X
 14.10.2021 Наша тема

Речиси 70 отсто од родителите се против тестирање на децата за ковид-19, покажа анкетата на Факултети.мк и Деца.мк

Најголемиот дел од родителите сметаат дека децата не треба да носат маски на часовите. Учениците седат еден до друг со маски кои несоодветно ги носат или воопшто не ги носат. Да се скрати бројот на часови. Вака се премногу групирани во мала просторија и заразата е неминовна.
- Има и такви што се сомневаат во овие мерки. Така родител на дете од 8 до 10 вели дека преку тестирањето им внесуваат наночестички на децата директно во мозоците.
- Се работи за отров, не треба да се дозволи ова - посочува родителот.


Речиси 70 отсто од родителите не би се согласиле нивното дете да биде тестирано за ковид-19, како дел од скринингот на учениците во основните и во средните училишта, кој пред една недела го најави Министерството за здравство.
Иако, според здравствените власти, засега состојбата во училиштата е стабилна, ваквото тестирање треба да даде точни информации и сознанија за понатамошно управување со пандемијата во образованието.
Ова е резултатот од анкетата што изминатите денови ја спроведоа порталите Факултети.мк и Деца.мк, на која беа прашани родителите дали би дозволиле нивните деца да бидат тестирани за ковид-19 во училиште.

Најмногу заинтересирани да одговорат на оваа анкета биле родителите чии деца се на возраст од 6 до 8 години, односно одат во првите одделенија од основното образование, или 35,5 отсто.
Потоа следуваат родителите чии деца се од 8 до 10 години, или 20,7 отсто.
Најмал интерес за одговарање на прашањата изразиле родителите чии деца се средношколци и се на возраст од 14 до 18 години, помалку од 10 отсто.
Истовремено, најголемиот дел од родителите сметаат дека децата не треба да носат маски на часовите. Предлагаат тие да бидат изземени од протоколите зашто во иднина тоа ќе се одрази врз здравјето на децата.

Од почетокот на учебната година голем дел од родителите укажуваа на ризикот од физичко присуство во училиштата и бараа промена на моделот на настава.
Според најавите, со скринингот ќе бидат опфатени околу 8.200 деца, пропорционално дистрибуирани по општини според бројот на ученици. Скрининот ќе трае пет дена и дневно треба да се тестираат по околу 1.600 деца. Мобилни екипи ќе одат на терен и ќе го вршат тестирањето за време на часовите.



66,5 отсто од родителите не сакаат скрининг на своите деца


На прашањето дали би се согласиле вашето дете да биде тестирано за ковид-19 во училиште одговориле 1.808 испитаници, од кои 66,5 отсто (или 1.203) од нив дале негативен одговор. Преостанатите 33,5 отсто (или 605), пак, дале потврден одговор.
Родител на дете од 6 до 8 години смета дека не треба да има тестирање зашто на таа возраст се премали и тоа за нив ќе претставува малтретирање.
-Доколку се сомневаме на настинка/грип, сигурно не би го пуштиле да оди на училиште -додава тој.
Родител на средношколец посочува дека треба сите ученици да бидат тестирани, а не по случаен избор, зашто само во тој случај ќе има реална слика за состојбата во училиштата.
- Може да се случи тоа дете што не е тестирано да биде позитивно и да биде преносител, а тоа што е тестирано да има негативен тест и каков е ефектот тогаш - заклучува тој.
Родител на дете од 8 до 10 години не сака неговото дете постојано да биде оптоварувано со ковид-темата.
- Доволно е што пет часа во училиште носи маска на лицето. Со тестирањето ништо не се добива зашто може веќе следниот ден или наредна недела да фати вирус. Ако детето има симптоми, треба родителите да го тестираат - објаснува тој.
Револтирани родители велат дека треба наставниците и другиот персонал да се тестираат.
- Тестирајте ја учителката што не е вакцинирана, а не децата - додаваат тие.

Сомнеж и предрасуди кај родителите


Меѓу родителите има и такви што велат дека преку тестовите нивните деца ќе се претворат во експеримент.
Родител на дете од 10 до 12 вели дека неговото дете не е глувче, па да се вршат тортура и експерименти врз него.
- Далеку од умот е сега да се посега по децата. Децата не треба да носат маски, ниту пак да се тестираат - додава тој.
Има и такви што се сомневаат во овие мерки. Родител на дете од 8 до 10 вели дека преку тестирањето им внесуваат наночестички на децата директно во мозоците.
- Се работи за отров, не треба да се дозволи ова - посочува тој.
Друг посочува дека оваа мерка се прави заради политичка манипулација.
- Потребно е некој тендер со тестови да се заврти (некој и на тоа да заработи) или поминаа возрасните, па сега да удриме по децата - додава тој.

