Домашните миленици се извор на радост и утеха за многумина. За некои, грижата за милениче е исполнување на денот, за други е плус физичка активност.
Во суштина, постои милениче за секој тип личност, а луѓето во голема мера се благодарни за тоа што имаат друштво, возвраќајќи ја безрезервната љубов со посветена грижа.
Веројатно никој нема да се изненади што едно од најпопуларните миленичиња во светот е кучето. Овие домашни миленици можат да ве придружуваат во поголемиот дел од вашиот живот. Кучињата стануваат полноправни членови на семејството.
Но, постои еден мит што кружи уште откако кучето му стана најверен пријател на човекот, а тоа е дека една човечка година е еднаква на седум кучешки години. Овој мит неодамна беше побиен од ветеринарот д-р Хантер Фин. Тој на „Тик-ток“ објави видео кое подоцна стана вирално со 4,2 милиони прегледи, во кое објаснува за броењето на годините на кучето.
- Сите велиме дека една човечка година е еднаква на седум кучешки, нели? Но, тоа не е вистина - вели д-р Фин и продолжува информирајќи дека 1 човечка година значи дека кучето остарело за 31 човечка година.
Иако 1=31 се чини страшно, не треба да паничите.
- Една кучешка година е еднаква на 31 човечка година. А 2-годишно куче има 49 години. Но, важно е да знаете дека 2-годишно куче нема 62 години. Всушност, 7-годишно куче е еднакво на 62 човечки години, а 8-годишно
куче е еднакво на 64 години. Стареењето се намалува со годините, што може да обезбеди малку утеха за сопствениците на кучиња. Пресметката може да е премногу сложена за некои луѓе, особено за оние што имаат постари кучиња, но информацијата служи за многу важна цел - едуцирање - вели докторот.
Затоа што ако ја знаете соодветната возраст на кучето, можете подобро да се грижите за него.
Замислете го тоа вака: колку сте постари, толку повнимателни треба да бидете со вашето здравје. На 10-годишна возраст се качувате на дрво за една минута, а на 40-годишна возраст нема да успеете. Со текот на времето телото станува помалку пргаво и се соочува со повеќе проблеми. Истото важи и за вашето куче. Aко вашето куче е близу 5 години, неговото здравје е поблиску до здравјето на 50-годишен маж, па веројатно му се потребни почести прегледи.
Истражувачите од Медицинскиот факултет на Универзитетот на Калифорнија објавиле истражување кое се фокусира на метод за утврдување на староста на клетката, ткивото или организмот. Создадената формула е пренослива по видови и покажува дека кучињата созреваат и стареат доста брзо во текот на своите први години, достигнувајќи зрелост за помалку од една година.
- Ова има смисла кога ќе размислите подобро. На крајот на краиштата, деветмесено куче може да има кученца, така што веќе знаевме дека односот 1:7 не е точна мерка за возраста - вели Треј Идекер, еден од авторите.
Дискусијата за возраста на кучињата е во тек и меѓу сопствениците на кучиња, но и меѓу научниците. Во 2013 година, во списанието „Американ натуралист“ се појави истражување кое открива дека поголемите раси на кучиња стареат побрзо од помалите. За големите кучиња, животот како возрасен е побрз, што резултира во тоа што умираат помлади, иако нема одговор зошто.
Пред неколку години дури и „Американскиот клуб за кучиња“ се огласи со оваа тема, наведувајќи дека за помалите кучиња една човечка година е 15 кучешки, додека за поголемите тоа се 12. Сепак, според нив, овие бројки ги менуваат местата како што поминува времето, што значи дека поголемите кучиња побрзо ќе остарат: по 5 човечки години, малите кучиња се 36-годишни, додека големите 45-годипни. И, секако, постојат средни пресметки за кучиња од мешани раси.
Извор:
Bored Panda
Фото: Freepik