Каде отиде креативноста и слободниот дух на македонскиот студент? Во старите, непрактични наставни програми или во намалениот кредибилитет на дипломата од македонски факултет? Или можеби едното е причина за другото? Или можеби се работи за повеќе?
Можеби е заради смешните задолжителни пракси кои се вршат правејќи кафе на адвокати, нотари, доктори, сметководители и банкари? Од кога потписот на лист хартија, кој потврдува само дека се направени најмалку 30 средно благи кафиња наместо стапување во контакт и запознавајќи се со проблематиката, логиката и техниката на работење е поважна од внесениот дух на вечно љубопитниот ум? Од кога оценките од средното училиште треба да ги прогонуваат идните студенти при упис на факултет? Од кога приемниот испит ја изгуби својата функција и место на факултетите кои денес ги печатат дипломите со брзината на светлината и хиперпродуцираат високообразовани кадри? Боже, од кога магистар е касиер во маркет?!? Во окови, му останува на студентот вештачки да си ја продолжува бесцелната младост, квадрирајќи два испити три години по ред или запишувајќи постдипломски студии. Дали спасот ќе го најде во чекање на ред да си седне во фотелјата на државниот службеник кој пуши цигари директно под знакот за забрането пушење во внатрешноста на нашиот пренатрупан систем на државна бирократија платен со даноците од оскудниот приватен сектор и хонорарците? Или директно ќе оди во живо на еден од инфицираните телевизиски канали, цепајќи партиски книшки на опозицијата или малите партии кои никогаш до сега немале шанса да се обидат да ги санираат проблемите на државата?
Зошто мора студентот пред медиумите да ја изјаснува својата политичка неутралност? Дали тој е девијант ако застане позади својот став? Од кога мислата која не е во склад со ставот на владеачката група во државата мора да се етикетира како лоша или опозициска или контрапродуктивна? Од кога владејачкото мнозинство се поистоветува со државата? Кој ќе го среди високото образование ако не се тоа студентите, шетаните, младите и информираните во тек со актуелните образовни трендови? Сигурно не првиот човек во образованието со мозочна маса во големина, волумен, текстура и тежина на зрно грашок.
#ПоздравСтуденти
#ПријателОдСтранство
Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.