Начин да се откријат асимптоматските случаи

Оние над 30 отсто од родителите што би се согласиле нивните деца да бидат тестирани сметаат дека тоа е логична мерка во време на пандемија. Најголем дел од нив посочуваат дека овој скрининг е единствениот начин навреме да се откријат позитивни асимптоматски случаи и да се изолираат.
Родител на ученик од 16 до 18 години вели дека тестирањето е во насока на детекција на асимптоматски случаи, нивна изолација, а со цел превенција на ширењето и можни мутации на вирусот.
- Ако сакаме децата да ни одат во училиште, треба да се види колку од нив имаат антитела, колку се болни, колку не го прележале вирусот. За да може да се одржува редовна настава со физичко присуство, а со тестирањето побрзо ќе се открие дали има заразени.
Родител на дете од 12 до 14 години смета дека учениците треба редовно да се тестираат.
- Има многу деца што вирусот го поминуваат асимптоматски. Така го поминаа и моите две деца, ама нè заразија сите дома - додава тој.

Тестирање за ковид-19 или жигосување на децата?

Околу 70 отсто од анкетираните сметаат дека со скринингот нема да се намали ширењето на вирусот во училиштата. Велат дека за да има ефект, тестирање треба да се изврши истовремено на сите деца во училиштето. Во спротивно, ова ќе биде проформа мерка и нема да го даде реалниот резултат.
Многумина се сомневаат во веродостојната на тестовите. Стравуваат дека на тој начин ќе се создаде страв и поделба кај децата, доколку некое добие позитивен резултат на тестот.


- Не сакам детето да биде жигосано ако испадне позитивно на вирусот - вели еден родител.
Друг смета дека тестирањето нема цел да се направи скрининг, туку да се извадат бројки на т.н. асимптоматски преносители на вирусот меѓу учениците.
- Тие бројки потоа ќе се искористат за наметнување нови мерки, присилно вакцинирање на децата и слични лудости - посочува родител на дете од основно училиште.
Над 30 отсто од испитаниците, пак, сметаат дека со ваквиот скрининг навреме ќе се детектираат децата што се позитивни и со тоа ќе се намали контактот на заразените со здравите деца.
- Ако има голем број тестирања во училиштето, ќе има евиденција на асимптоматско ширење на вирусот, а притоа и стопирање, односно изолација на тие дечиња - додаваат родителите.
Некои од анкетираните велат и дека родителите на училиште ги пуштаат своите деца иако се настинати или болни.
- Се надевам дека откриените позитивни деца ќе бидат пратени во изолација. И се надевам дека овој скрининг ќе поттикне поширок, задолжителен скрининг. Ако ги откријат позитивните навреме и ги пратат во изолација, нормално дека ќе се намали ширењето на вирусот - додава родител на средношколец.

Нема доволно хигиена во училиштата

На прашањето дали сегашните протоколи во училиштата се доволни за заштита на децата одговориле 1.808 родители. 55,5 отсто (или 1.003 испитаници) дале негативен одговор, а 44,5 отсто (или 805 испитаници) одговориле позитивно.
Поголемиот дел од родителите сметаат дека во школите нема доволно протоколи за заштита на децата, односно дека сите протоколи се само за сликање и за на хартија.
- Децата немаат нормални услови за одење во тоалет (на пример, немаат тоалетна хартија, немаат сапун, немаат бришачи за раце, ниту антибактериски гелови.) Клупите каде што седат не се чисти, училниците се полни со прашина. Моето дете секојдневно си доаѓа со валкани ракави, од лактот до зглобот на раката, што покажува дека клупите во кои учениците седат воопшто не се чисти, а не, пак, да им е направена дезинфекција - вели родител на основец.



Друг смета дека недоследно се почитува протоколот за носење маски, а препорачаната дистанца меѓу учениците не е запазена, и не постојат просторни услови за тоа.
- Учениците седат еден до друг со маски кои несоодветно ги носат или воопшто не ги носат. Да се скрати бројот на часови. Учениците до петто одделение не треба да имаат повеќе од четири часа. Вака се премногу групирани во мала просторија и заразата е неминовна. Да се укинат маските во училиште. Дополнително временските услови што ни претстојат ќе го ограничат и проветрувањето на просториите - посочува тој.

Многумина од родителите велат дека овој скрининг на децата треба да биде воведен во редовните протоколи во училиштата и да се спроведува еднаш до двапати неделно.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема