X
 03.01.2023 Образование

Загрижувачки тренд - Република Српска затвори 23 училишта и 81 одделение

Во најновата публикација „Ова е Република Српска“ се наведува дека просечниот број на основци во паралелка е 17, додека просекот во земјите од Европската Унија е од 25 до 30 ученици.

Како што се наведува во публикацијата, на почетокот на учебната 2021/2022 година во основните училишта во Република Српска учеле 85.533 основци. Во споредба со 2020/2021 година, бројот на ученици во основните училишта е намален за 1.241, или 1,4 отсто. Бројот на паралелките е намален за 9, а бројот на наставниците е намален за 22.

За пет години, бројот на училиштата во Република Српска се намалил за 23, бројот на паралелки за 81, додека бројот на ученици се намалил за 5.837.

Кога станува збор за средните училишта, на почетокот на учебната 2021/2022 година биле запишани 35.615 ученици, што во споредба со 2020/2021 година е намалување од 2,2 отсто. За споредба, во учебната 2017/2018 година во средните училишта биле запишани 39.831 ученик.

Причините за ваквата состојба се многубројни и повеќеслојни и секако не треба да се заборави фактот дека правото на слободно раѓање е во основата на секоја модерна цивилизација.

Сепак, сите демографски експерти се согласуваат дека има многу области во кои државата и институциите можат да дејствуваат, ако сакаат и ако знаат како.

Но, ревизорскиот извештај покажува дека мерките што беа донесени во Република Српска во претходните години, со цел да се поттикне раѓање и одржлив демографски развој, се донесени ад хок, без цел и без анализа.

Како што е наведено во ревизорскиот извештај, во периодот 2002-2020 година, само врз основа на негативниот природен прираст, Република Српска загуби над 75.000 жители и моментално ѝ недостигаат околу 7.200, или околу 43 отсто деца за замена на генерации на годишно ниво.

Оваа мошне важна и сложена тема, која со години е присутна на Балканот, за жал, сè уште не добила никакво внимание од носителите на одлуки.

Затоа што помалку ученици и студенти, за пет до десет години, значи многу помала работна сила отколку што има во моментов, а тоа повлекува потешко функционирање на економијата. Од друга страна, бројот на пензионери значително ќе се зголеми во истиот период, што автоматски значи повеќе пари наменети за пензии.

Во исто време, демографите предупредуваат дека сегашната демографска слика е сè уште добра, но во следните неколку години се очекува масовно заминување на помладата популација.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование