X
 23.03.2019 Образование

Гостување на академик Таки Фити на Економски факултет - Прилеп

На 13 март 2019 година Претседателот на Македонската академија на науки и уметности, академик Таки Фити на Економски факултет-Прилеп одржа пригодно предавање на тема:  „Нобеловата награда за економија со посебен oсврт на новиот лауреат Пол Ромер“. Ова предавање наиде на голем одзив кај студентите и професорите во Факултетот, а истотобеше организирано во рамките наодбележувањетона 40-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. КлиментОхридски“ -Битола.

Како што истакна академикот Фити, за многумина Нобеловата награда претставува синоним за престиж во науката и едно од највисоките признанија за остварените научни достигнувања. Кога Алфред Нобел, само една година пред неговата смрт, во 1895 година, ја етаблирал оваа награда, таа опфаќала пет области: физика, хемија, медицина, литература и мир, а првите нобелови награди биле доделени во 1901 година. Во релативно поново време, односно во 1968 година, по повод прославата на 300-годишнината од своето постоење Шведската национална банка ја воведува Наградата за економија во чест на Алфред Нобел. Куриозитет е тоа што оваа награда не е официјална Нобелова награда, но сепак нејзиното објавување и доделување се прави паралелно со другите награди. За првпат, Нобеловата награда за економија била доделана во 1969 година на холандскиот економист, Јан Тинберген и неговиот норвешки колега, Рагнар Фриш за развојот на применети динамички модели во анализата на економските процеси.Оттогаш, па сé до денес оваа награда ја имаат добиено повеќе од седумдесет економисти.

1

Доколку се направи осврт на сите претходно доделени награди по економски науки, може да се забележи голема хетерогеност во областите на коишти тие се однесуваат. Сепак, според природата на достигнувањата за коишто е доделена, може да се направи класифицикација на неколку доминантни подрачја. Една од најстудиозните класификации е направена од страна на познатиот шведски економист, Линдбек, којшто ги издвојува следниве подрачја: теорија на општ еквилибриум, макроекономија, микроекономија, интердисциплинарни истражувања и нови методи во економската анализа.

2

Во групата лауреати чиј придонес се однесува на теоријата на општ еквилибриум, ќе ги споменеме: Самуелсон, Ароу, Хикс, Дебре и други. Придонесот во оваа категорија во голема мера се однесува на аналитичката структура на теоретските економски модели, често пати преку потенцирање на формалните сличности на овие структури и појаснување на условите за конзистентност, еквилибриум, стабилност и ефикасност на економските системи. Најчесто, придонесот вклучува значајни компаративно-статички експерименти, т.е. анализа на промената на рамнотежните состојби, како резултат на промени на различните егзогени фактори.

3

4

Голем број од доделените награди се однесуваат на макроекономијата, т.е. гранка на економската анализа што го објаснува однесувањето на националната економија во целина преку бројни агрегати, како што се: приватната потрошувачка, инвестициите, извозот, увозот, владината потрошувачка на производи и услуги и сл. Некои од придонесите во ова поле се однесуваат на одделни сектори во рамките на националната економија, додека други ја опфаќаат целокупната национална економија. Како позначајни меѓу нобеловците од областа на макроекономијата можат да се споменат: Фридман за неговите достигнувања во анализата на потрошувачката и монетарната теорија, Модилјани и Тобин за пионерските анализи на финансиските пазари, Лукас за развојот и примената на теоријата на рационални очекувања, Солоу за придонесот во теоријата на економскиот развој, Кидленд и Прескот за временската конзистентност на економските политики и движечките сили на бизнис циклусите и др.

5

6

Исто така, голем број нобелови награди за економија се доделени за придонес во микроекономската теорија, којашто се однесува на донесувањето одлуки од страна на индивидуалните домаќинства и компании, како и алокацијата на ресурсите меѓу различната употреба според производните сектори во стопанството. Како позначајни меѓу лауреатите од областа на микроекономијата се следниве: Стиглер за неговите истражувања на индустриските структури и функционирањето на пазарите, Акерлоф и Стиглиц за анализата на пазарите со асиметрични информации, Мертон и Шолс за новите методи за определување на вредноста на деривативите и др.

Неколку нобелови награди за економија се доделени на еконоомисти кои го прошириле доменот на економската анализа во нови подрачја. Така, на пример, творецот на теоријата на јавен избор, Џејмс Бјукенан, е добитник на наградата за неговото истражување на границата меѓу економијата и политичката наука. Слично, Гери Бекер истражува на границата меѓу економијата и социологијата, така што неговиот придонес се однесува на проширувањето на доменот на макроекономската анализа врз широк спектар на човековото однесувања и интеракции. Од друга страна, Сајмон Кузнец спроведува емпириски истражувања на границата меѓу економијата и историјата, додека неговиот придонес се согледува во емпириски заснованата интерпретација на економскиот раст. На ова место, вредно за напоменување е и делото на Амартија Сен за неговиот придонес во економијата на благосостојба, при што неговото истражување, во голема мера, се темели на филозофски размисли.

Покрај претходно навдените области на економската наука, Нобеловата награда за економија во повеќе наврати е доделена за развивање нови методи во економската анализа. Меѓу заслужните добитници во оваа група се првите ноблеовци, Фриш и Тинберген, а покрај нив можат да се споменат: Васили Леонтиеф за развој на инпут-аутпут методот, Џон Неш за пионерската анализа на еквилибриум во теоријата на некооперативни игри, Хекман и Мек Фаден за развој на микроеконометријата како нов метод во емпириската анализа на индивидуалното однесување, Енгл и Гренџер за развој на применети статистички методи за проучување на временската динамика на пазарите и националните економии и др.

8

9

Најновите лауреати за Нобеловата награда за 2018 година се Вилијам Нордхаус за неговиот придонес во интегрирањето на климатските промени и Пол Ромер за интегрирањето на технолошките иновации во долгорочните макроекономски анализи.Пол Ромер, во своето дело покажал на кој начин знаењето може да функционира како двигател на долгорочниот економски раст. Во тој контекст, тој покажува како економските сили управуваат со желбата на компаниите да произведуваат нови идеи. Централната теорија на Ромер која беше публикувана во 1990 година, објаснува зошто идеите се разликуваат од останатите добра и бараат посебни услови за успех на пазарот.

И покрај големото значење, сепак, Нобеловата награда за економија се карактеризира и со некои контроверзи на кои академикот Фити се осврна со посебен интерес. Имено, меѓу добитниците очигледна е доминацијата на американските економисти, кои сочинуваат околу 70 проценти од целокупниот број добитници. Исто така, во критериумите за доделување доминантен е трендот на растечко значење на квантитативните методи, вклучувајќи ги статистичкото тестирање и оценување. Во овој контекст значајно е да се истакне дека, и покрај престижноста, оваа награда не се смета за инструмент што влијае врз насоката на новите економски истражувања. Причината за тоа, пред сé, е заради фактот што при изборот се поставуваат широки плуралистички критериуми, а исто така се акцентира и повеќедимензионалната природа на економските истражувања.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование