X
 03.01.2022 Живот

Куче му го спасило животот на својот сопственик - 13 часа го топлело со своето тело

Од Хрватска доаѓа инспиративна приказна за еден човек и неговиот најдобар пријател.

Планинарите се искачиле на планинарската патека Велебит до Вагански Врв. Кога се спуштале  планинарот и кучето, тоа се плашело да ја помине ледената површина. Неговиот сопственик го зел за да го пренесе, но во моментот кога сакал да го спушти на земја кучето почнало да се лизга. Било на поводник и врзано за сопственикот, па кога се лизнало во јамата, со себе го повлекло и него.

Но, планинарот преживеал благодарение на неговото верно куче, кое го греело додека  не го пронашле спасувачите.

Неговата лојалност не завршила и кога неговиот сопственик бил пронајден затоа што не сакало да го остави, известуваат хрватските спасувачи кои ја споделија приказната на нивниот твитер-профил.

Кучето-херој е добро и мирува, додека неговиот сопственик има тешко повредена нога.

Во акцијата за спасување учествувале 27 спасувачи од Хрватското здружение за планинарски спасувања и уште еден посебен волонтер - планинарското куче Норт, кое верно го греело телото на сопственикот цели 13 часа. За среќа, со повредениот планинар имало и двајца пријатели, кои веднаш повикале помош и цело време биле во контакт со спасувачите.

Началникот на хрватските спасувачи, Јосип Брозичевиќ, наведува дека планинарите биле искусни и ја имале сета потребна опрема, но сплет на несреќни околности довел до оваа несреќа.

- Пријателството и љубовта помеѓу човекот и кучето немаат граници. Поради низа несреќни околности, вчера попладне заедно се лизнале по падината. Заедно во среќни и тешки моменти, таков е животот. Норт поминал без повреди, но неговиот пријател, младиот планинар, немал толку среќа - пишуваат спасувачите на нивниот твитер-профил.

- Се свитка до него и го грееше со телото, а неговата лојалност не престана ниту откако го пронајдоа спасувачите - пишуваат хрватските спасувачи.

Семејството на планинарот известува дека Норт сега е безбеден и се одмара по херојскиот подвиг.


Извор: 24sata.hr
Фото: Тwitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот