X
 09.05.2024 Живот

Сакате куче? Ветеринарка дава одговори на клучните прашања што треба да си ги поставите

Многу често се случува многу луѓе да се одлучат да земат домашно милениче, а потоа за жал да не се грижат за него како што треба.

Би било добро да се запрашате зошто сакате куче уште на почетокот, бидејќи ако мислите дека тоа е затоа што сакате да им исполните некоја желба на децата, дека тоа би било навистина кул или дека кучето на вашиот сосед е „многу слатко“ - размислете повторно.

Пред да се одлучите за куче, би било добро да истражите која раса најмногу ќе одговара на животниот стил на вашето семејство бидејќи некои кучиња се поактивни и бараат повеќе секојдневни активности, додека други се попогодни за потивок семеен живот. Според ветеринарката д-р Ивана Ќошевска, идеалното семејно куче треба да биде толерантно и трпеливо, но секое семејство има свои потреби и динамика, како што секое дете има различно ниво на енергија.

- При изборот, треба да внимавате потребите на кучето да бидат во согласност со вашите навики и начин на живот. Ако сте активно семејство кое поминува многу време во природа, можеби ќе ви одговара една од поактивните раси. Или можеби поминувате повеќе време во затворен простор, па би ви одговарала некоја од потивките, помалку активни раси - вели ветеринарката.

Таа додава дека треба добро да размислиме каков е нашиот секојдневен живот и како новото милениче би се вклопило во нашата рутина.

- Дали сме многу активни и поминуваме многу време во природа? Или најчесто сме дома? Дали имаме деца или други миленичиња кои би требало да се приспособат на новиот член на семејството? Кои се нашите финансиски можности? Дали ќе земеме куче на кое му е потребна редовна нега на крзното? Дали кучето ќе биде само многу време кога сме на работа? Како ќе организираме подолги отсуства, на пример, годишни одмори и други патувања. Да го земеме кучето со нас или да организираме дадилка? И со сите овие прашања треба да се земе предвид дека кучето е живо суштество и како такво ја носи сета непредвидливост на животот (здравствени проблеми, проблеми во однесувањето...) - предупредува Ќошевска.

Посвојување или купување

Секако, новата улога на сопственикот носи и низа обврски, како што се редовните вакцини.

- Должност на секој сопственик е да обезбеди соодветни услови за својот миленик во форма на сместување, храна и ветеринарна нега. Секое куче мора редовно да се вакцинира против беснило и да се чипира. Се препорачува и редовна вакцинација против заразни болести и чистење од цревни паразити и редовна заштита од надворешни паразити (болви, крлежи). Исто така, согласно Законот за заштита на животните, сопственикот на миленикот е должен да се грижи животното да не е опасно за животната средина, преку соодветно воспитување или едукација и други мерки во врска со чувањето и движењето на миленикот - вели ветеринарката.

Денес, додава таа, има тренд на зголемување на посвојувањето кучиња.

- Доколку сакаме да посвоиме кученце, треба да земеме предвид дека во првите месеци тоа ќе ни биде апсолутен приоритет, бидејќи како и кај децата – тоа што ќе го вложиме, ќе ни биде вратено. Тоа е чувствителен период, во кој треба да се одвои многу време за социјализација и воспитување на кучето. За некои тоа оди без проблеми, особено ако се работи за кученце од сериозен одгледувач, кој веќе има направено голем дел од работата. Но, понекогаш може да потрае со месеци. За жал, голем е бројот на луѓе што сакаат одредена раса, но за да заштедат пари, решаваат да добијат куче преку оглас од нерегистриран одгледувач и многу често се случуваат низа проблеми (од проблеми со здравјето до проблеми во однесувањето) - вели д-р Ќошевска.

Младо или возрасно куче

Посвојувањето возрасно куче има многу предности.

- Особено кога станува збор за посвојување, можете да го земете кучето на приспособување за да видите како се вклопува во семејството и дали можете да му го обезбедите тоа што му треба. Волонтерите од здруженијата за удомување ќе ви помогнат и со совети, така што нема многу изненадувања во тој случај - додава таа.

Што се однесува до купувањето куче, постојат голем број правила.

- При изборот на одредена раса, освен изгледот, треба да се има предвид и темпераментот и склоноста кон одредени здравствени проблеми. Сериозен одгледувач ќе ве води низ сè. Дефинитивно треба да изберете проверена одгледувачница. Луѓето често сакаат да заштедат пари или се нетрпеливи и веднаш сакаат куче, па посегнуваат по огласите - потенцира ветеринарката.

Исто така, добро би било пред доаѓањето на новиот член во семејството децата веќе да имаат можност да се дружат со кучиња.

- На децата треба да им се објасни дека кучето е живо суштество кое исто така може да биде осамено, тажно, да чувствува болка и може да му биде досадно или да е нерасположено, исто како нив. Никогаш не оставајте многу мали деца со куче без надзор, исто како што никогаш не би оставиле многу мали деца да си играат сами, за да избегнете можна повреда на детето или кучето. Кученцата, особено кога им никнуваат заби, имаат тенденција да гризат сè што ќе им дојде при рака, затоа погрижете се да ги отстраните од негов видик каблите за напојување, играчките што може да се проголтаат, вредните предмети и сл. Доколку имате друго милениче, важно е постепено да го воведувате новото и да му дозволите на постарото милениче да се оддалечи, ако не сака да биде во иста просторија. Дајте им време, ако на почетокот не се најдобри, да се запознаат со свое темпо - советува таа.

Она што треба да го знаете, истакнува ветеринарката, е дека миленикот е голема повеќегодишна заложба, бара многу време, понекогаш жртви и финансиска одговорност, за да му се обезбеди сè што му треба.

-Тоа е живо суштество со свои потреби и вие треба да му ги исполните. Домашните миленици бараат многу внимание, време и работа и не се земаат како подарок на дете или затоа што сме виделе некаде такво куче и ни се допаднало, туку доаѓаат во нашето семејство како полноправен член - заклучува ветеринарката.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот