Ненси Атвел веќе 40 години се води по максимата дека читачките навики се стекнуваат и создаваат во училницата, а се консолидираат дома. Како професорка и креатор на центарот за учење и читање во Мејн, САД, постигнала нејзините ученици од седмо и осмо одделение да читаат во просек по 40 книги годишно. И тоа да го прават од задоволство.
Атвел вели дека клучот е во тоа учениците сами да одлучуваат што сакаат да читаат. За тоа да се постигне, би било идеално да постои доволно богата понуда на книги во кои би биле опфатени сите теми што ги интересираат учениците. Во библиотеката треба да има доста интересни приказни, кои ќе им го привлечат нивното внимание.
Времето и просторот што се резервирани за читање се од пресудно значење за ученикот да чита од задоволство. Поради тоа, Центарот за учење и читање изобилува со полици преполни со книги, како и фотелји и големи перници каде што учениците можат да се сместат за да читаат.
Воспитувачот со својата работа ги следи учениците. Тоа подразбира да ги слуша додека читаат наглас, да ги учи да ги нагласуваат речениците или, пак, да им го објаснува значењето на зборовите што им се непознати. Работата со ученикот продолжува и по самото читање. Тогаш ученикот се охрабрува да разговара за она што го прочитал, па дури и да пишува за истото. Писмата во кои учениците даваат свое мислење за книгите зборуваат за значењето што одредена книга го има за нив и се вообичаена практика во Центарот.
Тука се практикува и индивидуално и редовно следење на напредокот на учениците, кое многу се разликува од вообичаените начини за проверка на знаењето. Тестовите и усните презентации не се од голема корист за учењето, смета Атвел.
Таа вели дека 4 децении искуство се заслужни за тоа што таа научила дека нејзината работа се состои од читање, уживање и препорачување младинска книжевност на децата што ги подучува. Една од главните точки на нејзиниот метод е и листата со препораки за читање кои се составени од самите ученици.
Меѓу нејзините ученици има читатели од различни нивоа: дислексичари, па и брзи читатели и префинети книжевни критичари. Но, сите тие, уверува
Атвел, имаат заедничка карактеристика – сакаат книги. Пронаоѓаат свои интереси, потреби, борби и соништа во приказните кои се наоѓаат во нивната библиотека. Учат за различните човечки искуства и започнуваат да сфаќаат што е она што ги интересира и што би можеле да направат за да станат тоа што го посакуваат.