе доживуваат вакви искуства.

Кога станува збор за решавањето на овој проблем, истражувачите препорачуваат редовна физичка активност за намалување на ваквите моменти.

Автори: Роџер Кројц и Ричард Робертс
Извор: popsci.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот